Доктори.мк | Животот во град штетен за нашето ментално здравје | zivotot-vo-grad-moze-da-bide-los-po-mentalno-zdravje-na--lugjeto | Портал за медицина и здравје

Животот во град штетен за нашето ментално здравје

Животот во град може да биде лош по менталното здравје на луѓето, бидејќи кај жителите на големите градови одредени делови на мозокот реагираат посилно на стрес отколку кај тие кои пораснале во село, покажа најновото истражување објавено во американското списание „Нејчр“.

Со тоа може да се објасни како животот во град може да го зголеми ризикот од заболувања како шизофренија и други ментални пореметувања, наведоа научниците кои учествуваа во студија спроведена во Германија.

Едно претходно истражување дојде до резултати дека растењето во голем град го зголемува ризикот од шизофренија, а најдени се и докази дека жителите на градовите се под поголем ризик од чести промени на расположението и од анксиозност.

Во новото истражување учествуваа здрави доброволци, чии мозоци се снимани на скенер. Резултатите покажале дека постои голема разлика во активноста на мозокот меѓу луѓе кои живеат во град и во село, но не можело да се воспостави цврста поврзаност меѓу нивните мозочни активности и евентуални ментални болести.

Научниците сакаа да откријат како луѓето реагираат на стрес кој го предизвикуваат други луѓе, па доброволци снимаа на скенер и од нив побараа да решаваат математички проблеми. Додека биле под скенер, испитаниците можеле да го слушаат гласот на научникот кој ги критикувал поради нивното лошо решавање на задачите.

Истражувањето покажало дека на таа „тактика“ доброволците од градовите реагирале понервозно од луѓето од село, т.е. била забележана поголема активност на оној дел на мозокот кој реагира на закани од директната околина.

Научниците земаа предвид колку долго испитаниците живееле во град или во село до 15 години, големината на градовите или селата, а резултатите покажале дека тие кои детството го поминале во голем град, понервозно реагирале во процесот на истражувањето.

Меѓутоа, кога истражувачите во текот на експериментот не ги критикувале испитаниците кои биле под скенер, тогаш не била забележана разлика во функционирањето на мозокот меѓу тие од град и тие од село.

извор: МИА
www.doktori.mk, 27.06.2011

Последна вест

Најчитани статии - животен стил