Алергија на храна

доктор на медицина
Рубрика: Алергии

Алергиите и интолеранциите на храна ги засегаат скоро сите истовремено. Луѓето често имаат непријатна реакција на нешто што претходно јаделе и се прашуваат дали тоа претставува алергија на храна. Еден од тројца луѓе даваат информација дека имаат алергија на одредена храна или пак дека ја модифицирале домашната исхрана спрема член на семејството за кој имаат сомнение дека има алергија на некој вид храна. Меѓутоа, само 5% од децата имаат клинички потврдена алергиска реакција на храна, додека кај адолесцентните и возрасните индивидуи алергијата на храна е застапена со приближно 4% од тоталната популација.

Алергија vs интолеранција

Разликата помеѓу клинички потврдената преваленца на алергија на храна и јавната перцепција за проблемот делумно се должи повеќе на реакциите наречени “интолеранција на храна” отколку на алергиите на храна. Алергија на храна или хиперсензитивитет е абнормална реакција која е поттикната од страна на имуниот систем, додека имуниот систем има мала одговорност за симптомите кои се јавуваат во случаи на интолеранција на храна, иако во одредени случаи симптоматологијата наликува една на друга. На пример, да се биде алергичен на млеко е тотално различно од состојбата кога организмот не е во состојба да го дигестира млекото правилно заради интолеранција на лактоза.

Од исклучителна важност за луѓето кои имаат вистинска алергија на храна е да се идентификуваат и да се превенираат алергиските реакции. Истите можат да бидат причина за разорувачки болести, а во одредени случаи знаат да бидат и фатални.

Кога треба да се помисли на алергиска реакција на храна?

Алергијата на храна е суспектна кога подолу дадените симптоми се појавуваат по консумирање на одреден вид храна:

  • КОЖА - црвенило, осип и чешање (уртикарија);
  • ГЛАВА - црвенило и отоци на очните капаци, свраб, отекување на усните, задебелување на јазикот и мекото непце (во одредени случаи изразено до степен да предизвикува потешкотии во дишењето), секреција од носот и задебелување на назалната мукозна мембрана (затнат нос);
  • СТОМАК - напнатост, нагони за повраќање, болки (грчеви), дијареа, гасови;
  • РЕСПИРАТОРЕН СИСТЕМ - кашлање, кивање, потешкотии со дишењето и свирење во градите, засипнување на гласот и сл.

Алергиите на храна и сличните на нив алергии (од конзерванси, прехранбени бои и сл.) се во драстичен пораст од година во година.

Кои алергии се најчести?

Кај возрасни, најчесто алергиски реакции предизвикуваат следните видови храна:

  • Кикиритки (легуминози кои се една од најчестите причини за анафилакса, нагол пад на артерискиот притисок кој може да биде фатален ако не се истретира соодветно и брзо);
  • Ореви;
  • Јастози, ракови, краби, остриги и сл.;
  • Млеко;
  • Јајца.

Кај децата ситуацијата е малку поинаква. Најчестата алергија на храна кај децата е алергијата на јајца, млеко и кикиритки. Возрасните обично не можат спонтано да ги изгубат алергиите, што кај децата во одредени случаи е возможно, особено кога станува збор за алергија на млеко, јајца, соја итн. Најчесто, алергиските реакции се насочени кон храна која почесто се консумира. Во Јапонија, на пример, алергијата на ориз е многу почеста, за разлика од Скандинавија, каде многу почеста е алергијата на еден специфичен вид на морска риба.

Вкрстени реакции кај алергија на храна

Доколку постои живото-загрозувачка алергиска реакција на одредена храна, се препорачува избегнување на секоја слична храна која може да предизвика реакција. На пример, доколку некој има историја на алергија на шкампи, тестирањата најчесто ќе откријат дека истата индивидуа не е алергична само на шкампи туку исто така и на краби, јастози и сл. Ова се нарекува вкрстена реактивност. Уште еден интересен пример на вкрстена реактивност се појавува кај луѓето алергични на ливадска амброзија (short ragweed). За време на поленизација на амброзијата, овие луѓе забележуваат дека при јадење на диња имаат чешање во устата и едноставно не можат да го јадат овошјето. Слично, луѓе со алергија на полен од бреза, многу често имаат вкрстена реакција на лушпа од јаболко. Сето ова го претставува таканаречениот “синдром на орална алергија”.

Дијагностика

Многу важен момент во дијагностицирањето на алергијата на храна е диференцијалната дијагноза т.е. правењето разлика помеѓу алергија и интолеранција на храна.

Останата диференцијално дијагностичка опција е контаминација на консумираната храна со микроорганизми, како на пример бактерии и нивните токсини.

Исто така, постојат природни супстанци, како на пример хистаминот, кој може да го има во високи количини во одредени сирења, некои вина, некои видови на риба - особено туна итн. (посебно кај риби кои не биле складирани соодветно во ладилници па се создава хистамин по потекло од бактерии со кои е контаминирана рибата).

По јадењето на ваква храна, а заради високите нивоа на хистамин, може да настане реакција многу слична на алергиската, наречена хистаминска токсичност.

Алергиски Бележник

Со оглед на масивноста и комплексноста на проблемот, потребни се детални и точни описи (анализи) со цел полесно пронаоѓање на конкретната причина и намалување на бројот на неопходни испитувања со цел детекција на предизвикувачот на алергиите.

Токму затоа, се препорачува користење на Алергиски Бележник, во кој внимателно и максимално детално ќе започнете да ги забележувате сите симптоми и околности кои можат да бидат поврзани со храната и пијалоците кои што се консумираат, со што значително ќе придонесете за олеснување и скратување на процесот на дијагностицирање и детекција на точниот алерген кој ја предизвикува Вашата алергија.

Што да забележувате во Алергискиот Бележник?

  • Опишете ги сите симптоми кои што се појавуваат.
  • Секаква поврзаност што ја знаете или во која се сомневате помеѓу овие симптоми и консумирањето на одреден вид храна, миризби од храна (како на пример лук, поховани билки, зеленчук итн.) или пак пијалоци кои сте ги конзумирале.
  • Забележете кога ги добивате симптомите: веднаш по консумирањето, подоцна (1-2 часа) или пак станува збор за доцни реакции (до 12 часа).
  • Забележете точно и прецизно што се консумиравте, дали храната била свежа или готвена, топла или ладна.
  • Направете забелешка дали исти или слични симптоми се појавувале порано. Доколку се сеќавате, забележете секаква поврзаност помеѓу храната и овие симптоми, особено од аспект на тоа дали истите симптоми се поврзуваат со консумирањето на истата храна (како на пример тврдо овошје). Времето, тежината и траењето на симптомите варира во широки маргини.
  • Забележете присуство на било каква друга алергија или преосетливост што ја имате (или сте ја имале) во исто време со веќе споменатите симптоми, на пример паралелни алергии на полен од леска, јасен, бреза, трева или други видови на билки (пр. диво нане).
  • Забележете ја сезоната т.е. периодот од годината во кој се појавуваат симптомите (цела година или одредени месеци т.е. годишни времиња). Забележете во кој период од годината симптомите се најизразени.

Ако ваквиот начин на набљудување Ве наведе да се посомневате дека одредена храна или пијалок ги поттикнува вашите симптоми, тогаш немојте да ги консумирате. Забележете кој вид на симптоми Ви се појавуваат по консумирање на одреден вид на храна или пијалоци.

Ова набљудување и бележење мора да се спроведува подолго време (неколку недели или во одредени случаи и месеци) со цел собирање на задоволително ниво на податоци со чија помош ќе се потврди дијагнозата и ќе се постави соодветниот терапевтски режим.

Важноста на Алергискиот Бележник е многу голема за Вас и Вашиот доктор, всушност истиот би требало да биде основа во поставувањето на дијагнозата. Овие белешки во Вашиот Алергиски Бележник морате да ги правите подолго време (недели па и месеци) бидејќи тој е од исклучително значење.

Од дополнителните испитувања, Вашиот доктор ќе изврши кожни алерго тестови, тестирања на крвта (RAST или ELISA), а можеби и тестови за орална провокација. Дополнително можат да бидат ординирани тестови на повлекување и многу веројатно дијагностичка диета – таканаречена елиминациона диета.

Терапија

Терапијата за алергијата од храна, соодветно на природата на проблематиката, е навистина сложена. Најважниот принцип за третман е превенција и избегнување на храна и пијалоци кои поттикнуваат алергиска реакција. Останатите терапевтски можности сега засега се ограничени на симптоматска терапија, бидејќи се уште не е развиена специфичната имунотерапија (вакцини) против алергии причинети од храна.

 

Останати статии од рубриката >>>

 

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 10.10.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина