Третман на хилоторакс

доктор на медицина

ко-автор:

д-р Јана Кировска -специјализант по анестезија-

 

Продолжува од Третирање на спонтан пневмоторакс и хемоторакс

Хилоторакс претставува насобирање на лимфа во плевралниот простор. Најчесто е предизвикан од лимфоми и повреди при што се оштетува ductus thoracicus или некој друг поголем лимфен сад. Хилотораксот е лесно препознатлив по млечната бела боја на изливот, која настанува поради високото ниво на триглицериди во него.

Лигатура на ductus thoracicus

Хилотораксот може да се третира конзервативно или оперативно. Одлуката зе лекување, пред се, ја носиме врз основа на етиологијата. Основен принцип при лекување на хилоторакс е лигатура на ductus thoracicus. Со воведувањето на таа процедура смртноста е опадната од 50 на 15%. Порано, смртноста кај трауматски хилоторакс била 45%, а при нетрауматски и до 100%, но тогаш се лекувало само со плеврална пункција и дренажа.

Конзервативна терапија

Основа на конзервативната терапија е плеврална дренажа со потполна експанзија и адекватна исхрана на болниот. Обично болниот не прима ништо пер ос и добива тотална парентерална алиментација. Конзервативно болниот можеме да го лекуваме од една до три недели. Секрецијата се намалува постепено, но може и ненадејно да се изгуби.

Оперативен третман

Ако секрецијата не опаѓа и ако е поголема од 500 мл на ден во текот на две недели, несомнено е потребна операција, освен ако таа не е контраиндицирана, како што е случај кај нестабилни фрактури на ’рбетот или нересектибилни тумори. Индикација за операција секогаш е и непотполната реекспандираност на белите дробови по извршената дренажа.

За да се запре одливањето на лимфа, фистулата треба директно да ја затвориме, да ја зашиеме медијастиналната плевра на местото каде "пушта" или да го лигираме дуктусот, супрадијафрагмално. Директното затворање на фистулата треба да се комбинира со лигатура на дуктусот. Најпогодно место за лигатура е на десната страна помеѓу аортата и вена азигос. Некои автори препорачуваат пристап од страната на која е хилотораксот и директно затворање на фистулата. Ако дуктусот е прекинат, мора двојно да се лигира, од двете страни на дефектот. Во случај да не најдеме едностран дуктус, треба да се лигира целото ткиво на задниот медијастинум пред ’рбетот помеѓу аортата и вена азигос. Белите дробови мора потполно да се реекспандираат, ако е потребно треба да се изврши и декортикација. Се прави и париетална плевректомија поради побрзо слепување на белодробието со торакалниот ѕид. Плевралната шуплина се дренира со два дрена.

Неколку принципи во третманот на хилоторакс

Кај нетрауматски хилоторакс, се ориентираме според етиологијата. Ако има нересектибилен тумор, даваме хемотерапија и радиотерапија. Инфекциите ги лекуваме со антибиотици. Ако хилотораксот перзистира, треба да се проба со дренажа и хемиска плевродеза или плевректомија. Алтернативен метод е поставување на плевроперитонеален шант со дупли валвули. Се придржуваме на следниве принципи:

  • идиопатски хилоторакс кај новородено - обично реагира на плеврална пункција;
  • нетрауматски хилоторакс - ако е последица на иноперабилни заболувања не го оперираме;
  • трауматски хилоторакс - најпрво се пробува со конзервативна терапија;
  • дневната секреција е поголема од 250 мл во текот на 5 дена - оперираме, исто е ако секрецијата перзистира и до две недели;
  • секрецијата е помала од 250 мл на ден и опаѓа - продолжуваме со конзервативна терапија додека таа целосно не престане.

 

Во наредната статија ќе стане збор за третман на плеврален емпием...

Останати статии од рубриката >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 13.09.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина