Како настанува ерекцијата и која е просечната должина на пенисот во ерекција

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

продолжува од Колку мора да биде голем за да е голем - Нешто за пенисот

Дали пенисот има коска?

Иако научниците сметаат дека сите цицачи имаат васкуларна ерекција, на глодарите, поларните мечки и кучињата при ерекцијата им помага коска во пенисот - бацулум. Тимот под водство на д-р Генг-Лонг Хус од Тајванската адвентистичка болница сецирал 65 пениси од човечки трупови и заклучил дека лигаментот во главчето кој го држи пенисот тврд за да не биде свиткан од притисокот на пенетрацијата, а од притисокот ја чува и мочната цевка, би можел да биде остаток од многу одамна изгубениот човечки бацулум. Без него главчето би личело на „чадор без дршка“.

Другите цицачи како свињите и елените имаат фиброеластични органи кои се постојано во полуерекција. Само луѓето, еквидите (коњите, зебрите, магарињата), тарсиери (вид на полумајмуни) и некои мајмуни имаат ерекција благодарение на ширењето на крвта и на два мускули што како доброволци го подигаат пенисот во ерекција. Поради таквата флексибилност, човекот не мора да се ограничува на однос од позади, а да бидеме поштени и другите цицачи би можеле да бидат подеднакво настрани кога би го имале нашиот дијапазон на движења.

Ерекцијата не може да се одржи без крв

Во 1939 година, во експерименти со мачки, научниците докажале дека ерекцијата не може да се одржи без крв – може да се поттикне со дразба преку нерви, но не може да се одржи. Во 1980 година откриено е дека за ерекцијата не е клучно да се наполнат со крв трите сунѓери, туку истите да останат исполнети. За да се постигне тоа, под притисокот на corpus spongiosum, што брзо се шири, вените што ја изнесуваат крвта од пенисот се сплеснуваат. Системот е така конструиран да брзо дејствува на опасност. Ако за време на половиот однос нешто ве уплаши, телото испушта адреналин кој моментално ги стега мазните мускули и овозможува еректилната крв – и вам – да избегате. Поради истиот тој процес, ерекцијата спласнува по оргазмот.

Д-р Јакоб Рајфер, уролог од UCLA, во 1992 година открил дека нервните завршетоци и крвните садови во пенисот, кога ќе примат сигнал со допир или со мислите, произведуваат азотен оксид. Азотниот оксид ја става во движење реакцијата со која артериите во пенисот се опуштаат со што се овозможува прилив на крв. Бидејќи азотниот оксид за неколку секунди се распаѓа, нервите и крвните садови мораат постојано да произведуваат нови количини.

„Физиологијата на ерекцијата е слична со палењето на автомобилот“, објаснува д-р Артур Барнет, уролог од Универзитетот Џон Хопкинс. „Автомобилот нема да запали само ако го свртите клучот. Морате со тоа да ја стегнета папучата за гас и да ја држите“. На некои мажи им е тешко да ја одржат ерекцијата зашто во пенисот не им се произведува доволно азотен оксид па крвта од него се повлекува.

Мажите кои направиле операција за зголемување на пенисот остануваат разочарани

Кога ќе добиете ерекција, пенисот во положбата го држи суспензорен лигамент, споен со corpora cavernosa. Испружете ја раката како да се ракувате и раширете ги прстите. Показалецот ја покажува вашата ерекција во дваесеттите години, средниот прст во триесеттите години, четвртиот прст во четириесеттите години и малиот прст после педесеттата година. Не треба да сте луди за да се подложите на операција „зголемување“, зашто токму тој лигамент хирургот го сече на половина за да пенисот кога ќе омекне се спушти подолу. Нема начин да се продолжи corpora cavernosa па големината на ерекцијата никогаш нема да се смени. Анкетите покажаа дека голем број на луѓе што го зголемиле пенисот се разочарани, посебно што нивното ново „чудовиште“ обично виси од 0,8 до 1,25 см пониско од порано.

За да ги одвратат пациентите од операција, уролозите во последните години се обидоа да откријат зошто мажите веруваат дека пенисот им е мал. Ретко кој маж страда од душевна болест наречена нарушување на телесната форма, но повеќето стекнуваат искривен впечаток како тинејџери споредувајќи ги своите органи со органите на пријателите или порно звездите. Уролозите направиле две истражувања, на две групи пациенти што се распрашувале за операција за зголемување на пенис, едната во Египет, а другата во Италија и откриле дека сите 159 мажи имале пениси со нормална големина и функција.

Која е нормалната големина на пенисот?

Ама, што е нормално? Кај поголемиот дел од мажите пенисот во ерекција е долг од 12,7 до 17,8 см. Според податоците на Алфред Кинси што ги собрал на 2770 мажи, просечна ерекција, кога се мери од коренот до врвот на главчето, изнесува 15,77 см. Само 2% од мажите имаат ерекција поголема од 20 см. Друга крајност е онаа со микропениси, што значи дека ерекцијата им е 7 см или помала иако некои уролози сметаат дека тоа не може да се смета како премало бидејќи сопственикот на таквиот пенис може да пенетрира доволно длабоко за да направи дете. Во 2007 година е направен критички преглед на десет студии и е откриено дека просечната ерекција се движи од 14 до 16 см, додека просечниот распон на коренот на пенисот е од 12 до 13 см.

Најголемата и најновата студија, во која мерењето го вршеле доктори или сестри (претходните студии пациентите сами си ги мереле), извршена на 3300 италијански регрути покажа дека просечната ерекција изнесува нешто помалку од 12,7 см.

Пред да донесете заклучок, не заборавајте дека ваквите мерења не даваат комплетна слика. Холандските научници во 1999 година извршиле експеримент на три доброволни пара, вршејќи полов однос внатре во скенерот на магнетната резонанца. Сликите покажаа дека невидливиот корен на пенисот има клучна улога за време на пенетрацијата, поради која функционалната должина на просечната ерекција се зголемила скоро до 23 см.

продолжува. . .

 

Останати теми од рубриката>>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 28.08.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина