Херпес на усните - чест проблем за време на летниот одмор

доктор по стоматологија

Летувањето не секогаш знае да понуди целосно задоволство. Еден од проблемите кој се јавува после добар провод на плажа и уживање под сонце, нема многу да Ве израдува.

Ви се појави херпес на усните? Повторно?

Дознајте малку повеќе што е всушност херпесот, кој го предизвикува, кои се симптомите, дали има начин превентивно да делувате, и најважно, што да направите ако Ви се појави херпес на усните...

Причини, патогенеза и пренесување

Причинител на херпес на усните е херпес симлекс вирусот тип 1, кој спаѓа во групата на ДНК- вируси, Herpes viridae. Инфекцијата со херпес вирусот се јавува секаде во светот, но преваленцата е различна во различни земји. Единствен резервоар на вирусот е човекот. Вирусот се пренесува преку директен контакт, бакнување и користење на заеднички прибор за храна со инфицираната особа. Примарната инфекција обично се случува во детството, а носителството на вирусот останува доживотно. Вирусот се искачува преку сензитивни нерви до дорзалните ганглиони (ганглион на трогранковиот нерв) и таму останува во латентна состојба. При реактивација, вирусот се движи до усните и предизвикува херпесни лезии. Реактивација на вирусот се случува при долготраен стрес, долго изложување на сонце, недоволна и неправилна исхрана, недоволен внес на витамини, ексцесивно консумирање на алкохол и при состојби на намален имунитет, како што се настинките и респираторните инфекции.

Симптоми

После 4-6 дена од контактот со вирусот, реплицираните вируси предизвикуваат клеточна смрт и воспаление, и се појавуваат меурчиња (везикули) на зацрвенета (еритематозна) кожа или слузокожа. Симптомите се јавуваат неочекувано, со чувство на дискомфор и чешање. Меурчињата може да печат и да се осетливи на допир. Локалните лимфни јазли може да се зголемени, а понекогаш се јавува главоболка, треска, мускулна болка и слабост. Кај посериозни случаи, херпесната лезија прекрива поголема површина. После неколку дена, меурчињата прскаат, од нив истекува течност, а потоа може да се формира лузна која е обложена со кора. Симптомите на херпес инфецијата на усните обично поминуваат за 1-3 недели. Кај полесни случаи, симптомите се повлекуваат за 3-5 дена. Инфекциите кај имуносупримирани пациенти имаат потежок тек и полош исход. Херпесот на усните може да се искомплицира и да настане воспаление на мозокот и мозочните обвивки (менингоенцефалитис).

Превенција

Избегнувајте директен контакт со лицата кои имаат активирана инфекција: не се бакнувајте и не користете заеднички прибор за јадење и други предмети.

Ако за време на летните одмори често Ви се појавува херпес на усните, избегнувајте долготрајно сончање и пливање. Обратете поголемо внимание на хигиената, хранете се здраво, намалете го стресот и користете заштитни средства за кожа.

Вакцина против херпес вирусот не е пронајдена, но во тек се интензивни испитувања.

Терапија

Лек на избор кој дејствува само на херпес вирусите е ацикловирот. Се применува локално (во форма на маст), орално или парентерално. Многу е важно ацикловирот да се употреби веднаш после појавувањето на првите симптоми, затоа што лекот спречува само ширење на вирусот, а не го убива.

Постапки во домашни услови

Некои од следниве постапки може да придонесат во ублажувањето на симптомите:

  • По појавата на херпесната лезија, нанесете паста за заби која содржи цинк или алкохол
  • На незрелите меурчиња нанесете мраз
  • Ставете облога со екстракт од лук
  • Лузните премачкајте ги со алое вера.

Уживајте во летниот одмор :)

Дознајте повеќе за авторот, Филип Конески >>>

објавено на 2011-07-04

www.doktori.mk, 29.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија