Инсулинска пумпа

0

Што е инсулинска пумпа?

Инсулинската пумпа е мал електронски уред со големина на мал мобилен телефон кој работи на батерии и се носи на стомак или околу половината како појас. Се состои од резервоар кој содржи инсулин и инфузиски сет кој со канила поткожно е прикачен за телото. Оваа пумпа работи со микропроцесор кој е програмиран 24 часа да внесува инсулин во организмот (базална доза на инсулин), а по оброците пациентот самиот ги уфрла дополнителните дози притискајќи го копчето.

Се препорачува кај деца заболени од Diabetes mellitus тип 1, кај пациенти кои често се боцкаат со инсулин и немаат добро регулирана гликемија, кај физички активни лица кои се занимаваат со спорт и сл., како и кај трудници.

Предности на инсулинската пумпа

Предностите од користењето на инсулинската пумпа се во тоа што се намалува појавата на хипогликемиите, се намалуваат компликациите од покачениот шеќер во крвта, има помалку боцкање во текот на денот, пофлексибилен начин на живеење и подобро регулирана гликемија во крвта.

Со 10-годишна студија се утврдило дека користењето на инсулинската пумпа ја намалило појавата на слепило за 76%, ампутации на екстремитети за 60% и бубрежни компликации за 54%.

Инсулинската пумпа овозможува активно занимавање со тенис, гимнастика, ролери, фудбал, кошарка, пливање, скијање и сл. Инфузионите сетови се менуваат на неколку дена и тоа во домашни услови. За време на сексуален однос слободно може да се извади пумпата, како и за време на капење и туширање. Слободно може и да се патува, но пред тоа да се извести Вашиот доктор, кој ќе Ви даде соодветни совети.

Со инсулинската пумпа можете да јадете кога сакате, ако прескокнете оброк нема да го притиснете копчето за дополнителен инсулин и со тоа не се нарушуваат секојдневните активности.

Инсулинската пумпа – идеална за децата дијабетичари

Најдобра примена има кај децата поради фактот дека тие сами не се боцкаат со инсулин, тешко може сами да се обучат и за важноста од земањето храна по примениот инсулин. Со пумпата слободно може по цел ден да играат, а ризикот од хипогликемии е минимален.

Одржувањето на апаратот е едноставно, пред да се потрошат батериите апаратчето ќе алармира за замена со нови. Инфузионите сетови се менуваат на неколку дена.

 

Инсулинска пумпа во нашата држава

Кај нас Фондот за здравство и Министерството за здравство ги покриваат инсулинските пумпи. Доколку сте кандидат за инсулинска пумпа, на Клиниката за Ендокринологија во Скопје, во Центарот за дијабет, постои тим на лекари кој работи со инсулински пумпи и кој е одговорен за обука и следење на пациентите што ќе се одлучат за пумпа.

По ставањето на пумпата треба редовно да се мери гликемијата, да се прават редовни контроли на холестеролот и триглицеридите, микроалбуминемијата, преглед на стапалата, очен преглед и испитување на HbA1C.

Пожелно е да сте во редовен контакт со тимот кој Ве обучува како да ја користите пумпата.

Д-р Ирена Беде Спалевиќ е родена на 06.10.1982 год. во Охрид. Завршува Медицински факултет во Скопје. Покраj медицината интерес има за спортски активности како пливање, аеробик и пилатес. Смета дека редовната физичка активност и здравата исхрана се во најголем процент одговорни за одржување како на физичкото така и на менталното здравје. мото Во здраво тело, здрав дух. Never say never Доктори.мк е супер веб страна на која може да се најдат многу интересни и поучни информации. Ова е добар начин да се информираат луѓето за најчестите проблеми во врска со здравјето, а воедно и да дознаат некои интересни факти и феномени во медицината. :)