Зошто нижиме рецки?

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Мажите се попромискуитетни од жените. За тоа има биолошки причини. За мажите, секоја нова жена истовремено значи шанса за создавање потомство што ќе носи негови гени. Мажите се под силен еволуциски пртисок да бидат отворени кон кратки или кон истовремени врски со повеќе жени - полигамија.

Полигамија

Биолозите полигамијата ја објаснуваат со сексуалниот диморфизам, разлики во големината и формата на машкото и женското тело. Екстремниот сексуален диморфизам типичен е за полигамски врски кај кој мажјакот може да оплоди неколку женки оставајќи ги другите, послабите мажјаци без потомство. Полигамните горила, каде мажјакот е два пати поглем од женката, имаат “харем” од женки. За разлика од горилата, гибоните, каде мажјакот и женката се приближно со иста големина, потполно се моногамни. Луѓето се некаде помеѓу горилата и гибоните. Мажите се во просек 15% поголеми од жените, па така Хомо сапиенс покажува одредена мерка на полигамија.

Антрополошките истражувања покажале дека во околу илјада минати или сегашни човечки заедници на мажите им било дозволено да имаат повеќе од една жена. “Постојана врска со една жена е можна само ако немате успех во работата”, изјавил милијардерот Џон Пол Гети, кој се женел пет пати. Студијата на канадскиот антрополог Даниел Перус покажа дека мажите со повисок социо-економски статус имаат поголем број партнерки од мажите што се на пониската општествена и материјална скала. Тоа е само една потврда дека жените сакаат заштита од богати и моќни мажи.

Креативност и промискуитет

Еден важен фактор во промискуитетноста е личноста. Истражувањата на Даниел Нетл од Универзитетот во Њукасл укажуваат дека класичниот промискуитетен маж би требало да биде изразито екстровертен, со намалена неуротичност и многу незаинтересиран за усогласување со средината во која живее. Нетл е автор на студијата според која креативните луѓе, посебно уметниците, имаат двојно повеќе сексуални партнерки од останатите луѓе. “Креативните луѓе водат боемски живот и се однесуваат во склад со своите сексуални импулси”, тврди Даниел Нетл.

Кога жените изневеруваат?

Иако жените со голем број партнери се однесуваат на сличен начин како и мажите, женската промискуитетна особина е се уште загатка. За разлика од мажите кои со повеќе партнерки практично истовремено можат да имаат деца, жените, без разлика на бројот на партнерите, не можат да родат повеќе од едно дете годишно (се разбира ако ги исклучиме близнаците, тројките или четворките што е исклучок, а не правило). Затоа на жените им е најдобра еволуциска стратегија да изберат партнер што поседува добри гени и што на нивното потомство ќе даде најдобра заштита. Но, што се случува ако еден маж не ги поседува двата услова? Жената бара нов партнер. Во еволуциската заднина на женското неверство се наоѓа потребата да се избере најдобриот татко на нејзините деца, но и партнер со кој ќе има долготрајна и стабилна врска. Истражувањата покажаа дека жените, иако за тоа не се свесни, своите партнери најчесто ги изневеруваат за време на овулацијата, значи тогаш кога е најголема веројатноста дека ќе забременат.

Истражувањето на Шмит покажало дека мажите се најпромискуитетни во дваесеттите, а жените во триесеттите години на својот живот. Тоа се годините кога веројатноста за забременувањето кај жената опаѓа, а истовремено расте шансата да роди дете со генетски дефект. Се разбира, денеска многу жени раѓаат и многу подоцна, а Шмит сугерира дека зголемениот промискуитет на жените во тие години покажува еволуциска стратегија да се максимизираат шансите за зачнување и раѓање здраво дете.

Сепак, важен елемент за женската промискуитетност е и културната еволуција што придонесе за промена во однесувањето, како на мажот така и на жената.

“Кога во слободното општество жената располага со додатни ресурси, а грижата за децата не е само нивна, тие се однесуваат на ист социо-сексуален начин како и мажите”, заклучува Давид Шмит.

Oстанати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 08.07.2011

Последна вест

Најчитани статии - животен стил