Доктори.мк | Рејев синдром и негова поврзаност со употребата на Ацетилсалицилна киселина | Rejev-sindrom-i-acetilsalicilna-kiselina | Портал за медицина и здравје

Рејев синдром и негова поврзаност со употребата на Ацетилсалицилна киселина

магистер по фармација

Што претставува Рејевиот синдром?

Рејевиот синдром е состојба која ги засега сите органи на телото, но најмногу црниот дроб и мозокот. Рејевиот синдром се развива во две фази, бидејќи скоро секогаш е поврзан со претходната вирусна инфекција, како грип, настинка, или сипаница. Научниците знаат дека Рејевиот синдром не е заразен и причината е непозната. Рејевиот синдром е често погрешно дијагностициран како енцефалитис, менингитис, дијабетес, предозирање со лекови, труење, ненадејна смрт кај доенчињата, бубрежна или хепатална инсуфициенција или психијатриска болест.

Рејевиот синдром се развива обично кога пациентот почнува да се опоравува од вирусната болест. Абнормални акумулации на масти почнуваат да се развиваат во црниот дроб и други органи на телото, заедно со сериозни покачувања на притисокот. Освен ако не е дијагностициран и успешно лекуван, смртта е честа појава, често во рок од неколку дена. Животот на една личност зависи од раната дијагноза. Статистичките податоци укажуваат одлична шанса за опоравување кога Рејевиот синдром се дијагностицира и третира во најраните фази. Подоцнежната дијагноза и третман ги намалуваат шансите за успешно опоравување и опстанок.

Епидемиологија и историја:

Рејевиот синдром се јавува само кај околу 0,1 случаи на 100.000 жители и се уште не е добро разјаснет. Претежно ги напаѓа децата на возраст помеѓу 4 и 16 години и има тенденција да се појави со најголема фреквенција во текот на јануари, февруари и март кога грипот е најчест. Случаи се пријавени во секој месец од годината. Епидемиите на грип или сипаница се најчесто проследени со зголемување на бројот на случаи на Рејевиот синдром.

За прв пат е дијагностициран во 1963 година, кога лекар од Северна Каролина пријавил епидемија на 16 смртни случаи на енцефалитис - како болест за време на појава на грип. Состојбата, која подоцна станала позната како Рејев синдром, била пријавена уште 1929 година, но никогаш порано идентификувана како посебен ентитет.

Поврзаност на Рејевиот синдром со употребата на ацетилсалицилната киселина

Епидемиолошките истражувања покажале поврзаност помеѓу развојот на Рејевиот синдром и употребата на ацетилсалицилната киселина (аспиринот) при лекување на симптомите на инфлуенца, сипаница, настинки, итн.

Генерално, хирурзите во САД, FDA (Food and Drug Administration), Центрите за контрола на болести и превенција и Американската академија за педијатрија препорачале ацетилсалицилната киселина и препаратите кои ја содржат да не се даваат на деца под 19 годишна возраст за време на епизоди на треска.

Употребата на аспирин и други салицилати во текот на вирусната болест е статистички поврзана со инциденцата на Рејевиот синдром, иако не постои убедлив доказ.

Рејевиот синдром можно е да се развие и без да се употреби ацетилсалицилна киселина. Сепак, шансите за развој можат да се намалат со тоа што аспиринот нема да се дава на пациенти за олеснување на непријатност или треска, без претходна консултација со лекарот за секоја посебна употреба. Лековите кои помагаат при настинка и грип исто така може да содржат салицилати и може да ги маскираат симптомите на Рејевиот синдром.

Тинејџерите и возрасните се особено изложени на ризик од развој на Рејевиот синдром поради земање лекови на “своја рака”.

Фази на Рејевиот синдром:

  • Фаза I:

Постојано или континуирано повраќање. Знаци на дисфункција на мозокот: рамнодушност, губење на енергија, поспаност.

  • Фаза II:

Промени на личноста: раздразливост, агресивно однесување. Дезориентација: конфузија, ирационално однесување, делириум, конвулзии, кома.

Може да не се појават сите овие симптоми. Треската обично не е присутна. Лекарите и медицинскиот персонал кои немале искуство во лекување на Рејевиот синдром може да го пропуштат неговото дијагностицирање поради некои заеднички симптоми со други болести. Симптомите на Рејевиот синдром кај децата не ја следат типичната шема. На пример, повраќањето може да се замени со дијареа, а може да се јави и неправилно дишење.

Тестови и дијагноза:

Нема специфичен тест за Рејевиот синдром. Во доцните 1960-ти, сепак, Американскиот центар за контрола на болести и превенција развил критериуми за дијагноза во кои биле вклучени делириум или кома и биопсија на црн дроб која покажала таложење на масти во црниот дроб (или високо ниво на хепатални ензими и амонијак во крвта).

Скринингот за Рејевиот синдром обично започнува со тестови на крв и урина, како и тестирање на нарушување на оксидацијата на масните киселини и други метаболички нарушувања.

Понекогаш повеќе инвазивни дијагностички тестови се потребни за да се оценат другите можни причини за проблеми со црниот дроб и невролошките абнормалности. На пример:

  • Лумбална пункција - може да помогне да се идентификуваат или да се отфрлат други болести со слични знаци и симптоми, како што се инфекција на обвивката која го опкружува мозокот и 'рбетниот мозок (менингитис) или воспаление или инфекција на мозокот (енцефалитис). За време на лумбалната пункција иглата се вметнува во долниот дел на 'рбетниот мозок. Мал примерок на цереброспиналната течност се отстранува и испраќа во лабораторија за анализа.
  • Биопсија на црниот дроб - може да помогне да се идентификуваат или отфрлат други состојби кои можат да влијаат на црниот дроб. За време на биопсија на црниот дроб, иглата се вметнува преку кожата на горниот дел од десната страна на стомакот и во црниот дроб. Мал примерок на ткиво на црниот дроб се отстранува и испраќа во лабораторија за анализа.
  • Компјутеризирана томографија (КТ) или магнетната резонанца (МРИ) - помага да се идентификуваат или отфрлат други причини за промени во однесувањето или намалувањето на будноста.
  • Тестирање на нарушувања на оксидацијата на масните киселини или метаболички нарушувања.

Лекување на Рејевиот синдром

Третманот на Рејевиот синдром варира. Рејевиот синдром е акутна, брза прогресивна болест. Треба да се третира како медицински итен случај. Болничкиот персонал внимателно треба да го следи крвниот притисок на пациентот и другите витални знаци. До денес не постои лек за болеста. Успешното управување на болеста зависи од раната дијагноза. Терапијата е првенствено насочена кон заштита на мозокот од трајно оштетување со намалување на церебралниот едем.

Специфичниот третман може да вклучи:

  • Интравенозни течности. Раствор на глукоза и електролити кој се дава интравенски (IV);
  • Диуретици. Овие лекови може да се користат за намалување на интракранијалниот притисок и исфрлање на течности преку мокрење;
  • Лекови кои се користат за спречување на епилептични напади;
  • Лекови за спречување на крварења. Крварењата поради абнормалности на црниот дроб може да се третираат со витамин К и плазма.

Прогноза

Во 1963 година кога Рејевиот синдром бил откриен, стапката на смртност била 80%. Во 1973 година, стапката на смртност се проценува на околу 40%, а во 1983 година била намалена на 31%. Во 1996 година, стапката на смртност се зголемила на 50%. Се верува дека ова зголемување настанало како резултат на погрешно дијагностицирање на Рејевиот синдром.

Опоравувањето зависи од сериозноста на мозочниот едем. Некои луѓе се опоравуваат целосно. Други може да останат со оштетување на мозокот, кое може да биде од мала до тешка мозочна дисфункција. Оние кои напредуваат брзо низ фазите на болеста и паѓаат во кома имаат полоша прогноза од оние кои имаат помалку тешка форма на болеста.




Факт: Никој не е имун. Рејевиот синдром влијае на сите возрасти, двата пола, и секоја раса.

Факт: Рејевиот синдром генерално ја следи вирусната болест или горните респираторни инфекции, односно: настинка, грип, сипаница, инфекција на увото.

Факт: Истражувањата покажуваат дека 90-95 % од пациентите со овој синдром во САД земале ацетилсалицилна киселина за време на претходните вирусни болести.

Факт: Треската не мора да биде присутна.

Факт: Рејевиот синдром се јавува преку целата година, а не само за време на зимските месеци.

Факт: Ацетилсалицилната киселина и лековите кои содржат салицилати не мора да се основната причина за појава на овој синдром. Овие лекови само ја зголемуваат шансата на една личност за развој на болеста.

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 12.08.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина