Доктори.мк | Не постои биолошка причина да јадеме три пати на ден, зошто тогаш го правиме тоа? | ne-postoi-bioloska-pricina-da-jademe-tri-pati-na-den-zosto-togas-go-pravime-toa | Портал за медицина и здравје

Не постои биолошка причина да јадеме три пати на ден, зошто тогаш го правиме тоа?

Пораснавме верувајќи во три оброци на ден. Кога прескокнуваме оброци, јадеме дополнителен оброк или ја рушиме парадигмата – шпагети за доручек, палачинки за вечера – се чувствуваме лошо и нервозно. „Три оброци дневно“ звучи како фраза од Библијата.

Но, се работи за културна конструкција.
 
Луѓето во светот, посебно оние од Западот, немаат секогаш три оброци на ден. Моделот „три оброци дневно“ е конвенција од понов датум, која сега е потисната, како и се друго, па јадењето се повеќе станува работа на личен избор. Што, кога и колку често јадеме се помалку зависи од изборот на нашите семејства, соработници и други, а се повеќе и повеќе од желбите, личниот вкус и омилените стилови. На изборот сега многу често влијае маркетинг шемата, како таа која ја промовира Тако Бел за јадење доцна во ноќта, позната како „Четврти оброк: Оброк меѓу вечерата и доручекот“. „Како и кога ќе јадеме“ денес е како полнење на нашиот iPod.
 
Многу нови студии бараат одговор на прашањето какви ефекти на здравјето има земањето на три оброци во текот на денот. Нивните наоди се далеку од конечните. Студијата на Американското Министерство за земјоделие откри дека земањето на само еден оброк во текот на денот, за разлика од три нормални, ја намалува телесната тежина и масното ткиво, но го зголемува крвниот притисок. Истражувањето на Националниот институт за стареење откри дека земањето еден обилен оброк дневно, за разлика од три вообичаени, ја зголемува отпорноста на инсулин и нетолеранцијата на гликозата: две главни карактеристики на дијабетес од типот 2.
 
Студијата на Универзитетот од Мастрихт покажа дека земањето најмалку четири мали оброци дневно го намалува ризикот од дебелина за 45%. Холандските истражувања, исто така, укажаа на тоа дека луѓето кои го прескокнуваат доручекот повеќе се здебелуваат од тие кои редовно доручкуваат. Студијата на Универзитетот Отава откри дека земањето на многу оброци дневно не предизвикува слабеење.
 
Така направи и Францускиот центар за научни истражувања, кој го отфрли консумирањето на повеќе оброци дневно: „Епидемиолошките истражувања кои сугерираат дека повеќето оброци се поврзани со слабеењето се екстремно чувствителни на методолошки грешки“, предупредуваат нивните автори.
 
Истражувањето кое го спроведе Универзитетот Беркли покажа дека еднодневниот пост – еден ден пост, а следниот се јаде без ограничување – може да го намали ризикот од болести на срцето и ракот.
 
Истражувањето на ефектите кои настануваат од чести оброци е менливо, поради тоа што тоа вклучува многу варијабили: нутритивната содржина, времето во текот на денот, вежбите, генетиката. Така научничкото жири се уште не се огласува.
 
- Не постои биолошка причина за земање на три оброци на ден, вели Пол Фридман, професор по историја на Универзитетот Јејл, автор на книгата „Историја на вкусот“.
 
- Колку пати ќе јадеме на ден, во кое време и која храна, тоа „се културни модели, ништо поразлични од тоа колку блиску ќе стоите кога зборувате со луѓето или што да правите со своето тело кога зборувате. На луѓето им одговараат моделите на однесување затоа што се предвидливи. Ние се навикнавме на идеата за три оброци. Од друга страна, нашите распореди на обврски и нашите желби таа идеа секојдневно ја рушат се повеќе и повеќе, вели Фридман.
 
Во текот на поголемиот дел од историјата, оброците биле прилично променливи. - Средновековните селани од северот на Европа „го почнувале денот со пиво или леб или и двете, потоа на поле носеле храна и јаделе обилен оброк попладне, вели Фридман. - Тие можеле да имаат ручек во два попладне или во шест навечер, или пак подоцна – во зависност од работата, сезоната и други фактори. Навечер не јаделе премногу. Тогаш вечерата не била тоа што станала во последните два века.
 
Склоноста да се јаде на дневна светлина не била поради тоа што се сметало дека тоа е поздраво, туку затоа што готвењето, консумирањето и чистењето било потешко во темница или при светлина на оган.
 
