Донирање полови клетки - сперматозоиди и јајце клетки

Право е на секој, без разлика од кои побуди тргнува, да донира полови клетки (сперматозоиди / јајце клетки). Тоа негово остварено право му помага на оној кој се наоѓа не по своја вина на другата страна од приказната, без можност за сопствено потомство.

Услов за да бидете донатор е да сте полнолетен, а за да сте примател да живеете во брачна или вонбрачна заедница.

За да дознаете дали би имале родителски права и колку пати би можеле да донирате полови клетки, проследете го текстот подолу. Информирајте се подетално за да не се најдете изненадени или во слична ситуација.

Донирањето сперматозоиди/јајце клетки/ембриони, поблиску е уредено во Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО). Овој закон уредува материја која се однесува на донирањето полови клетки и ембриони и нивно обезбедување, тестирање, чување итн, како и  правото и условите за биомедицинско потпомогнато оплодување.

Изрична писмена согласност

Законот дозволува донирањето и набавката на сперматозоиди и јајце клетки да може да се спроведе само врз основа на слободна писмена согласност на донаторите. Донирање и набавка на ембриони може да се спроведе само врз основа на писмена согласност на мажот и жената кои се откажале од сопственото користење на ембрионот. Нивната согласност мора да биде составена во форма на писмена изјава заверена од нотар.

Донаторите на полови клетки и ебриони немаат родителски права, ниту обврски спрема детето зачнато со користење на нивните полови клетки со постапката на БПО.

Донаторите можат да ја повлечат претходно дадената согласност се додека не е отпочната постапката за БПО со нивниот дониран материјал. Исто како и изјавата за донирање, и изјавата за повлекување мора да биде дадена во писмена форма. Претходно донираните полови клетки или ембриони се уништуваат и за тоа донаторите добиваат потврда.

Кој може да биде донатор на полови клетки?

  • Донатори на јајце клетки и сперматозоиди можат да бидат само лица кои се полнолетни и деловно способни и кои се согласуваат да донираат сперматозоиди или јајце клетки.
  • Донатор на сперматозоиди е маж чиишто сперматозоиди со негова согласност се употребуваат за оплодување на жена која не е негова брачна или вонбрачна жена.
  • Донатор на  јајце клетки е жена чиишто јајце клетки со нејзина согласност се употребуваат за спроведување постапка за оплодување на друга жена. 
  • Донатори на ембриони се маж и жена кои се откажале од сопственото користење    на ембрионот настанат за нивна прокреација, при што двајцата се согласиле нивниот ембрион да се користи за прокреација на други брачни или вонбрачни двојки или само жена.

 

Заштита и тајност на податоци

Овластените здравствени установи се должни да обезбедат заштита на сите лични, медицински и генетски податоци за донаторот и примателот и да преземат неопходни мерки за да не се открие идентитетот на примателот на донаторот и неговото семејство и обратно.

Забрана за надоместок

Донирањето на полови клетки е доброволно и без надоместок. Забрането е да се дава или прима паричен надоместок или каква било друга корист за донирање полови клетки, односно ембриони.

Доколку страните меѓу себе склучат договор за давање награда на донаторот, тој договор се смета за ништовен.

Сопствено користење на донираните полови клетки и нивно чување поради неплодност

Маж и жена на кои врз основа на медицински сознанија им се заканува опасност од неплодност заради здравствени причини, можат во овластена здравствена установа да ги зачуваат своите сперматозоиди, јајце клетки, ткиво од јајник или семеник, за сопствено користење.

Во случај на смрт на мажот, нашиот закон дозволува постхумна БПО, само ако постои претходно дадена писмена изјава од тоа лице. Меѓутоа постапката за БПО мора да се изврши најдоцна до една година од денот кога настапила смртта.

Ограничувања на користење на донирани полови клетки

Донираните полови клетки од едно лице, можат да се користат до раѓање на најмногу две живородени деца.

Забрана за тргување или јавно огласување

Забрането е тргување со полови клетки и ембриони. Забрането е објавување на јавен оглас, да се бараат или нудат полови клетки или ембриони.

Забрана за сурогат мајчинство

Забрането е преку јавен оглас, да се бара или нуди услуга на раѓање на дете за друг (сурогат мајчинство).

Забрана за клонирање на човечко суштество

Забранета е секоја постапка наменета за создавање човечко суштество генетски истоветно со друго човечко суштество, било живо или мртво.

Под човечко суштество, генетски истоветно со друго човечко суштество, се смета човечко суштество кое со другото го дели истиот сет гени.

Овцата Доли (05.07.1996-14.02.2003) е првиот цицач клониран од возрасни соматски клетки, преку процес на нуклеарен трансфер.

Научно-истражувачка работа со ембриони

Научно-истражувачката работа со ембриони е дозволена меѓутоа со исклучива намена за подобрување на човечкиот живот, со согласност во писмена форма на брачните/вонбрачните другари од кои потекнува ембрионот, како и одобрение од Државната комисија, по претходно мислење од Етичкиот комитет.

Се надеваме дека со краткото излагање, ве доближавме до сфера која не е комерцијализирана и за која кај нас, барем досега, ретко се разговара. Информираноста за ваквите проблематики има значење и за секој заинтересиран за следење на светските актуелности. Впрочем, во ова лудо време, информациите и знаењето се секогаш добредојдени.

Во некој нареден текст ќе зборуваме повеќе за БПО- биомедицинско потпомогнато оплодување и неговите варијации (in vitro оплодување- ‘’within glass’’ и  in vivo оплодување- ‘’within the living’’) .

 

 

авторот на статијата е дипломиран правник

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и /или  реемитување-

www.doktori.mk, 05.10.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина