Доктори.мк | Дали енергетските пијалоци навистина делуваат? | dali-energetskite-pijaloci---deluvaat--- | Портал за медицина и здравје

Дали енергетските пијалоци навистина делуваат?

Милиони луѓе во светот користат енергетски пијалоци за да останат будни. Но, сте размислувале ли некогаш дали и како истите делуваат? Дали тие навистина ни даваат енергија или нашиот ум рефлексно се буди кога ќе ја види етикетата за енергетски пијалок на некое шише?

Што се тоа енергетски пијалоци?

Енергетските пијалоци се конзервирани или флаширани пијалоци кои ги наоѓаме во маркетите, дуќаните, баровите и ноќните клубови (често мешани со алкохол). Повеќето од нив се газирани и содржат големи количини на кофеин и шеќер, заедно со други состојки како Б-витамини, амино-киселини (пр.таурин) и хербални стимуланси.

Што содржат енергетските пијалоци?

Повеќето енергетски пијалоци содржат кофеин, витамини и комбинирани хербални суплементи. Најпопуларни од витамините кои се користат за производство на енергетски пијалоци се оние од Б-групата. Други вообичаени состојки се: гуарана, акаи и таурин, како и разни форми на малтодекстрин, газирана вода, инозитол, карнитин, креатин, гинсенг и гинко-билоба. Некои пијалоци имаат високо ниво на шеќер. Главна состојка е кофеинот. Енергетските пијалоци се стимулативни супстанции кои ја засилуваат мозочната активност.

Дали навистина делуваат?

Енергетските пијалоци навистина имаат сила да Ве задржат буден. Состојките кои се наоѓаат во нив го стимулираат Вашиот мозок. Еве какво е дејството на некои од состојките:

  • Ефедрин – стимуланс кој делува на централниот нервен систем. Тој е чест додаток на продуктите за брзо слабеење и деконгестивите. Сепак, постојат грижи за неговото дејство врз срцето;
  • Таурин – природна амино-киселина која ги регулира срцевиот ритам, фреквенцијата и контрактилноста на срцето. Здравствените експерти не се сигурни каков ефект има истата кога е како адитив во пијалоците;
  • Гинсенг – корен за кој се верува дека има неколку медицински употреби, вклучувајќи го намалувањето на стресот и повишувањето на енергетското ниво;
  • Б-витамини – група на витамини која го конвертира шеќерот во енергија и го подобрува мускулниот тонус;
  • Кофеин – ги блокира ефектите на аденозинот, супстанција која е задолжена за спиењето. Блокирајќи го аденозинот, ги предизвикува неуроните да се “запалат”. Мислејќи дека состојбата во организмот е ургентна, хипофизата го лачи адреналинот. Овој хормон ја забрзува срцевата работа и предизвикува дилатација на зениците.

Кофеинот, исто, го афектира нивото на допамин во центарот за задоволство на мозокот. Сите овие физички одговори прават да се чувствувате како да имате повеќе енергија. Ова значи дека кофеинот го мами мозокот и доаѓа до ослободување на хормоните. По нивното ослободување, црниот дроб лачи шеќер во крвотокот, а крвниот шеќер е тој кој ни дава енергија. Лесно и едноставно – кофеинот прави трик на умот.

Сето ова му дава енергија на организмот. Шеќерот е супстанција која најпрво се користи за добивање на “брза” енергија.

Стимулансите го зголемуваат нивото на норадреналин и допамин во мозокот, со што се покачува крвниот притисок и срцевата фреквенција, настанува констрикција на крвните садови, се покачува нивото на крвен шеќер и се забрзува дишењето. Поради тоа настанува ефект на зголемена будност, внимание и енергија, заедно со чувство на еуфорија.

Енергетските пијалоци можат да му наштетат на Вашето здравје

Стимулансите кои вештачки го одржуваат Вашето внимание и будност можат да бидат штетни за Вашето здравје.Тие можат да го нарушат сонот, да предизвикаат гадење и иритабилност. Исто така можат да го нарушат дејството на кардиоваскуларниот систем, предизвикувајќи тахикардии и аритмии. Некои од нив предизвикуваат и зависност.

Најдобар начин за победување на заморот се уште претставува добриот сон.

објавено на 2011-07-12

www.doktori.mk, 05.07.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости