Кардио водич - Како работи срцето?

доктор на медицина
Рубрика: Кардио водич

 

Неопходно за животот

Срцето е мускулна пумпа која ја придвижува крвта низ крвните садови долж целото тело. Неопходно за животот тоа работи континуирано, започнувајќи со чукање уште во првите 4 недели по зачнувањето, и продолжувајќи непрекинато се до крајот на животот.

Придвижувајќи ја крвта низ телото тоа е главната алка во транспортот на кислород и хранливи материи до органите и системите, односно до секоја жива клетка, како и во носењето на крвта кон органите кои ја прочистуваат и кон белите дробови каде таа се збогатува со кислород.

 

Каде се наоѓа срцето

Овој орган со големина на тупаница е сместен во средниот дел на градниот кош, позади градната коска и над дијафрагмата.  Благо е наклонет кон лево, поради што многумина сметаат дека се наоѓа на левата страна на градниот кош.

Градба

Срцето е изградено од 3 слоеви

  • Перикард - тоа е надворешниот слој на срцето кој го опкружува  и штити од околните органи. Перикардот всушност е виртуелна шуплина која при одредени состојби може да се исполни со течност.
  • Миокард - тоа е средниот слој на срцето , честопати и синоним за целиот орган. Миокардот е составен од мускулни клетки наречени миоцити. За нивниот специфичен начин на контракција ќе зборуваме во некоја наредна прилика.
  • Ендокард - тоа е тенок слој кој го обложува срцето од внатрешната страна.

Комори и преткомори

Срцето има 2 страни и четири шуплини. И од левата и од десната страна има по една помала шуплина - преткомора и една поголема шуплина  - комора. Левата преткомора и левата комора се одделени со меѓупреткоморна преграда, додека коморите со меѓукоморна преграда - септум. Во секој срцев циклус тие синхроно се контрахираат и релаксираат пумпајќи ја крвта која е во нивната внатрешност.

Срцеви залистоци

Нивната улога е да го насочуваат текот на крвта низ срцевите шуплини. Постојат четири срцеви залистоци(валвули):

  • Трикуспидалната валвула се наоѓа помеѓу десната преткомора и десната комора
  • Пулмоналната валвула помеѓу десната комора и пулмоналната вена
  • Митралната валвула се наоѓа помеѓу левата преткомора и левата комора
  • Аорталната валвула се наоѓа помеѓу левата комора и главниот артериски крвен сад - аортата

 

Постојано нагласуваме дека срцето носи крв низ целото тело и ги одржува во живот сите органи. Но како се храни самото срце? На почетокот на аортата, од овој најголем артериски крвен сад се одвојуваат две мали артерии – тоа се деснатa и левата срцева артерија – кои носат крв и хранливи материи во самото срце. Нивната важност во срцевата патологија е огромна и ќе посветиме многу големо внимание во иднина.

 

Артерии и вени

Артериите се цврсти еластични крвни садови кои ја носат крвта од срцето. Носејќи ја крвта тие се разгрануваат на се помали и помали гранки. Крват која тие ја носат е светла , богата со кислород. Исклучок е пулмоналната артерија која излегува од десната комора и носи крв во белите дробови.

Вените пак носат крв кон срцето. Тие започнуваат од капиларите и како што се доближуваат до срцето се спојуваат меѓусебно градејќи поголеми крвни садови. Долната шуплива вена  е крајната дестинација на крвта од долниот дел на телото, додека горната шуплива вена ја носи пак од горниот. Од овие 2 главни вени крвта се влева во десната преткомора. Крвта која ја носта вените е темна поради нискиот процент на кислород во неа. 

Кој е линкот меѓу артериите и вените?

Тоа се најмалите крвни садови – капиларите. Тие градат богата мрежа во секој орган. На ниво на капиларите крвта им ги предава хранливите материи и кислородот на клетките во разните органи.

Патот на крвта

Венската, неоксигенирана крв преку горната и долната шуплива вена доаѓа до десното срце. Од него преку пулмоналната артерија оди во белите дробови. Таму се оксигенира и продолжува преку белодробните вени во левото срце. Од левото срце крвта богата со кислород преку аортата оди кон целото тело.

Движењето на крвта низ телото се нарекува циркулација.

Целиот погореопишан систем се нарекува кардиоваскуларен систем.

 

- авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување -

 

Продолжува - Електричниот систем на срцето...

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 15.09.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина