Главоболка

доктор на медицина

Не постои човек кого барем еднаш не го заболела главата. Овој симптом е многу чест, а воедно е и многу важен показател за нашето физичко и психичко здравје.

Што всушност претставува главоболката?

Тоа е болка која се јавува во пределот на главата или во горниот дел од вратот. Главоболката не е со потекло од мозокот затоа што тој нема рецептори за болка. Неа ја предизвикуваат атаки врз разни структури кои се наоѓаат околу мозокот (мозочните обвивки, крвните садови, периостот, мускулите, нервите, очите, ушите, синусите и сл.). Најчести причинители за главоболка се: заморот, предолгото задржување пред телевизор и компјутер, читањето, стресот и алкохолот. Сепак, таа не треба да се занемари, а особено доколку се јавува често и е со јак интензитет. Во тој случај мора да се испита нејзиниот причинител.

Примарни и секундарни главоболки

Главоболките се поделени на примарни и секундарни. Кај примарните етиологијата е најчесто непозната. Тука спаѓаат:

  • Тензиони главоболки - најчести, позади во тилот и во вратот, чувство на притисок врз главата, нема гадење, дозволуваат колку-толку нормално да функционираме. Поминуваат спонтано, но и со аналгетици доколку е потребно.
  • Мигрена - тоа е унилатерална главоболка која ја зафаќа само едната страна на главата. Често пред нејзиниот почеток се јавува аура - визуелни, светлечки сензации. Болката е силна, пулсирачка, пропратена со наузеа и повраќање, со фотофобија и фонофобија. Може да трае и до 72 часа. Потребен е мир, во темна и тивка соба.
  • Кластер главоболки - поретки се, но и најнеиздржливи. Болката е многу силна, како некој да боди со остар предмет во окото. Унилатерална е, позади едното око. Често се јавуваат во епизоди (атаки) во текот на денот, траат 30-90 мин., а може да се јават и 1-2 пати дневно. Кај кластер главоболките карактеристично е јавувањето во ист период од денот, а често го будат болниот од сон. Пропратени се со миоза, птоза на очниот капак, лакримација на атакуваното око и ринореа. Болката е неиздржлива па оние кои се жалат на неа се немирни, шетаат горе-долу низ просторијата, неспособни да се концентрираат. Етиологијата не е позната, но ако некој во фамилијата има кластер главоболки не е исклучена наследноста. Почести се кај мажи.

Во секундарни главоболки спаѓаат оние кои потекнуваат од некое примарно заболување, како на пример: тумор во мозок, менингитис, енцефалитис, крварење во мозокот, покачен крвен притисок, аневризма и сл. Тука е потребно итно третирање на причината. Болките се постојани, не поминуваат со аналгетици и пропратени се со други симптоми.

Третман и превенција на главоболките

  • добар сон, одмор;
  • да се избегне стресот - спорт, медитација и сл.;
  • здрава исхрана;
  • редовни контролни прегледи;
  • контрола на покачениот крвен притисок;
  • консултација со лекар доколку се чести и неиздржливи или на било кој начин предизвикуваат нелагодност и загриженост;
  • третирање со аналгетици (по претходна препорака од лекарот).

Останати статии од авторот >>>

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

www.doktori.mk, 30.09.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина