Електромобил од Африка

Градови кои се гушат во чад и се поскапиот бензин се главни причини што многу производители на автомобили полагаат надежи во развој на електромобили и тоа не само во Европа, туку и во Африка. Во Африка идејата стигна до реализација – во Јужноафриканската Република идната година треба да почне сериско производство на еден модел, но и во сиромашната Уганда инжинерите работат на развој на автомобили на струја.

Студенти од Кампала покренаа проект, кој речиси е невозможна мисија, со оглед дека ниту еден дел не се произведува во Африка – моторот, преносниот систем, управувачот – се мора да се увезе преку море. Наспроти тоа, овие ентузијасти се надеваат на сериско производство кое би требало да почне наскоро. Во подрумот на Технолошкиот институт на државниот факултет на Уганда се работи со чекани и електроди. Пет студенти, идни инженери, составуваат една каросерија. Ова не е какво било возило. Ова е сон на овие студенти – нешто што би можело да стане прво електрично возило направено во Уганда, објаснува координаторот на проектот Паул Мусасизи.

- Овој автомобил почнавме да го правиме за да докажеме дека можеме да го направиме. Сакавме да покажеме дека имаме потенцијален кадар, дека имаме луѓе кои се способни за нешто ново. Сакавме и светот да види што можеме, иако не сме меѓу најразвиените земји. Сакаме светот да престане да произведува за нас и самите ние да го произведуваме тоа што ни треба. Тогаш светските земји би биле наши рамноправни партнери, изјави Мусасизи за „Дојче веле“.

Тој вели дека со дизајнирање на автомобилот почнале уште во 2009 година бидејќи не ги дизајнирале само надворешните линии на возилото, туку конструирале и цела електроника и софтвер во една мала канцеларија на универзитетот. - Најтешко беше што знаевме дека мораме да направиме автомобил за пазарот на Уганда. Ваков автомобил веројатно би бил многу скап, но на нашите граѓани им треба ефтино возило кое би можеле да го купат. Електромобилите секако се поскапи од другите автомобили, а ние не знаевме колку ќе не чинат увозните делови. Втор проблем се очајните патишта и улиците во Уганда. Затоа возилото ќе биде со висок под, рече Мусасизи.

Автомобилот треба да развива максимална брзина од 60 километри на час и да поминува 50 до 60 километри со едно полнење на батериите. Првите проби треба да се одржат во кампусот на Универзитетот. Тогаш инжинерите ќе видат каде има простор за подобрување. Автомобилот ќе се вика „Кира“ според водопадот кој го почнува течението на Нил од езерото Викторија. За народот на Африка, Нил е често извор на живот и симболично и буквално.

Паул Мусасизи смета дека реката и водопадот можат да бидат и симбол на технолошкиот развој.

 Дојче веле - Берлин 5 jули 2011

извор:МИА

www.doktori.mk, 05.07.2011

Последна вест

Најчитани статии - занимливости