10 најинтелигентни видови животни

м-р Ана Танаскоска
креативен соработник

Според спроведените долгогодишни истражувања, човечката раса има тенденција да станува се поглупава. Мозокот на човекот е во континуирано намалување во текот на последните 20.000 години. Добра вест е што и женскиот и машкиот мозок се намалуваат во иста пропорција. Сепак, некои експерти не се сложуваат со погоре наведеното и уверуваат дека интелигенцијата кај човекот не опаѓа со намалувањето на големината на мозокот.

 

Кој во оваа "трка на мудроста" e зад нашите пети?

 

1.     Шимпанзо

Шимпанзата се способни да учат, да извршуваат задачи и имаат подобра меморија од било кое друго животно на земјата. Можат да научат да користат компјутер и да решаваат нумерички проблеми. Овие животни се лесно прилагодливи на знаковен јазик и без тешкотии овозможуваат комуникација со луѓето. Користат тактички и ментални маневри  како за намамување на пленот, така и внатре во семејството кон другите членови. Знаат да кршат ореви со камен, оставаат сунѓерот да ја впие водата, кршат гранки и ги носат со себе за да го намамат пленот во дупка итн.

  • Шимпанзата делат 98% генетска ДНК со луѓето. Според последните истражувања, шимпанзата ги учат своите малечки на знаковен јазик и тоа без никаква човечка интервеција.

 

2.     Делфин

Делфинот е исклучително друштвено и социјализирано животинче, кое воедно важи и за најинтелигентно водно животно. Обожава дружење, галење и пливање со човекот. Делфините се разбираат меѓу себе на нивен софистициран јазик, кој сеуште претставува загатка за човекот. Кај Bottlenose делфинот кој важи за најинтелигентен меѓу нив, церебралниот кортекс и фронталниот лобус од мозокот е за 40% поголем споредено со човековата врста. Церебралниот кортекс е дел од мозокот  одговорен за социјална комуникација, обработка на информации, решавање проблеми итн. Што значи делфините можат да мислат, да планираат, да решаваат проблеми, да ги сфаќаат идеите и да учат од претходните искуства. Делфинот има свест и знае да се покае.

  • Делфините и луѓето се единствените видови што можат да водат љубов.

 

3.     Слон

Елегантен и љубопитен. Во многу култури е симбол на мудрост и е познат по својата извонредна способност за долготрајно чување спомени. Слонот користи еден вид ментална мапа преку која се раководи за наоѓање на точната локација или да ги најде дупките со вода од кои се хранел, а кои одамна ги напуштил. Мозокот на слонот е најголем од сите копнени животни. Дуваат, рикаат, се довикуваат, се прскаат со вода. Кај нив е идентификуванa и способноста за самопризнание и социјална интеракција. Слоновите имаат вкус за сликање и  уметнички достигнувања. Можат да насликаат портрет кој изразува чувства. Знаат да тажат, да љубат, да играат, да произведуваат музика итн. Имаат и висока форма на напредна ителигенција бидејќи знаат да се грижат и поистоветуваат со нивните блиски.

 

4.     Врана

Знаат да користат одредени алатки без никој да ги научи. На пример употребуваат гранче за да соберат храна. Понекогаш оставаат ореви и мешунки на улица и чекаат да ги скрши кола или пешак, па одат ги јадат. Дивите врани во Израел фрлале трошки како мамка за полесно и побрзо да ги намамат рибите да дојдат на површината на водата.

 

5.     Прасе

Слатко, питомо и снаодливо. Единствените животни што можат безбедно да преминат улица водејќи сметка за лево и десно. И покрај стереотипите за лакомост и лоша хигиена, свињите се всушност многу чисти и паметни животни. И домашните и дивите свињи се познати по нивната способност за лесно прилагодување на различните еколошки услови. Малите прасенца се актуелни домашни миленичиња во САД поради нивната послушност.

 

6.     Октопод

Мајстори за мимикрија и камуфлажа. Октоподите се најпаметни меѓу сите безрбетници бидејќи може да ја менуваат бојата за помалку од една секунда имитирајќи рак, алги, корали и сл. Со своите пипала можат да отворат шише. Поседуваат исклучителна  интелектуална способност. При експериментални услови овие животни покажале способност за краткотрајна и долготрајна меморија. Имаат изразено чувство за допир.

 

7.     Верверичка

Дома се враќаат преку идентификување на дрвја, грмушки, цвеќиња на кои наишле кога заминувале по храна. Закопаните украдени ореви можат без проблем да ги најдат во текот на целата зима. Ова животно поседува упорност и беспрекорна меморија и знае да се одмаздува на градинарите. Повеќето верверички се способни за изведување трикови и стратегии само за да преживеат. Забележано било напредно ниво на итрина и интелект особено при криење на храната од потенцијални крадци.

 

8.     Куче – Бордер Коли (Border Collie)

Кучешката раса Бордер Коли (border- граница, coly/collie- црн) е  најинтелигентна од сите кучешки раси. Најдобриот пријател на човекот кој може да разбира, да биде послушен и да ве чита како отворена книга. Паметат ликови (човечки, животински) и ги препознаваат, препознаваат и радио и телевизија, чувствителни се, љубоморни, натпреварливи, љубопитни, приврзани кон својот газда и другите со кои живеат или се дружат. Оваа раса бара активности и прошетки, бидејќи ако е по цел ден дома манифестира  деструктивно однесување.

Легендарниот Коли е уникатен по неговата овчарска метода, кога мирно зјапа кон овците и ги застрашува со поглед. Куче кое не е толерантно кон неактивност и кое бара секојдневни вежби и ментални стимулации, во спротивност станува невротично и може да му опадне крзното. Максималниот животен век му е 12-13 години.

 

9.     Африканскиот сив папагал

Веројатно најителигентната птица. Уживаат да го имитираат човекот или звуците од домаќинството. Можат да разговараат преку формулирање мали реченици и да даваат кратки одговори на прашања. Тоа не им е проблем бидејќи го разбираат значењето на зборовите. Добро обучени може да бројат до 6 и да идентификуваат објекти.

Овие птиците можат да идентификуваат повеќе од 50 предмети, распознаваат седум бои, пет форми и можат да бројат до шест. Ја знаат разликата на над-под, мал-голем и ги разбираат емоциите на човекот. Можат да ја научат на памет адресата или името и презимето на сопственикот и доколку избегаат/залутаат ќе ја повторуваат на луѓето за да ги вратат дома.

Една од најпознатите птици од овој вид, според евидентираните докази (од психологот за животни под чиј надзор бил 30 год.)  - е папагалот Alex, чија интелигенција била на рамниште на пет годишно дете. 

 

10.      Стаорец/глушец

Врз нив се спроведени најголем број од светските истражувања, тестирања и експерименти. Причината е сличната психологија  помеѓу стаорецот и човекот. Глувчињата можат да учат трикови многу лесно. Развиени им се сетилата за мирис и слух. Како и кучињата, и тие можат да се обучуваат за идентификување нагазни мини и бомби. Покажуваат знаци на каење, радост, стрес и сл. Имаат силни социјални односи со другите глувчиња и можат да умрат (поради тага), доколку нивниот партнер умре. Сонуваат на сличен начин како и човекот

 

А.Т.

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и /или реемитување-

 

Во прилог -  уживајте во галеријата. . .

 

 

 

 

 

 

 

 

 

www.doktori.mk, 29.08.2011

Последна вест

Најчитани статии - занимливости