Сексолошко воспитување

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Потребно е младиот човек да се оспособи за полновреден, здрав и општествено прифатлив полов, брачен и семеен живот.

Во нашата јавност, како меѓу наставниците и родителите, така и меѓу младината, сé повеќе се укажува потреба за сексолошко воспитување на децата и младината. Сé почесто се поставува барање на младата генерација да и дадеме позитивно воспитување за среќен полов живот. Таа појава не значи некое помодарство или нечиј инает, туку е израз на позрело гледање на проблемите на психичкото и социјалното здравје на нашите деца, на младината. Тоа, всушност, е израз на поголема зрелост на нашата младина што сега подобро ги забележува сопствените тешкотии. Затоа прашањето на половото воспитување веќе не може да се игнорира.

Дали е потребно сексолошко воспитување на децата и младите?

Честопати се поставува прашањето дали воопшто е потребно сексолошко воспитување. Не е мал бројот на луѓето што тврдат дека истото не е потребно. Најчесто тоа го докажуваат со тврдењето дека половиот живот на човекот се заснова на природни потреби што се од нагонски карактер, па природата “сé сама ќе си направи” како што најдобро и одговара. Затоа, навидум, нема смисла да се плеткаме во природниот тек на работите, бидејќи со некакво воспитување би можело да се наштети на младината и да и се отежне во успешното снаоѓање во сексолошкиот живот. Луѓето што со такви аргументи се обидуваат да докажат непотребност на сексолошко воспитување очигледно забораваат дека човечката сексуалност е многу посложена појава отколку што тоа на прв поглед изгледа. Таа воопшто не се состои само од нагонски потреби, туку во исто време е многу сложена психолошка и уште посложена општествена појава. А психолошката и социјалната компонента на половоста не е нешто што е дадено однапред, не е нешто наследно или на било кој начин предодредено. Напротив, душевната и општествената надградба на биолошката основа на човечката половост се формира во текот на животот, се менува, се дотерува или се расипува во текот на целиот живот, а најмногу во текот на детството. Сето тоа се одвива под дејство на средината, односно низ низа различни фактори што на личноста и даваат животно искуство па така и даваат материјал што претставува нејзина основа.

Во рамките на развојот на личноста се изградува и нејзината полова компонента. Како човекот субјективно ќе реагира на својата половост, како ќе се вклучи во својот општ животен план, каков став ќе заземе кон другиот пол, како својата половост ќе ја употреби во меѓучовечките односи – зависи од тоа во каков однос личноста се наоѓа со заедницата во која што живее и работи, која таа ја создава и која неа ја оформува.

Вториот приговор на барањето за сексолошко воспитување се состои во мислењето дека во нашите сегашни прилики сексолошкото воспитување е непотребно трошење на труд и време, односно дека е луксус. Тоа се настојува да се докаже со тоа што кај нас, наводно, нема некои поголеми сексуални проблеми. Се кажува дека има поважни проблеми на кои треба да им се даде предност во нивното решавање, а не да се троши време на споредни работи. Да се изнесуваат такви тврдења, значи да не се познава животната вистина.

Несреќниот полов живот ја оштетува личноста

Познато е дека половиот живот е еден од најтешките проблеми на современиот човек и дека тој станува сé посложен и посложен колку што човекот повеќе и повеќе психички и културно се развива. Една од најчестите болести на модерниот човек се неуротичните нарушувања, а тие тегоби најчесто се последица од нерешените сексуални проблеми. Голем број на жени трпат од полово студенило, а многу мажи патат од пречки на потенцијата. Тоа ги прави да реагираат неуротично. Тоа, пак, дејствува на нивната работна способност и им ја намалува општата виталност. Животните разочарувања, незадоволството и личната трагедија што човекот го кочат во неговата продуктивност и го доведуваат во конфликт со околината, исто така, често потекнуваат од нарушувањето во половиот живот. Повеќе има несреќни, неуспешни и несредени бракови отколку што има среќни и успешни сексуални заедници. Несреќниот брак ја труе атмосферата во семејството. Тоа, пак, ги оштетува сите членови во него, посебно децата. Несреќен полов живот на родителите често е причина за тешки грешки во воспитувањето на децата, а лошото воспитување може значајно да го оштети психичкото здравје на детето.

Од сето тоа произлегуваат две принципиелни претпоставки:

1. Не треба да се дискутира за тоа дали е потребно или не е потребно половото воспитување. Имено, младите веќе се воспитуваат за половиот живот и секогаш се воспитувани, иако за тоа се ретко свесни. Но, за жал, тоа воспитување често е негативно. Можеби е најнегативно токму тоа што таа задача се одбива од себе, систематски се игнорира и притоа се замислува дека на младата генерација не се врши никакво влијание во однос на прашањето за половоста, туку дека таа работа и се препушта на природата. Според тоа, потребно е да се дискутира само за тоа како треба да се исправат грешките во сексуалното воспитување и истото да се направи позитивно.

2. Позитивното полово воспитување не е никаков луксуз. Тоа е општествена потреба зашто значи систематска борба против големи здравствени и социјални тешкотии. Се поставува прашање: во што се состои позитивното полово воспитување? Пред сé, треба да се ослободиме од заблудата дека сексолошкото воспитување се сведува на давање на некакви информации за анатомијата и физиологијата на органите за размножување и за природата на половите болести. Сé е тоа само дел од сексолошкото воспитување, и тоа помалку важна поединост. Да се оспособи човекот за полов живот што подеднакво ќе го задоволи и него и неговиот партнер, а воедно да биде корисен и за заедницата во која тие луѓе живеат и работат, значи да се развие во таа личност здрав, зрел, реален и социјално позитивен чувствителен став кон сопствениот пол, кон личностите од спротивниот пол и воопшто кон прашањето на половоста.

Сексолошкото воспитување започнува од првиот ден на животот

Според тоа, многу повеќе треба да се дејствува на чувствителниот живот на човекот отколку на неговото интелектуално богатство. Честопати луѓето меѓу себе си поставуваат прашања кога треба да се почне со сексолошко воспитување, дали во пубертетот или пред него. Ни тоа прашање не треба да се поставува, бидејќи сексолошкото воспитување, како и воопшто воспитувањето, почнува од првиот ден на животот, без разлика дали ние тоа го сакаме или не. Затоа и свесно, позитивно сексолошко воспитување треба да почне од почетокот на животот, а не може да се рече кога треба да заврши; што подолго трае, тоа е подобро. Во пубертетот детето влегува со ставови кон половоста со голема зграда од искуство, сознанија, надзор, ставови, емоции, заблуди, разочарувања, страв и други психички содржини од областа на човечката половост. Ако навреме не се спречи изопачување на чувствителниот дел на младата личност, односно, ако детето не е подготвено со правилно воспитување за подготовка на пубертетските тешкотии, тогаш во пубертетот ќе мора да се превоспитува и да се лекува, а не тогаш да се воспитува и спречува. А ова, последното, е секогаш потешко од првото.

Обично се мисли дека сексолошкото воспитување претставува посебна активност што треба да ја спроведуваат специјални стручњаци. Тоа е заблуда. Сексологијата не е нешто одвоено во нашиот живот, туку е вградено во вкупната човечка личност и нејзината дејност. Затоа со општото воспитување на детето нужно се изградува и сексуалниот дел од неговата личност. Само мал дел им припаѓа на посебни информации, поуки, совети или на некои одредени постапки кон детето, на пример, во врска со специфични сексуални проблеми, како што е мастурбацијата, половата радозналост и др. Поголемиот дел од сексолошкото воспитување не може да се одвои од општото воспитување. Затоа сите се воспитувачи: родители, учители, стручни воспитувачи, детските лекари, детските негувателки, т.е. сите оние луѓе што доаѓаат во подолг контакт со децата и младината, секогаш истовремено се и нивни сексуални воспитувачи. Никој од нив не може да ја избегне таа должност зашто се поставени пред алтернатива: или да воспитуваат правилно или да воспитуваат погрешно – трета можност нема.

Родителите и другите воспитувачи треба да бидат пред децата искрени и отворени кога станува збор за прашања што се однесуваат на половиот живот. Потребно е да се ослободат од штетната навика пред децата да се кријат или да се искривуваат основните факти на сексуалниот живот за да не се развие противполов став. Децата ги преземаат неприродните ставови кон половоста, а со тоа им се отежнува успешното снаоѓање во сексуалниот живот.

Сексолошкото воспитување е неопходно во формирањето на здрава личност

Сексолошкото воспитување треба да проникнува низ вкупното семејно воспитување и во целата наставновоспитна дејност во училиштето. По сите предмети, а посебно по природните науки, па по историја, литература, т.е. и по општествените науки можат да се обработуваат сексолошки проблеми на сосема природен начин и без посебно нагласување на половоста. Во повисоките години на средните училишта можат да се организираат посебни курсеви, било во рамките на редовната настава, било надвор од неа, на коишто ќе се обработува тематика од брачниот и семејниот живот и воспитувањето на децата. Само со таква систематска работа во текот на целиот развој на младата личност, може младината да се оспособи за среќен полов, брачен и семеен живот.

 

-aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 14.10.2011

Последна вест

Најчитани статии - животен стил