Несвесни реакции меѓу пациент и доктор

доктор на медицина

Несвесна реакција на пациентот кон докторот: Трансфер

Основната несвесна реакција на пациентот кон докторот произлегува од неговото искуство со значајни личности во детството. Доколку пациентите како деца имале доверба и верба во своите родители, тие полесно ќе можат да се препуштат во рацете на докторот со истата доверба и верба. На сличен начин, доколку пациентите имале недоверливи, невнимателни родители, овие искуства ќе се судрат со нивната можност да имаат доверба во дури и најпосветените доктори. Ваквите пациенти може да останат настрана и со сомнеж или може да бидат само индиферентни, но секако несоработливи со докторот.

Пациентите кои имале неисполнета потреба за родителска дозвола може да се обидат да го добијат прифаќањето од страна на докторот преку пропуштање или изменување на фактите. Тие ќе прикажат неточна анамнеза, ќе му кажат работи на докторот кои сметаат дека тој сака да ги слушне. Пациентот ќе има поголема потреба да го задоволи докторот отколку да добие соодветен третман и да оздрави.

Односот доктор - пациент идеално треба да биде со взаемно учество на двајца возрасни со одредена цел. Како и да е, некои пациенти ќе го гледаат докторот како сезнаен и семоќен, како што детето ги гледа родителите. Притоа, доколку нешто тргне наопаку во третманот, ваквите пациенти ќе бидат лути на докторот. Тие ќе почувствуваат дека докторот, кој треба да биде способен да се погрижи за се, ги изневерил. Овој феномен на имање несвесни чувства кон докторот базирани на претходните врски во минатото може широко да се дефинира како процес на пренесување - трансфер. Развојот на преносот е олеснет во случаи на физичка болест заради психолошка регресија која непроменета зазема место. Пациентите се враќаат на поранешните начини на психолошко функционирање и оваа регресија го промовира и го зголемува развојот на преносот на чувства и реакции.

Процесот на пренесување е убиквитарен феномен. Карактеризиран е со интензитет и несоодветност. На пример, наместо пациентот да биде умерено вознемирен од страна на докторот за нешто што вообичаено предизвикува умерена вознемиреност, тој ќе стане бесен на докторот. Друга карактеристика на трансферот е неговото траење. Доколку пациентот реагира со нереална и со несоодветна вознемиреност на работите кои докторот ги прави, оваа реакција обично ќе перзистира без разлика што и да направи докторот. Може да се повтори независно од тоа како ситуацијата ќе се заврши. Понекогаш процесот на трансфер може да се појави уште во моментот на првата посета на докторот, дури и пред првата средба. Како и да започнал, повеќето од пациентите ќе го развијат процесот на трансфер, кој не се базира на свесната реалност за тоа што докторот прави туку попрво на постоењето на несвесните слики од детството.

1. “Позитивен” трансфер

Пациентите можат да имаат некои многу силни позитивни чувства за нивните доктори. Не е невообичаено за пациентите да имаат чувство дека тие го имаат “најдобриот доктор на светот” и дека имаат непроменлива доверба во него. Тие можат да го оформат и да го развијат ова мислење уште пред да го запознаат докторот. Понекогаш пациентите можат дури и да се вљубат во својот доктор. Во вакви услови пациентите го преувеличиле и го идеализирале докторот. Ова може да доведе до потешкотии во станувањето на докторите подобри во нивната работа, не бидејќи тоа е реалната цел, туку бидејќи пациентите сакаат да го задоволат докторот, исто како што сакале да ги задоволат своите родители во детството. Во вакви случаи многу често пациентите ќе очекуваат докторот да им возврати на воодушевувањето. Тие ќе сакаат да им биде возвратена љубовта, на истиот начин на кој биле или сакале да бидат сакани кога биле деца. Нема подобра мотивација од оваа за пациентот да сака да оздрави, но тука неизбежно е присутна и одредена опасност. На пример, ваков “позитивен” трансфер некогаш може да доведе до пренагласена заводливост или детско однесување од страна на пациентот кон докторот.

Во вакви ситуации, пациентот е несвесен дека неговите сексуални чувства кон докторот се базираат на односите во детството. Овие чувства некогаш можат да бидат многу интензивни без разлика што пациентот некогаш има ограничен професионален контакт со докторот. Важно е докторот да го препознае потеклото на овие чувства и да биде претпазлив во поставувањето на личниот однос кој може да ги охрабри нереалните чувства добиени од “позитивниот” трансфер. Во спротивно “позитивните” чувства можат многу брзо да се претворат во “негативни”.

2. “Негативен” трансфер

Пациентите можат да развијат интензивен, навредлив бес кон докторот, особено доколку нивните моментални желби и очекувања не се остварени. Ова би значело “негативен” трансфер. Во ваков случај пациентот ќе се труди да ја спречува терапијата. Пациентот ќе му се спротивставува на докторот на ист начин на кој детето им се спротивставува на останатите членови од фамилијата. Се разбира дека ова ќе го комплицира медицинскиот третман. На свесно ниво, пациентот може да прави работи кои што се бараат од него, меѓутоа несвесно пациентот може да сака да го фрустрира докторот. Лековите може да не ги зема или препораките во врска со терапијата да не бидат следени. Постои неограничен број на начини на кои пациентот може да му се спротивставува на докторот. Ваков пациент, кој вложува напор во “негативниот” транфер може да биде еден од најтешките проблеми со кои докторот е соочен. Ваквото непријателство некогаш може да биде многу суптилно и да предизвика докторот да се чувствува многу непријатно. Ова особено се однесува на младите и неискусни доктори.

Понекогаш единствена карактеристика на докторот може да има огромно емоционално значење за пациентот и може многу да го промени видот на трансфер кој се развива. Ваквите чувства вклучуваат страв, безнадежност и бес и тие ќе го спречуваат медицинскиот третман и способноста на пациентот да соработува со докторот.

Полот на докторот, исто така, може да биде важен во одредувањето на видот на трансфер кој ќе се развие кај пациентот. Жена - доктор може некогаш многу лесно да ги евоцира поранешните спомени на друга жена во животот на пациентот. Пациентот може да го гледа женскиот доктор како мајка и на тој начин да функционира како беспомошно дете. Машкиот пациент, исто така, може да ја гледа жената - доктор како застрашувачка жена или како атрактивен сексуален објект. Иако во повеќето случаи пациентот може свесно и реално да ја прифати жената како доктор кој е тука да му помогне, понекогаш може да реагира несвесно на различни начини кои се должат на преносот. Очигледно “татко” - видот на пренос може да биде повеќе очевиден кога се работи за машки доктор. Како и да е, и тука постои силен елемент на дете за кое се грижела мајката.

Возраста на докторот може да биде многу измамувачки фактор во преносот. Младите доктори и студентите често мислат дека ќе бидат сметани за деца од нивните постари пациенти. Кај некој пациенти ова може да биде иницијална реакција, меѓутоа улогата на докторот има премногу емоционално значење за вообичаениот пациент, за ова да биде најважниот фактор во преносот. Исто така, бидејќи физички болните пациенти прават психолошки регрес на одреден начин, често пациентот е тој кој што се чувствува детинест и кој ќе гледа родителски квалитети во своите млади доктори.

Несвесна реакција на докторот кон пациентот: контратрансфер

“Контра” во овој случај не значи против, туку спротивна страна. Не се однесува на потребната емпатија која докторот треба да ја чувствува кон пациентот, туку се однесува на конфликтните чувства од детството на докторот. Како што беше случај и со пациентите, така и докторите може да одговорат нереално и ирационално кон своите пациети. Докторот може да најде одредено задоволство да биде сметан за прекрасна, неверојатна, почитувана личност. Многу често овие чувства се резултат на раните желби од детството да се биде сезнаен, маѓичен и семоќен. Овој начин на размислување постои во одреден степен во фантазиите на сите возрасни, особено кај докторите.

Иако знаеме дека пациентот ќе гледа на својот доктор како семоќен, постои голема опасност доколку и докторот го мисли истото. Во ваква ситуација пациентот е набљудуван како беспомошно дете и односот е од типот на доктор кој се грижи и е “добар родител”. Очигледно во некои медицински состојби, како што е коматозна или акутна болест на пациентот, ваков вид на однос е неопходен. Меѓутоа во многу ситуации како што се хроничните болести или реконвалесценцијата од акутните болести, пациентот ќе функционира и ќе соработува во оптимален начин кога тој ќе може да учествува како активен и еднаков партнер во третманот, заедно со докторот.

Друг пример на контратрансфер може да се види во многу честата тенденција од страна на докторот да постави дијагноза на друг доктор колега. Кога докторите третираат колеги тие често тежнеат кон тоа да ја минимализираат болеста, што е многу опасно. Причина за ова е тоа што третираниот доктор се идентификува со пациентот - колега.

Чувство на вина може да се појави како вид на контратрансфер доколку докторот, во соочување со реалната неспособност да му помогне на пацентот, се чувствува изразено виновен во врска со дадената медицинска ситуација. Ова најчесто е случај кога пациентот ќе почине. Прашање, се разбира, е дали докторот направил се што реално било очекувано од него за да му помогне на пациентот. Очигледно, доколку докторот не го направил тоа, тогаш постои причина да чувствува вина. Доколку докторот направил грешка, би било соодветно да има чувство на вина. Меѓутоа доколку чувството на вина е присутно за нешто врз што докторот немал контрола, тогаш вината е неоснована.

Постојат пациенти за кои докторот може да има одредени чувства, не заради тоа што се пациенти, туку заради тоа што го потсетуваат на некого од минатото.

Еден доктор може да се почувствува загрозен или вознемирен со постар пациент, додека друг може да се чувствува премногу привлечен и заштитнички да се однесува кон истиот. И двата вида на чувства може да попречат во соодветниот третман.

Доколку дојде до ова докторот може да посака да го предаде пациентот на свој колега или да побара консултација со друг колега. Докторите кои што ќе специјализираат психијатрија ќе научат да ги искористат овие чувства на контратрансфер. Тие ќе станат многу важен дел од психотерапијата. Без разлика во која специјалност од медицината ќе работат, докторите мораат да сфатат дека како што пациентите ќе реагираат несвесно на нив, така и тие ќе реагираат несвесно кон истите.

Претходнo од рубриката:

www.doktori.mk, 22.07.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина