Човечка кожа произведена на фабричка лента

Од април 2011 година во Институтот Фронхофер во Штутгарт се произведуваат делови на кожа добиени од клетки на кожа. Двослојниот кожен модел во иднина ќе служи за тестирање на нови лекови и козметика.

На тој начин, илјадници глувци ќе бидат поштедени од силни експерименти. Во иднина се планира и производство на цела дебелина на кожа, со три слоја и крв, што меѓу другото може да се искористи како трансплант за заболени од рак на кожа. Иницијаторка на проектот е биологот Хајке Валес.

Хајке Валес е професорка по биологоја и директорка на Одделот за клеточни системи на Институтот Фронхофер во Штутгарт. Ниска и спортска жена, со куса руса коса, уште од детството се интересирала за биологијата и тоа со неверојатна посветеност. Докторирала на Макс Планк Институтот за биохемија во Мертинсрид. Проучувањето на клеточните процеси и објаснувањето на односот на молекулите и протеините за Хајке Валес не било доволно практично. „За мене од секогаш основно прашање беше: Ако јас тоа сега го знам, каква корист од тоа има пациентот. Бидејќи, без оглед на знаењето, се уште сум далеку од директна примена на тоа знаење на заболените пациенти. И тука всушност мислам дека лежи мојата главна улога – дека можам да ги разберам основите на истражувањата и потоа тоа знаење заедно со лекарите да успеам да го применам во пракса“.

5.000 парчиња кожа за еден месец

По студиите Хајке Валес била професорка на Медицинскиот факултет во Хановер. Тука се занимавала со развој на ткива од живи клетки, пред се за трансплантативната медицина. Работејќи на развојот на еден биореактор, со чија помош требало да се произведе ткиво на срцев мускул, и станало јасно дека досегашното знаење за оваа област е многу оскудно, како и дека финалните производи се прескапи и дека ги нема доволно. „Така настана идејата да направам уред, со кој ќе покажеме дека е можно целосно автоматизирано да се произведе ткиво“.

Производство на траснпланти за пет години

На Институтот Фронхофер, Хајке Валес организирала тим на инжинери и експерти по природни науки. Создале линија за производство на човечка кожа, која е во погон од април оваа година. Првиот чекор е изолација на клетките од ткивата, потоа се следи нивното размножување во инкубатори. На крајот клетките се поврзуваат со одредена подлога и се контролира процесот на созревање. Целиот процес трае три недели. Месечно можат да се произведат околу 5.000 парчиња кожа, со големина на поштенска марка. И за прв пат да се произведат целосно автоматски. Хајке Валес вели дека моментот кога видела дека уредот навистина работи, бил еден од најубавите моменти во нејзиниот истражувачки живот. Таа се надева дека наскоро многу пациенти од овој уред ќе имаат голема корист. „Лична желба ми е овие уреди еден ден да дојдат на клиниките и да можат да произведуваат транспланти. Мислам дека тоа ќе го реализираме најдоцна за пет години“.

Извор МИА(Дојче веле)

www.doktori.mk, 30.08.2011

Последна вест

Најчитани статии - занимливости