- Луѓето кои не биле богати настојувале да ги имаат сите три оброци пред да се стемни. Откако била измислена електричната струја, во почетокот само богатите можеле да ја користат, вели Фридман. - Оттогаш па наваму, едно од обележјата на богатството било јадењето доцна навечер. Земањето на храна откако ќе се стемни, бидејќи имате електрична енергија, било знак за висок статус, урбаност и одреден ранг.
 
Да се јаде доцна или во било кое време или на пример повеќе од три пати на ден, исто така одразувало нечија дистанца од двете главни сили кои во Америка ги стандардизирале трите дневни оброци: конвенционалниот работен распоред и традиционалниот семеен живот.
 
Во текот на 20 век, повеќето работници можеле да јадат само во посебно време.
 
- Кога ќе засвирела фабричката сирена во пет часот, тоа е време да се оди дома и да се руча. Но, сега Американците јадат подоцна поради тоа што работат подолго од порано или поради тоа што нивното работно време сега е пофлексибилно. Ние го напуштаме моделот за три оброци на ден поради тоа што и членовите на семејствата имаат различни дневни распореди, како и поради фактот дека децата не сакаат да јадат исто што и нивните родители. Идеата да им се дозволи на децата сами да ги изберат своите оброци и времето за јадење, била шокантна неколку децении порано, кога на семејната маса во текот на ручекот била актуелна мантрата – Јади тоа што има во чинијата, или – Јади грашок или нема колачи.
 
Но, семејната маса за јадење излезе од употреба. Што се случи прво: распаѓањето на стандардното семејно јадро или пропаста на моделот со три оброци?
 
- Американските родители имаат посебен вид на вина во врска со исчезнувањето на семејните оброци, вели Фридман. Можеби поради добра причина: Најновото истражување на Универзитетот од Минесота откри дека вообичаените заеднички семејни ручеци ја подобруваат исхраната, успешноста и вештината на меѓусебното однесување и го намалуваат ризикот од неумереност во исхраната. Електронските апарати исто така го срушија моделот на три оброци дневно. Тие одеднаш се центри на забава, работни простории и речиси другари на човекот. Нивната преносливост и постојана присутност ни дозволува да јадеме кога ќе престанеме да работиме, а да не ни биде досадно и да не чувствуваме дека сме сами додека јадеме.
 
- Исчезнувањето на семејните ручеци претходи на изумот на рачните електронски апарати“, вели Фридман. „Тоа не доведе до тоа, но со нив дојде до влошување. Сега, дури и ако се седне заедно на маса, не е јасно дали сите кои седат обрнуваат внимание едни на други.
 
Моделот на три оброци дневно, исто така беше на удар на индустријата за храна. Индустријата за храна сака да купите повеќе храна, што не тера да јадеме што е можно повеќе и почесто. Тоа имаше ефект, бидејќи Американците секогаш сакале да потрошат.
 
Бумот на местата каде можело да се седне да се јаде почна кон средината на 20 век и тоа не престанува. Глобалната снек (snack) индустрија доживеа процут во руинираната економија и се проценува дека до 2015 година нејзината вредност ќе достигне до 330 милијарди долари. Само во САД малопродажбата на пакувани ужинки порасна од 56 на 64 милијарди долари од 2006 до 2010 година, а се очекува да достигне до 77 милијарди долари до 2015 година.
 
Нејасната линија меѓу ужинката и главните оброци ги промени сите работи. - Долгорочна последица е тоа дека било кој дел од денот стана време за јадење. Слабеењето на моделот за три оброци дневно и растот на ужинките се поврзани, иако не би сакал да кажам дека постои директна врска, вели Фридман. Друг вид стратегија на индустријата на храна е создавање на посебни видови на храна, базирани на возраста, етничката припадност, полот, животниот стил и локацијата. Пред неколку децении сите јаделе иста храна.
 
- Сега постои храна за деца, постои храна за тинејџери и постои храна за возрасни, па така некои родители купуваат три пати повеќе храна, за разлика од нивните родители. Со нив се манипулира така што им се создава чувство на вина: Толку сум зафатен цела недела и толку малку квалитетно време посветувам на своите деца, па најмалку што можам да направам за нив е да им овозможам да јадат тоа што сакаат, а не да инсистирам на тоа сите заедно да јадеме иста храна.

извор: МИА

AlterNet.org

www.doktori.mk, 21.10.2011

Последна вест

Најчитани статии - исхрана