Доктори.мк | Бубрежни камчиња – Видео анимација | bubrezni-kamenja-video-animacija | Портал за медицина и здравје

Бубрежни камчиња – Видео анимација

Бубрежните камчиња се цврсти кристални агрегации кои се формираат од минералите или органските материи во урината. Можат да бидат со најразлична големина и да настанат во било кој дел од уринарниот систем – бубрезите (нефролитијаза), мочоводите (уретеролитијаза) и мочниот меур (цистолитијаза). По хемиски состав најчести се калциум-оксалатните камчиња или воопшто оние кои содржат калциум. Постојат и струвитни, уратни, цистински камчиња итн.

Причини за настанување

Камчињата се формираат поради најразлични причини:

  • Дехидратација;
  • Состојби на хиперкалциемија;
  • Уринарни инфекции и други бубрежни заболувања;
  • Ексцесивна протеинска диета итн.

Ренална колика – colica renalis

Бубрежните камчиња се придвижуваат по уринарниот тракт. Доколку се помали – се исфрлаат надвор без да ги заприметиме. Но, поголемо камче може да предизвика опструкција на уретерот (мочоводот), а сето тоа се манифестира со силна и неиздржлива болка во долниот дел на грбот, која се шири кон слабините и гениталиите – ренална колика. Реналната колика е пропратена со чувство за гадење и повраќање, урегентно и болно мочање, чувство на ургентна дефекација итн.

Опструкцијата на уретерот може да предизвика и секундарна инфекција, со што состојбата станува покомплицирана.

Погледнете ја оваа видео анимација за бубрежните камчиња:

Дијагноза

Дијагнозата се поставува според типичната клиничка слика на ренална колика, ехо на абдоминалните органи и лабораториските анализи од крвта и урината.

Третман

Третманот е најразличен и зависи од големината на камчето, клиничката слика и функцијата на бубрегот.

  • Основа на терапијата е хидрација, корисно е пиењето на увин чај, чај од брусница итн. Со пиењето течности и честото уринирање се врши механичко чистење на уринарниот тракт;
  • При напад на бубрежна колика, парентерално се даваат аналгетици и спазмолитици;
  • Доколку настане секундарна бубрежна инфекција, терапијата е покомплексна и опфаќа и антибиотици;
  • ESWL (Extracorporeal Shock Wave Lithotripsy) се користи за дробење на поголемиот камен во повеќе поситни, кои полесно се исфрлаат од организмот;
  • Во посериозни состојби се користат најразлични ендоскопски и хируршки методи.

 

Б.С.

www.doktori.mk, 11.06.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина