Како да го научите детето да сака да оди на стоматолог?

специјалист по ортодонција
Стоматолошка ординација “Дентал Арт” - Скопје

Да, и тоа е можно ....!!!!!

Кога и јас бев дете, пред многу години, не се размислуваше многу и не се разговараше за можноста посетите на стоматолог да се претворот во пријатно и нетрауматско искуство.  Најмногу што тогаш можеше да се очекува во разбирањето на детскиот страв беше – држи ја мама/тато за рака и стегни ја раката кога ќе те боли. Се разбира, без разлика дали сум ја стегала јас раката или не, исто ми беше. Стоматологот продолжуваше со работа а јас се повеќе ја губев довербата во него а за возврат стекнував страв.

Неколку години покасно од перспектива на стоматолог, сфаќам дека првите искуства кај стоматологот се провлекуваат за цел живот и доживеаните трауми не оставаат во грч при секоја помисла за одење на стоматолог.

Инспирирана од ваквите искуства, се потрудив првото, како и сите останати искуства кои ќе ги имаат децата да бидат сосема спротивни. Среќна сум што сега искуството покажа дека децата кога одат на стоматолог се осеќаат како да одат во посета на некој стар пријател кој ќе направи нешто убаво за нив и она што е најважно – со тоа создаваат одличен однос кон понатамошните лечења и превенција на болестите на забите и усната шуплина.

 

Значи, што треба да направите за вашето дете да сака да оди на стоматолог?

 

  • Одберете го правиот стоматолог

Овај прв чекор е многу важен. Би советувала секогаш да не се раководите само од звањето кое го има докторот ( а секако е нешто околу што треба да се внимава), туку да обрнете внимание и на неговото искуство и каква личност е стоматологот. За  децата да воспостават добар контакт потребно е стоматологот да биде отворена, срдечна, комуникативна и топла особа. Значи: стручна и топла особа

 

  • Најпрво сами посетете го стоматологот кој сте го одбрале

Целта на оваа посета е сами да го запознаете стоматологот и да разговарате за своето дете, за неговото искуство на стоматолог (доколку претходно бил на стоматолог), за тоа како ќе тече и што би се очекувало од првата посета на стоматолог. Внимателно слушајте ги советите на стоматологот, како целата таа “игра”би била реална кога ќе ја повторите посетата со вашето дете.

 

  • Бидете искрени со вашето дете

Не ветувајте нешто што не е реално. Важно е одењето на стоматолог никогаш да не го поистоветувате со болка. Едноставно не ја спомнувајте болката. Сите објаснувања прилагодете ги на возраста на детето. Доколку вашето дете се интересира дали ќе боли или не, важно е да ни вие ни стоматологот не го лажете детето, односно да не кажете дека ама баш НИШТО нема да боли. Довербата тешко се стекнува а лесно се губи!

 

  • Верувајте му на стоматологот

Кога детето ќе влезе во ординација, дозволете му на стоматологот да го води разговорот со детето, тој најдобро ќе знае како да манипулира со трпението на детето и да воспостави контакт. Некогаш она што се случува во ординацијата може да ви личи на театарска претстава?! Немојте да се мешате, бидете гледач одстрана и учествувајте онолку колку што ќе ве вклучи стоматологот. Послушајте ги советите кои ќе ги добиете. Тие ќе се однесуваат не само на хигиената на забите туку и на исхраната. Следењето на овие совети повеќеструко ќе ви се исплати.

 

  • Превентива

Во секоја гранка на медицината, превентивата е она што е најдобро и науспешно. Затоа, немојте да чекате да се расипат запчињата за да го однесете детето на стоматолог. Веќе на средината од втората година можете да го однесете детето на стоматолог.

 

Да заклучиме:

Доколку вложите време и труд околу првото одење на стоматолог со вашето дете, ќе бидете наградени не само со здрави запчиња на вашето дете, туку и понатамошните одења на стоматолог ќе ви поминат во пријатна атмосфера а на вашето дете ќе му поклонете нешто вредно од што целиот живот ќе има непроценлива корист.

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

www.doktori.mk, 21.09.2011

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија