Значење на игрите во вода и влијание на водата врз детето по развојни периоди

професор по физичко и здравствено образование

Игрите во вода ја зголемуваат отпорноста на организмот

Со игрите во вода, а воедно и со пливањето се постигнува она што со другите видови физичка активност не се може. Соединети, природните фактори: воздухот, водата и сонцето придонесуваат игрите на вода да заземаат значајно место во подобрувањето на здравствената состојба, физичките и функционалните особености на организмот. Систематското изложување на телото на влијанието на сончевите зраци и чистиот воздух, проследено со престој и вежбање во погуста средина каква што е водата, го јакне организмот и ја подобрува неговата одбранбена способност. Од друга страна пак, способноста на организмот да се прилагодува кон температурните разлики меѓу воздухот и водата, ја зголемува неговата отпорност и го оспособува поефикасно да се справува со разните надворешни штетни влијанија.

Адаптација во водата

Во процесот на обуката за пливање, а особено кај децата почетници, игрите во вода се неопходно и незаменливо средство. Преку нив најцелисходно се остварува адаптација кон новата, за почетниците непозната средина - водата. Позната по своето емотивно влијание, играта го одзема вниманието на почетниците, кои занесени во играта забораваат дека се наоѓаат во непознатата средина - водата, со што постепено се навикнуваат на променетите услови што водата ги создава. Играјќи се со вода, децата ги осознаваат нејзините особености, а истовремено се ослободуваат и од стравот од неа. Покрај тоа, игрите во вода служат и за успешно совладување на елементарните пливачки движења кои ќе им бидат неопходни за понатамошното "искуство" со водата.

Од тоа произлегува дека по својата намена, игрите во вода можат да се класифицираат на:

  • игри за адаптација кон новата средина;
  • игри за совладување на одделни движења од пливачките техники;
  • игри за активен одмор и зголемување на расположението.

Игрите во вода мора да имаат правила

Играта мора да има свои правила. Правилата мора да бидат кратки и јасни, прилагодени на возраста на детето и целта при исполнувањето на задачите. Поставување на претешки или прелесни правила негативно делува на играта. Претешките правила не се мотивирачки, додека пак прелесните прават на детето да му биде досадно. Таа улога треба рамномерно да се распредели на сите деца и сите треба да бидат вклучени во играта. Понекогаш главна улога во играта треба да се даде и на деца кои воопшто не се прилагодени на вода што ќе делува мотивирачки кон нив. Работата со тие деца не е лесна и вклучува дополнителни напори и трпение. Таквите деца не смееме да ги запоставиме, туку мораме напорно да работиме на отстранување на нивниот страв од вода, а адекватните игри се токму тоа што ни е потребно за да ја оствариме таа цел.

Влијание на игрите и водата по развојни периоди

Влијание на играта и водата врз новороденчето

Играта во вода ја стимулира интелегенцијата на бебето (новороденчето). Бебињата поминуваат 9 месеци во вода во утробата на нивната мајка. Затоа кога ќе го ставиме новороденото бебе во бањата тоа се чувствува добро и се смирува. Игрите во вода ги стимулираат емоциите, а преку нив и целосното развивање на бебето. „Дури и да не стане добар пливач, времето кое ќе го поминува во бањата, ќе го спријатели со водата и ќе помогне за зајакнување на мускулите“ - сметаат некои специјалисти.

Во водена средина бебето го движи слободно своето тело, многу подобро пред да ги научи тие движења на суво. Движењата во водата побрзо ги подготвуваат мускулите на телото за седење, исправување и проодување. Времето поминато во вода го стимулира емоционалниот и психичкиот развиток на бебето. Бебето се чувствува комфорно во бањата, за него тоа е момент на опуштање и одмор. Од друга страна тоа започнува постепено да се навикнува на водата и не се плаши од неа.

Влијание на играта и водата врз бебето на 4 месечна возраст

Бебето може да остане во вода околу 15 минути. Со постепено зголемување на престојот во водата бебињата на 6 месеци можат да се во вода до 40 минути, само ако бебето е задоволно и се забавува во неа. Додека бебето е се уште мало домашната бања е наполно доволна за него. Потоа е најдобро да се побара специјалист и одредено време да поминува во базен.

Влијание на играта и водата врз детето од 4 месеци до 1 година

Кога се држи детето полулегнато во водата тоа се чувствува прекрасно. Водата го стимулира психо-емоционалниот развиток. Во тој момент родителите треба да бидат многу внимателни и да ги набљудуваат реакциите на своето бебе за да реагираат правилно. Ако се опушти во водата тоа ќе сака да си легне на грб, а родителите ќе треба да му ја држат главата горе за да останат ушите суви. Убаво е кога до него ќе има разни играчки и топки за да може преку нив да легне на стомак. Сите видови шарени играчки одговараат затоа што стимулираат подолг престој во водата.

Влијание на играта и водата врз дете на возраст од 1 година до 18 месеци

Во овој период детето поседува мал фонд моторни способности, но затоа е неопходно создавање услови за спонтано движење. Први за играње се неговите раце, а подоцна и првите играчки. На возраст од 12-18 месеци веќе слободно оди, а на возраст на две години може да совлада пречки до 15 цм. Трчањето пак, му личи на брзо одење.

Всушност станува збор за основните природни движења. На таа возраст бебињата сакаат да бидат во вертикална положба. Кога ќе прооди бебето добива самостојност. Бебињата постепено осознаваат дека кога мафтаат со рачињата се подигнуваат горе над водата. Бебето само ќе сака да ги "лови" играчките под водата зашто тоа ќе му биде интересно и ќе се забавува.

Капењето се користи како форма на спонтани движења на детето. Температурата на воздухот во просторијата во која се капе треба да биде од 20-25 степени, а на водата 37 степени.

Влијание на играта и водата врз детето меѓу 18 месеци и 3 години

Со совладување на основните природни движења - одењето, трчањето и скокањето, детето веќе почнува да ја освојува временската и просторната перцепција. Така, веќе на 3-годишна возраст детето може да се движи во различни насоки, па дури и по коса рамнина; може да оди на прсти и на петици итн. На оваа возраст со децата можат да се планираат и прошетки на чист воздух (на растојание и до 1000 метри со одмор), а трчањето треба да се реализира преку игровни активности. За оваа возраст карактеристично е да се провлекува, качува, скија, плива, да вози велосипед, тротинет итн.

На оваа возраст детето многу често се плаши од водата. Тоа започнува да кажува "не" на водата и ја покажува својата самостојност со тоа како стои на работ од базенот и си игра без да влезе во водата. Треба да се има трпение. Не треба со сила да се става детето во водата. Тоа, кога ќе почуствува дека е спремно - самото ќе влезе во водата.

Влијание на играта и водата врз детето од 3 до 7 годишна возраст

Во четвртата година детето веќе може да се движи под одреден ритам (елементарно), за да во петтата година знае да маршира на музика и сл. Веќе во шестата целосно ги има усвоено основните моторни дзижења: да трча до 100м, да скока во далечина до 50 цм, а во височина до 20 цм. Морфолошкиот развој го условува и психо-моторниот развој на детето кој е условен од внатрешни и надворешни фактори. Од внатрешните -ендогени фактори особено значење има наследството, полот, ендокриниот систем, ефекторните ткива и др. Од надворешните фактори, пак би ги набројале географско-климатските услови, социјално-економските, болестите, повредите итн. Меѓутоа, во воспитно-образовната работа со децата од предучилишна возраст од особено значење во психомоторниот развој кај детето имаат телесните вежби, како и другите моторни активности - особено активностите на вода.

 

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 15.09.2011

Последна вест

Најчитани статии - вежби