Орални жаришта

доктор по стоматологија

Оралното здравје секако дека има влијание врз целокупното здравје на човекот. Во човековиот организам може да настанат такви патолошки состојби кои под одредени околности предизвикуваат заболувања на оддалечени органи и системи. Таквите заболувања се наречени консекутивни заболувања, додека ограничените патолошки процеси се нарекуваат фокуси или жаришта.

Оралните жаришта, преку фокалните супстанци – причина за фокални инфекции

Фокусот е дефиниран како хронично жариште, ограничено од околината, слабо васкуларизирано и има слабо вирулентни микроорганизми. Штетните продукти од фокусот можат да предизвикаат заболувања на различни органи и системи, што значи дека жариштата се такви места во телото кои имаат далечинско дејство. Жариштата можат да бидат локализирани било каде во човековото тело, но се смета дека најчесто ги има во усната празнина. Тоа се т.н. орални жаришта. Оралните жаришта во зависност од комуникацијата со усната празнина може да бидат отворени и затворени.

Отворени жаришта:

  • кариозни лезии;
  • екстракциони рани;
  • супракоскени пародонтални џебови;
  • хронични пародонтални апсцеси;
  • орални лезии од различна етиологија.

Затворени жаришта:

  • заболувања на пулпа;
  • периапикални инфекции;
  • заостанати корени;
  • цисти;
  • импактирани и полуимпактирани заби;
  • серпингинозни пародонтални џебови;
  • остетични промени на алвеоларна коска.

Сите овие орални жаришта преку т.н. фокални супстанци се причина за жаришни (фокални) инфекции. Самата фокална инфекција настанува со ширење на инфекцијата од жариштето во усната празнина. Оралните жаришта подолг временски период можат да бидат во латентна состојба (неактивни) и како такви претставуваат потенцијална опасност за организмот. Штом се активираат и преминат во активни, тогаш фокалните супстанци - микроорганизми, токсини, антигени и фактори на инфламација преминуваат во циркулацијата и напаѓаат било кој орган или систем во организмот.

Што е она што може да го активира оралното жариште?

1. Трауматизација при џвакање.

2. Намален имунитет на организмот.

3. Алергизација на организмот.

4. Стоматолошки нестручни интервенции:

  • несоодветна техника при екстирпација на пулпата, при ширење и полнење на каналите;
  • неправилно поставена дијагноза (пр: ако гангрена се дијагностицира како caries profunda па забот се третира така, се затвора и тоа доведува до создавање гасови и зголемен притисок во радикуларниот канал заради што е олеснето втиснувањето на фокалните супстанци во циркулацијата).

Најчести консекутивни заболувања

КОЖНИ ЗАБОЛУВАЊА: lichen ruber planus, erythema exudativum multiforme, dermatitis herpetiformis, alopetia.

ЗАБОЛУВАЊА НА РЕСПИРАТОРНИОТ СИСТЕМ: алергичен ринитис, астма, аспирациона пнеумонија.

ЗАБОЛУВАЊА НА ОКОTO: iritis, iridоcyclitis, conjuctivitis, retinitis, horioiditis, ophtalmoplegia.

ЗАБОЛУВАЊА НА КАРДИОВАСКУЛАРНИОТ СИСТЕМ: ендокардит, миокардит, пароксизмална тахикардија, екстрасистоли, артерити, тромбофлебити.

ЗАБОЛУВАЊА НА БУБРЕЗИТЕ: нефрит, гломерулонефрит, цистит, пиелит.

ЗАБОЛУВАЊА НА ДИГЕСТИВНИОТ СИСТЕМ: гастрит, ентерит, апендицит, диареа.

НЕРВНИ ЗАБОЛУВАЊА: неврити, ишиалгии .

ВО ТЕК НА БРЕМЕНОСТ: може да дојде до појава на дијабет, предвремено раѓање.

Како да се дијагностицираат оралните жаришта?

Самата анамнеза и не дава баш некоја дијагностичка вредност дека е можно да постои некое орално жариште бидејки пациентите не чувствуваат субјективни симптоми кога станува збор за неактивно жариште. Меѓутоа, не е исклучена можноста да добиеме податоци за забоболка која му претходела на консекутивното заболување.Тоа значи дека активирањето на фокусот резултира со клиничко манифестирање на консекутивното заболување.

Со самиот преглед се утврдува кои заби се витални, а кои депулпирани (депулпираните заби се потенцијални фокуси). Во дијагностицирањето помагаат лабораториските анализи, рентгенолошкиот наод, како и специфичните дијагностички тестови.

Третман

Бидејки во најголем број на случаи станува збор за периапикални процеси, тие се отстрануваат со хирушка интервенција – екстракција на забот или апикотомија. Од голема важност е што овие интервенции не смеат да се изведуваат во услови на перзистирачко консекутивно заболување со клиничка манифестација и без консултација на лекарот кој го лекува консекутивното заболување затоа што може да дојде до дисеминација на фокалните супстанци и да се загрози животот на пациентот.

Особено треба да се обрне внимание на пациентите кои спаѓаат во ризична група, а тоа се пациенти со срцеви заболувања и пациенти со вроден или стекнат имун дефицит. Кај ваквите пациенти задолжителна е медикаментозна заштита со антибиотик, антихистаминик и детоксиканси, пред и по интервенцијата.

Oстанати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 23.08.2011

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија