Плевра – анатомија и физиологија

доктор на медицина

ко-автор:

д-р Јана Кировска -специјализант по анестезија-

 

Анатомија на плеврата

Плеврата, која лежи на внатрешната страна на ендоторакалната фасција, е серозна мембрана на која се разликуваат три анатомски дела во однос на регијата која ја покрива: костална, медијастинална и дијафрагмална. Сите овие делови ја сочинуваат париеталната плевра. Серозната мембрана, која ги покрива белите дробови и која навлегува во хилусот, во непрекината врска со париеталната плевра, ја претставува висцералната плевра. Помеѓу косталната и медијастиналната плевра се наоѓа костомедијастиналниот синус, додека пак помеѓу косталната и дијафрагмалната плевра се наоѓа френикокосталниот синус.

Париеталната плевра е инервирана од сензитивните интеркостални нерви, додека висцералната нема сензитивни завршетоци. Медијастиналната плевра е послабо инервирана, а дијафрагмалната ја инервира френичниот нерв. Стимулација на медијастиналната плевра дава нејасно чувство на болка ретростернално додека стимулација на дијафрагмалната плевра дава болка во рамото. Париеталната и висцералната плевра се допираат, а помеѓу нив се наоѓа тенок слој на серозна плеврална течност.

Куполата на плеврата е во непосреден допир со важни анатомски структури од горната торакална апертура и базата на вратот: а. et v. subclavia, plexus brachialis, n.phrenicus, n.vagus, како и ductus thoracicus.

Физиологија на плеврата

Во плевралната шуплина нормално се содржат неколку милилитри плаврална течност. Во таа шуплина владее постојан, негативен притисок со различен интензитет. Во текот на мирно дишење тој варира од -4 до -8 цм воден столб, при напорно дишење тој притисок може да биде од +4 до -20 цм воден столб. Поголем притисок може да настане при делумно или целосно затворен глотис или опструкција на трахеата или бронхот, како и при напорно дишење. Кај болни од емфизем негативниот инспираторен притисок достигнува од -4 до -6 цм воден столб, додека експираторниот притисок може да биде позитивен од +2 до +4 цм воден столб. Притисокот на гасовите (кислород, азот и јаглерод диоксид) во плеврата е приближно за 6,7 кРа понизок од атмосферскиот, затоа ниеден гас не се собира во плевралниот простор туку постепено се ресорбира.

Разликата помеѓу системскиот хидростатски притисок во торакалниот ѕид (2,7 - 3,3 кРа) и средниот пулмонален капиларен притисок (1,3 кРа) е најверојатна причина за секреција на течност од париеталната плевра и апсорпција во висцералната. Апсорбираната течност од плевралната празнина се дренира преку лимфниот систем на белите дробови.

Плевралната секреција кај туморите и другите патолошки промени не може да се објасни, додека собирањето на течност во сите серозни празнини поради нарушување на онкотскиот притисок при хипоалбуминемија е разбирливо. Исто така е разбирливо и насобирањето на течност кај срцева декомпензација со зголемен венски притисок кој го зголемува лимфниот притисок во белите дробови, кој пак од своја страна ја попречува апсорпцијата.



Во наредната статија ќе стане збор за дијагностика и терапија на плевралните изливи


Останати статии од рубриката >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 24.08.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина