Кралското овошје - ананас

Ема Танаскоска
креативен соработник

Aнанасот е познат како овошје на кралевите, овошје кое во минатото било достапно само за староседелците на тропските предели и на богатите Европејци. Ова тропско растение потекнува од Уругвај, Бразил, Порторико и Парагвај.

Плодот на ананасот расте најпрво како стебленце од сто или повеќе цветови кои излегуваат од растението високо и до три метри. Секој од многуте спирално наредени цветови долж оската произведува месест плод кој притиснат од идентичните соседни плодови формира еден поголем плод. Малите плодови на ананасот се наредени во две испреплетени спирали, осум спирали во еден правец, тринаесет спирали во друг правец; секоја од нив претставува Фибоначиев број.

Добар сочен зрел ананас ќе ја задоволи желбата за слатко. Покрај добриот вкус постојат и многу здравствени придобивки. Ананасот изобилува со витамини и минерали, а содржи ниско количество масти и холестерол.

Здравствени придобивки

Протеолитичкиот ензим кој го содржи ананасот се нарекува бромелин. Тој ги разложува протеините, има антивоспалително дејство и ефикасно ги намалува отоците. Ананасот помага во лекување при воспаление на грло, артритис и болки во зглобовите. Антивоспалителните својства ги намалуваат симптомите на артритис и помагаат да се намали болката после операција и спортски повреди.

За зголемување на ефикасноста ананасот треба да се конзумира меѓу оброци без друга храна. Од друга страна, здравствена придобивка од бромелинот е и подобрување на дигестијата. Доколку ананасот се конзумира со друга храна, ќе помогне при варењето на истата.

Една од придобивките од ова овошје е тоа што помага во градењето здрави коски. Ананасот е богат со магнезиум, минерал во трагови кој му е потребен на телото за градење коски и сврзно ткиво. Само една шолја сок ананас обезбедува 73% од дневната препорачана количина на магнезиум. Оваа придобивка од ананасот може да предизвика раст на коските кај млади лица и зајакнување на коските кај постари лица.

Ова овошје е добар извор на витамин С и со тоа нуди одлична заштита од слободeните радикали. Според истражувањата С витаминот, најважниот антиоксиданс растворлив во вода е од непроценливо значење во борбата со и спречувањето на последиците од дејството на слободните радикали. Ананасот е добар за настинки и кашлица. Иако при настинка како извор на витамин С повеќе се конзумира сок од портокал, добро е да се знае дека придобивките од сокот од ананас при настинка или кашлица се исто добри како и сокот од портокал, но со дополнитени придобивки поради бромелинот кој помага при кашлица и други симптоми на настинка и грип.

Го подобрува и оралното здравје бидејќи витаминот С го намалува ризикот од  гингивитис и парадентоза.  Покрај зголемувањето на способноста на сврзното ткиво да се регенерира, се зголемува и способноста на телото да се бори против инвазијата на бактерии и други отрови кои придонесуваат за заболување на непцата.

Австралиски научници откриле корисни молекули во дршката од ананасот. Првичните истражувања покажале дека тие спречуваат настанување на одреден вид рак (рак на гради, бели дробови, дебелото црево, јајници и рак на кожа).

Меѓу другите бенефити, кралското овошје влијае и врз олеснувањето на симптомите на артритис, помага при висок крвен притисок, бронхитис, инфекции на грло, варење на храната...

За максимално да ги искористите придобивките од хранливите вредности на ананасот најдобро е да го консумирате свеж. Доколку пак тоа не е опција, добра замена е и  конзервираниот ананас, особено оној кој е конзервиран во сопствениот сок.

Е.Т.

-aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 18.08.2011

Последна вест

Најчитани статии - исхрана