Видови контрацепција – придобивки и ризици од нивното користење

доктор на медицина

Луѓето отсекогаш барале начини како целосно да уживаат во сексот без да се грижат за несаканата бременост или добивањето на некоја полово пренослива болест. Примарната улога на контрацепцијата е да не заштити од несакана бременост, додека секундарната улога која ја имаат некои контрацептивни средства е, освен од несакана бременост, да не заштити и од полово преносливи болести. Треба да напоменеме дека не секоја контрацепција штити од полово преносливи болести, бидејќи тоа не е нејзината примарна задача. Во светот постојат безброј разни физички или орални контрацептиви, а нивната ефикасност е индивидуална. Денес ќе објасниме нешто повеќе за светски најпопуларните типови на контрацепција како и придобивките и ризиците кои ги имаме при нивната употреба. Правилната употреба на контрацепциските средства може да го намали ризикот од несакана бременост за повеќе од 90%. Прочитајте и проценете која од следниве контрацепции Вам најмногу Ви одговара.

КОНДОМ

Кондомот е убедливо најприфатливата физичка контрацепција која ја користат најголем процент од луѓето во светот. Познат е уште под името перзерватив, а направен е од латекс или некој друг сличен материјал. Се навлекува на пенисот и служи како бариера помеѓу површината на пенисот и епителот на вагината, не дозволувајќи излегување на семената течност надвор од него. Тие можат да се најдат во различни големини, но стандардизираната големина во најголем процент одговара на секого. Исто така тие можат да се најдат во различни дебелини, бои и мириси, со мазна или рапава површина, и разни други модификации за подобрување на сексуалното уживање. Најважно е кондомот правилно да се употреби за да се сведат на минимум сите ризици. Тој е сместен на врвот на листата на контрацептиви кои штитат од полово преносливи болести.

Придобивки: Кондомот е флексибилен, брзо се мести и вади, лесно се пренесува, најдостапен е за купување, ефтин, штити од најголем процент на полово преносливите болести.

Ризици: Пукање за време на однос (особено при неправилна употреба), несакана бременост (3-5%), алергии на латекс. Ризиците се минимални, а при алергија на латекс се кориси кондом направен од друг сличен материјал, а може да се набави во сите аптеки.

ЖЕНСКИ КОНДОМ

Женскиот кондом има иста улога како и машкиот. Тој се користи така што се навлекува внимателно во вагината и прави слеп отвор, односно го заштитува отворот на цервиксот на матката од навлегување на семената течност во него. При пенетрацијата треба да се внимава да не се пенетрира низ кондомот. По завршувањето на односот, кондомот се вади со помош на прстенчиња кои се наоѓаат на рабовите, а кои исто така го ограничуваат навлегувањето на кондомот во вагината. Освен како нормална контрацепција тој се користи и кај жените кои имаат намален вагинален секрет, бидејќи кондомот е обложен со доволна количина на лубрикант тој го олеснува пенетрирањето.

Придобивки: Заштита од полово преносливи болести, заштита од несакана бременост (слична на онаа кај машкиот кондом).

Ризици: Кинење на кондомот, промашување на отворот и пенетрирање од страната, скап е и потежок за местење во споредба со машкиот кондом.

СПИРАЛА

Спиралата е многу користена контрацепција во светот. Се користи така што се поставува во матката, но исклучиво од страна на гинеколог. Таа таму може да остане некаде до 5 години. Нејзината функција е да ја оневозможи средината за сперматозоидите и благодарејќи на супстанците кои ги содржи таа е смртоносна за сите сперматозоиди и не дозволува јајце клетката да биде оплодена. Мора да се напомене дека спиралата никако не не штити од полово преносливи болести.

Предности: Штити од бременост до 98%, долготрајна контрацепција, еднаш се мести и останува за долго.

Ризици: Воспалителни процеси, крварење, оштетување на матката, можен е зачестен нагон за мокрење и развој на бактериски инфекции, тешка е за местење. Спиралата е за оние кои сакат да се решат од постојаната контрацепција на подолг временски период, претпазливи и жени кои често посетуваат гинеколог што е неопходно додека спиралата е внатре.

ДИЈАФРАГМА

Дијафрагмата е мало парче на гумен материјал, кој се внесува длабоко во вагината и таму останува најмогу 24 часа. Дијафрагмата функционира на тој начин што го обложува отворот на цервиксот и го заштитува од навлегување на семена течност. Дијафрагмата треба првиот пат да ја постави доктор, за да бидете сигурни дека е на вистинското место (но, не е неопходно), бидејќи нејзиното поставување е сложено и бара искуство. Важно е да не се вади 6 до 8 часа по односот, но и да не се заборави повеќе од еден ден. Оваа контрацепција не може да не заштити од полово преносливи болести.

Придобивки: Мала е и незабележлива, партнерот може дури и да не знае дека ја носите, можете да ја наместите однапред.

Ризици: Полово преносливи болести, неправилно местење, тешка за употреба, алергии. Дијафрагмата ја користат често жените кои не сакаат да останат бремени и тоа го кријат од својот партнер.

ХЕМИСКА КОНТРАЦЕПЦИЈА

Оваа контрацепција е во вид на таблета или спреј кој се става во вагината или се прска на пенисот. Нивната улога е под дејство на температурата на телото да се растопат и да ја променат најчесто Ph средината на вагината правејќи ја неповолна за сперматозоидите. Оваа котрацепција се употребува ретко иако се смета за доволно безбедна. Таа, исто така, не може да не заштити од полово преносливи болести.

Придобивки: Не правиме бариери и имаме слободен однос, лесни се за употреба.

Ризици: Иритации и благи воспаленија на слузокожата кои се најчесто безопасни, скапи се за купување.

ПРЕКИНУВАЊЕ НА ОДНОС

Најчестата контрацепција, особено кај нас. Тоа значи вадење на пенисот пред ејакулација и ејакулирање на страна. Ова е можеби и најризичната контрацепција поради тоа што мал број сперматозоиди можат неосетно да излезат и да навлезат во вагината без ние тоа да го почувствуваме.

Придобивки: Секс без бариери на сосема природен начин.

Ризици: Висок ризик од полово преносливи болести, висок ризик од несакана бременост.

ПИЛУЛАТА „ДЕН ПОТОА“

Пилулата „ден потоа“ е контрацепција која се внесува орално. Таа, како и сите останати орални контрацепции, не може да не заштити од полово преносливи болести затоа што се внесува преку уста. Начинот на делување на пилулата „ден потоа“ се состои од низа процеси кои делуваат врз слузокожата на матката, правејќи го ендометриумот отпорен на јајце клетката, односно не и дозволува вгнездување на јајце клетката и започнување на бременоста. Оваа контрацепција ја користат жените кои сметаат дека имале ризичен сексуален однос и дека е можно да се оплодени. Со земањето на оваа таблета се започнува најбрзо што може, најефикасна е во рок од 48 часа по ризичниот сексуален однос (две дози на 12 часа). Овие таблети не се наменети за постојана контрацепција, туку само во случаи на итност и затоа се наречени итна или ургентна контрацепција.

Предности: Предноста е очигледна, спречува евентуално настаната бременост.

Ризици: Може да се јави силно повраќање, гадење и нелагодности па поради ова не се користи како редовна контрацепција.

СТЕРИЛИЗАЦИЈА

За да се пристапи кон овој тип на контрацепција треба мошне добро да се размисли, затоа што станува збор за процедура од која што нема назад. Кај жените се пресекуваат јајцеводите, а кај мажите семената врвка и се подврзуваат. Во овој случај не се губи потентноста ниту има било какви особени други ризици, сепак после ова не може повторно да се врати способноста за оплодување.

Ова кај нас се прави единствено само ако медицински е неопходно, додека во другите земји се прави по желба. Жените почесто се одлучуваат на ваков чекор за разлика од мажите, но истражувањата покажале дека голем дел од нив подоцна се каат за постапката.

АПСТИНЕНЦИЈА

Е ова е 100% сигурна контрацепција, не носи никаков тип на ризици ниту пак придобивки. Апстиненција од секс, односно немање секс е единствена контрацепција која може да Ви загарантира заштита од несакана бременост. Било кој друг вид на контрацепција има шанси да потфрли, дали поради неправилна употреба или поради некоја друга причина - сепак шанси постојат.

КОРИСНИ СОВЕТИ:

  • Забременување е можно и при првиот сексуален однос, затоа нека не Ве лаже митот дека при првиот сексуален однос бременоста е невозможна.
  • Не менувајте ги често партнерите бидејќи така ризикувате да се заразите од некоја сексуално пренослива болест, а нивниот третман знае да биде особено тежок.
  • Никогаш не употребувајте еден кондом повеќе од еден пат.
  • Никогаш не помислувајте дека тоа секогаш му се случува на некој друг, на крајот на многу болен начин може да се убедите во вистината.

Ако забележите неколку од овие симптоми:

  • Доцнење на менструацијата,
  • Зачестено мокрење,
  • Гадење или повраќање,
  • Промени во вкусот,
  • Промени во апетитот,
  • Замор,
  • Нагла промена во телесната тежина,
  • Нагли промени во расположението,

...проверете дали можеби Вашата контрацепција сепак потфрлила.

Како што рекле старите филозофи, за време на сексот и боговите им завидуваат на луѓето. Водете љубов разумно и заштитете се, не дозволувајте рајските моменти на страст подоцна да станат Ваш пекол, од било која причина.

 

 

Дознајте повеќе за авторот  Д-р Роберт Николовски

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

www.doktori.mk, 03.05.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил