Третирање на спонтан пневмоторакс и хемоторакс

доктор на медицина

ко-автор:

д-р Јана Кировска -специјализант по анестезија-

 

Продолжува од Дијагностика и терапија на плеврални изливи

Третман на спонтан пневмоторакс

Спонтаниот пнеумоторакс претставува насобирање на воздух во плевралната празнина, кое не е предизвикано од механичка надворешна повреда. Ако пневмотораксот е до 20% не е потребен третман, доволна е само негова опсервација. Со рентген се утврдува дали следниот ден пневмотораксот расте. Во тој случај и кај сите поголеми колапси на белите дробови потребна е плеврална дренажа. Испуштањето на возухот најчесто престанува кога белите дробови не реекспандираат и наредните 2-3 дена. Ако пуштањето на воздухот трае 5 дена и повеќе, тоа е знак дека дефектот на плеврата не може да зарасне, што е индикација за операционо лекување.

Кај операции низ мала торакотомија дефектот на белите дробови се шие рачно или со степлер, се ресецираат емфизематозните були ако ги има и потоа се прави париетална плеуректомија или само абразија на париеталната плевра. Торакотомијата ја затвораме по воспоставената дренажа.

Хемиска плевродеза

Доста раширено е и лекувањето со комбинација на дренажа со хемиска плевродеза. За таа намена се вбризгува еднаш или во повеќе наврати, средство кое ја надразнува плеврата, предизвикува асептично воспаление и зараснување на двата листа на плеврата. За плевродеза се употребува талк, фенол, јод и денес воглавно тетрациклини. Кога белите дробови не пуштаат повеќе и ако на РТГ се покаже потполна експанзија, најпрво се прекинува со сукцијата, а потоа и со дренот. Кога дренот е правилно поставен, а белодробното крило не реекспандира и постои постојана аспирациаја на воздух низ дренот, имаме индикација за торакотомија. За торакотомија одлучуваме и кога на РТГ се гледаат една или повеќе емфизематозни були или други патолошки промени кои го објаснуваат настанокот на секундарен пневмоторакс.

Алтернативен метод за лекување на постојаниот излез на воздух од белите дробови е електрокоагулација или ласерска фотокоагулација на дефектот на белите дробови преку торакоскопија.

Кај рецидивантен спонтан пневмоторакс порано се одлучуваме за торакотомија, што е можно побрзо.

Секундарниот спонтан пневмоторакс поради тешката респираторна инсуфициенција и животозагрозувачката состојба на пациентот, не смее да се превиди и веднаш треба да се дренира. Кај овие болни се прави хемиска плевродеза, а за време не операцијата неопходна е париетална плевректомија.

Третман на хемоторакс

Хемоторакс претставува насобирање на крв во плевралната празнина. Третманот на хемотораксот зависи од обемот и траењето на крварењето, како и од општата состојба на пациентот. При тоа треба да се третираат и другите повреди по ред на итност.

Ако на РТГ во седечка положба се гледа засенчен костодијафрагмален синус, можеме да претпоставиме дека во плевралната празнина нема повеќе од 300 мл крв. Ако белите дробови се експандирани и болниот е стабилен, можеме само да ја надгледуваме неговата состојба. Ако изливот наредниот ден е помал, не е потребно лекување. Ако пак тој е поголем, потребна е дренажа.

Третманот зависи од количината на крв во плевралната празнина

При помал хемоторакс поради тапа траума или друго, кога според РТГ се сомневаме за количество на крв од 300-800 мл, потребна е дренажа во седмиот интеркостален простор во задната аксиларна линија. Ако крварењето престане, не се потребни понатамошни третмани, а ако продолжи, мора да се направи торакотомија.

Кај опсежен хемоторакс, со 1000 мл крв, прво трба да се дренира и да се надокнади изгубената крв. Ако крварењето не продолжи а белите дробови се реекспандирани, не е потребен друг третман. Кај нестабилни болни кои не реагираат на трансфузија, при постојан губиток на крв од 200 мл на час, за време од 2-4 часа или 100 мл на час во време од 6-8 часа, мора да се изврши торакотомија. За надокнада на крв при тапи торакални повреди со хематоторакс без повреди на шупливите органи идеален метод е автотрансфузија.

Третман на хемоторакс при пенетрантни трауми

При третман на хемоторакс настанат поради пенетрантни трауми секогаш треба да се мисли на повреди на интраторакалните висцерални органи. Пенетрантната повреда на градниот кош треба примарно да се затвори со реконструкција на торакалниот ѕид, но без примарен кожен шав. Ако се работи за минимален хемоторакс и болниот е стабилен, доволна е само дренажа. Ако постојат знаци за повреда на висцерални органи треба да се направи торакотомија. Коагулиран хемоторакс кој не може да се евакуира со дренажа е индикација за торакотомија, отстранување на коагулумот, ревизија на интраторакалните органи и дренажа.

Во наредната статија ќе стане збор за третман на хилоторакс...

Останати статии од рубриката >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 06.09.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина