Опстипација, затвор, запек

доктор на медицина

Што треба да се знае за запекот?

Пациентите со запек (затвор) се жалат на:

  • тврда столица;
  • нередовно, отежнато и нецелосно празнење на цревата;
  • појава на стомачна болка и чувство на подуеност на стомакот;
  • празнењето на цревата е поретко од 3 пати неделно.

Опстипација (затвор, запек) е едно од најчестите цревни заболувања во развиените земји. Почесто се јавува на возраст над 65 години, но и кај децата. Дури секое трето дете на возраст од 6-12 години се жали на запек.

Причини за појава на запек (затвор) кај здрави луѓе најчесто се:

  • неправилна исхрана (недоволен внес на растителни влакна во храната);
  • недоволен внес на течности;
  • недоволна физичка активност;
  • одложување на потребата за празнење на цревата.

Некогаш причина за опстипација е примената на некои лекови кои се употребуваат во терапијата на: алергии, висок крвен притисок, депресии, психози, како и диуретици, аспирин, препарати кои содржат железо и калциум. Дури и честата употреба на несоодветни лаксативи (средства кои треба да го олеснат празнењето на цревата) може да допринесе до појава на опстипација.

Како да се лекува запекот?

Решение за овие тегоби има, но потребно е да се знае дали станува збор за акутна или хронична опстипација. Како што постои акутна и хронична опстипација постои и соодветна терапија за нив. Акутна опстипација е кога празнењето на цревата изостанува повеќе од 3 дена. Хронична опстипација е кога празнењето на цревата изостанува 4 дена во неделата за период од 3 месеци.

За решавање на проблемот со опстипација прв чекор е воведување на соодветен начин на исхрана, доволен внес на течност и повеќе физичка активност. При тоа се употребуваат и лаксативи - препарати кои овозможуваат полесно празнење на цревата.

  • Акутна опстипација

За акутната опстипација најчесто се употребуваат лекови кои ја стимулираат работата на цревата. Обично тоа се препарати кои делуваат брзо и имаат достапна цена. Тоа ги прави “омилени” кај пациентите со запек. Долга употреба на вакви препарати може да доведе до појава на “мрзливи црева”. Во оваа група најчесто спаѓаат и природните чаеви и “карамелите”, кои често се сметаат за целосно безбедни. Тоа се ефикасни препарати, но за краткотрајна употреба. Доколку пациентите подолго ги употребуваат овие препарати си прават лоша услуга, затоа што по прекинот на оваа терапија проблемот со опстипација се враќа во уште потешка форма.

Eден таков лек е Bisacodyl кој има лаксативен ефект и поседува локално дејство на мукозата на дебелото црево. Тој се хидролизира од цревните ензими и ја стимулира перисталтиката, како и акумулацијата на течности и електролити во шуплината на дебелото црево. Bisacodyl не се дава долго време. Неопходно е да се разјаснат причините за запекот.

  • Хронична опстипација

За хроничната опстипација покрај соодветниот режим на исхрана, потребно е да им се помогне на цревата со соодветна терапија да можат да си ја воспостават својата нормална функција. Најчесто тоа се препарати кои овозможуваат помека столица што полесно минува низ цревата. Дејството на овие лаксативи не е брзо, но овозможува трајно ослободување од долготрајниот запек, се разбира доколку се продолжи со соодветна исхрана.

За хронична опстипација најдобро е да се користи Lactulose (сахарид), кој не се разложува од ензимите во тенкото црево и стигнува до дебелото црево непроменет. Таму, Lactulose се разложува од цревната бактериска флора на органски киселини, штo доведува до помала киселост и поголема содржина во големото црево. Овие ефекти ја помагаат цревната перисталтика (ритмички цревни ѕидни мускулни контракции), ја нормализираат конзистенцијата на фекалните маси и го обновуваат физиолошкиот циклус на дебелото црево.

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 11.08.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина