"Еликсирот на младоста" - лек за прогерија

Истражувањето е објавено во реномираното списание Science Translation Medicine, а поттикна големо внимание во јавноста и медиумите.

Еликсирот на младоста од Велигденските Острови, рапамицин, може да биде лек за деца заболени од прогерија, неизлечива болест која доведува до забрзано стареење и смрт на деца на возраст од 12 или 13 години. До ова откритие дојде тимот под водство на хрватскиот научник д-р Димитри Краинц и д-р Франсис Колинс, директор на американскиот Национален институт за здравје (NIH), како и директор на проектот Човечки геном.

Мутација во генот

Истражувањето, објавено во реномираното списание Science Translation Medicine, поттикна големо внимание во светските медиуми, но и надеж кај родителите на околу 250 деца во светот заболени од таа ретка генетска болест.

Прогеријата се јавува кај едно од 8 милиони бебиња, а тие деца стареат 6 до 8 пати побрзо од здравите деца. Им паѓа косата, кожата им станува тенка и проѕирна, зглобовите им се артритични и изгледаат како старци, иако сеуште не доживеале ни 13 години. На крај умираат од мозочен удар или инфаркт.

- Прогеријата е предизвикана со мутација во еден ген, поради што во клетките се собира протеинот прогерин. Баравме начин на кој прогеринот може да се отстрани од клетките и притоа тестиравме разни лекови. Се покажа дека рапамицинот е најефикасен – објасни Димитри Краинц, професор на Харвард и соработник на сплитскиот МедиЛС.

Професор по неврологија

Рапамицинот е материја која ја произведуваат бактерии од тлото на Велигденските острови, а веќе долго се користи како цитостатик и лек кој спречува отфрлување на органи при трансплантација. Но, научниците пред две години покажаа дека рапамицинот на стари глувци може да го продолжи животот за 38 отсто.

- Сметајќи дека рапамицинот го продолжува животот на разни организми, моментално испитуваме на кој начин рапамицинот делува во нормални клетки, т.е. на кој начин го продолжува здравјето на клетките и општо на организмите – рече Краинц и потенцира дека клиничките експерименти во лечење на прогеријата можат да почнат веќе идните месеци.

- Бидејќи рапамицинот веќе се користи кај луѓето, многу брзо може да се примени и кај заболени од прогерија. Верувам дека клиничките студии ќе почнат уште оваа година – рече Краинц и потенцира дека фармацевстките компании често сметаат дека „не се исплатува“ да се бара лек за ретки болести.

Др. Димитри Краинц дипломирал на Медицинскиот факултет во Загреб, а потоа научно и клинички се усовршувал на Massachusetts General Hospital и Harvard Medical School, каде што е професор по неврологија.

Соработува на МедиЛС

Во 2003 година се вратил во Хрватска, каде некое време бил директор на Клиниката за неврологија на Медицинскиот факултет. Краинц од 2005 година соработува на МедиЛС во Сплит, каде е директор на научно-истражувачкиот проект „Механизми на невродегенерации“.

 

6 јули 2011

Јутарњи Лист - Загреб

Извор: МИА

www.doktori.mk, 07.07.2011

Последна вест

Најчитани статии - фармација