Тиква - симбол на есента

Ема Танаскоска
креативен соработник

Есенскиот зеленчук од кој се приготвува слатка храна, содржи важни антиоксиданти и многу хранливи материи. 

Тиквата е еден од зеленчуците кои ја претставуваат есенската исхрана. Од плодот кој се бере почнувајќи од октомври може да се приготви супа, пита, пире, пијалок, колачи, леб, додека пак неговите семките можат да се консумираат како здрава ужина.

Овој зеленчук е дел од традицијата на празникот "Ноќ на вештерките", кој иако е оригинално католички - се празнува низ целиот свет. Покрај носењето костими, вообичаено за овој празник е резбањето тикви и приготвување најразлични рецепти со нив. Темата на празникот вклучува претставување на смртта, зло, митски чудовишта, а традиционалните бои се црна и портокалова.

Портокаловата боја на овој зеленчук кажува дека истиот содржи важни антиоксиданти. Важната здравствена придобивка од тиквата е големата количина антиоксиданти од групата каротеноиди, посебно алфа и бета-каротен. Антиоксидантите му помагаат и го зајакнуваат имунолошкиот систем. Бета-каротенот влијае врз намалувањето на ризикот од рак, штити од настанување на болести на срцето и го забавува процесот на стареење. Бета-каротенот во организмот се претвора во витамин А, кој пак има важна улога во целокупното здравје. Тиквата содржи многу мала количина масти и калории,од една страна и  високо ниво калиум од друга страна. Исто така, таа е добар извор на витамин С и многу минерали, меѓу кои ќе ги споменеме магнезиумот, калциумот и железото.

Тиквата содржи поголема количина вода, поради што таа е идеален избор за ужина со мала количина масти.

Здравствени придобивки

  • Тиквата изобилува со каротеноиди кои придонесуваат за нејзиниот жолт, портокалов и црвен пигмент и имаат неколку различни здравствени придобивки. Тие го заштитуваат окото од апсорбирање на сина светлина и можат да го намалат ризикот од развој на макуларна дегенерација.
  • Бета-каротенот кој се наоѓа во неа е моќен антиоксидант и има анти-воспалителни својства. Помага во спречувањето на таложењето на холестерол во артериските ѕидови, со што се намалуваат шансите за мозочен удар.
  • Тиквата е богата и со алфа-каротен, за кој се верува дека го забавува процесот на стареење и ја спречува појавата на катаракта.
  • Овој зеленчук има некои здравствени ефекти врз машките полови органи со кои ги прави поздрави и поцврсти. Корисна е во случаи на импотенција или стерилност.
  • Големата количина растителни влакна е добра за здравјето на дебелото црево.
  • Калиумот пак, е поврзан со намалување на ризикот од хипертензија, додека присуството на цинк го зајакнува имунолошкиот систем и ја подобрува густината на коските.

Една шолја зготвена несолена тиква содржи:

  Количина %ДПК
Калциум 37 мг 4%
Магнезиум 22 мг 6%
Железо 1.4 мг 8%
Калиум 564 мг 16%
Витамин А 12231 IU 245%
Витамин С 11.5 мг 19%
Протеини  2 гр 4%
Калории 49 2%

%ДПК - Процент од дневната препорачана количина

Приготвување

Доколку сакате да јадете само тиква, можете да ја испечете и зачините со цимет или др. зачини, или да направите пире од варена тиква. При приготвувањето на тиквата, откако ќе ја исчистите од семките, не ги фрлајте бидејќи освен што се вкусни обезбедуваат и здравствени придобивки. Семките можете да ги сварите, испечите или исушите.

Семки од тиква

Семките од тиква се добар извор на хранливи влакна и моно-незаситени масни киселини, кои се добри за здравјето на срцето. Покрај тоа содржат и протеини, минерали и витамини. 100 грама семки од тиква содржат 559 калории, 30 гр протеини, дневно препорачаната количина железо, ¾ од дневно препорачаната количина цинк, но не и холестерол.

Здравствени придобивки од семките од тиква

Некои од придобивките од семките од тиква се следните:

  • Го подобруваат целокупното здравје на простатата и ги ублажуваат проблемите при мокрење поврзани со зголемена простата. Во некои истражувања семето од тиква ја подобрило функцијата на мочниот меур кај испитаниците. За подобри резултати се препорачува користење масло од семките од тиква. 
  • Содржат L-триптофан, природно соединение за кое се докажало дека е ефикасно против депресија.
  • Бидејќи се богати со цинк, тие се природен заштитник од остеопороза.
  • Познато е дека намалуваат воспаленија, без да предизвикаат несакани дејства од анти-воспалителни лекови.
  • Истражувањата покажале дека помагаат да се спречи создавање на калциум оксалатни камчиња во бубрезите.
  • Во многу култури се користат како природен третман против тении и други паразити. 
  • Семките од тиква содржат фитостероли, соединенија за кои се покажало дека го намалуваат нивото на холестерол и кои штитат од многу видови рак.
  • Семките се добар извор на магнезиум; ½ чаша семки содржат 92% од дневното количество кое треба да се внесува.

Искористете ја можноста и уживајте во вкусните и здрави плодови на есента!

 

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

 

најчитани статии од авторот >>>

 

Миленичињата го подобруваат нашето здравје

Жежок vs ладен туш

Масажа на грб за релаксација

Чудотворниот сок од житна трева

Појадок за победници

Брокула - моќен лек против канцер

Витамини и минерали - азбука на здравјето

Што знаете за јајцата

Здрава и убава коса

Зачинете го животот

 

објавено 2011-10-24, обновено 2012-10-31

www.doktori.mk, 31.10.2012

Последна вест

Најчитани статии - исхрана