Чувствителни заби

доктор по стоматологија

Чувствителноста на забите е честа појава. Под овој термин обично се мисли на неочекувана остра болка која во забите се јавува при одредени ситуации. Таа болка може да се јави:

  • при консумирање ладна храна и напитоци;
  • при консумирање топла храна и напитоци;
  • при консумирање слатки работи;
  • кога со јазикот ќе се допре забот или кога ќе се допрат забите.

Постојат два типа на чувствителност на забите:

1. Дентинална чувствителност

Дентинална чувствителност се јавува кога дентинот (средниот дел на забот) е соголен. Дентинот обично е прекриен со забна глеѓ над работ од гингивата и со цемент (минерализирано сврзно ткиво) под работ на гингивата. Преку дентинот поминуваат многубројни каналчиња во кои се наоѓаат гранчиња од нервни завршетоци од забната пулпа, која претставува нервен центар на забот. Кога дентинот е соголен, топлината, ладното и притисокот делуваат на нервните завршетоци со што предизвикуваат чувствителност на забот. Дентиналната чувствителност се јавува кога надворешните заштитни слоеви на забната глеѓ и цементот ќе се отстранат, така што дентинот останува соголен. Оваа појава може да зафати само еден или повеќе заби. Соголен дентин може да биде предизвикан од:

  • пресилно четкање на забите при кое со текот на времето може да се оштети забната глеѓ;
  • недоволна хигиена на забите и устата со што по работ на гингивата се создава забен камен;
  • неизлечен кариес;
  • стари пломби на кои се јавиле пукнатина или отвор;
  • повлекување на гингивата со која се открива коренот на забот (повлекувањето на гингивата може да е предизвикано од болест на гингивата или од пресилно четкање на забите со четка за заби);
  • операција на гингивата со која коренот на забот останува соголен;
  • избелување на забите кај луѓе чиј корен на забот е соголен;
  • често консумирање кисела храна или напитоци.

2. Пулпална чувствителност

Пулпалната чувствителност ја зафаќа забната пулпа. Забната пулпа е маса од крвни садови и нервни завршетоци во центарот на секој заб. Пулпалната чувствителност обично се јавува кај еден заб. Причини за пулпална чувствителност кај забите се:

  • кариес или инфекција;
  • нова пломба;
  • силен притисок предизвикан од стискање со забите;
  • напукнат или скршен заб.

Остра болка при загриз може да биде знак дека пломбата е пукната или скршена. Болката која се јавува по загриз е знак дека забот е скршен.

Симптоми

Двата типа чувствителност на забите, и пулпална и дентинална, подразбираат реакција на забот на притисок или температура. Чувствителноста на ладни напитоци или храна е најчест симптом. Забите ретко се осетливи на високи температури. Доколку еден заб стане чувствителен на топлина, тоа е знак дека забниот нерв изумира. Во тој случај неопходно е вадење на забниот нерв.

Дијагноза

Стоматологот прво ќе се консултира со историјата на болеста на пациентот и ќе изврши преглед на неговата уста.

Рентген снимката ќе открие дали забот е напукнат или има проблеми со забниот нерв.

Исто така, стоматологот ќе ги испита и оралните навики на пациентот. Шкрипење со забите и стискање на вилиците може да доведат до чувствителност на забите. Стоматологот ќе провери дали има оштетување на забите, во каква состојба се пломбите и дали е соголен коренот на забот. При тоа може да користи посебен стоматолошки инструмент со остар врв со што би проверил дали забот е чувствителен.

Забот може да биде чувствителен на ладно и неколку недели после пломбирање. Металите во амалгамските пломби (среброто) одлично ја спроведуваат ниската температура пренесувајќи ја на забната пулпа. Пломбите со природна боја на забите бараат третирање со киселина пред поставување на истите. Во некои случаи третирањето со киселина може во доволна мера да ја истенчи забната глеѓ и забот да стане чувствителен. Но, поради новите достигнувања во оваа област денес оваа појава ретко се јавува.

Постојат и тестови со кои стоматологот може да провери дали има потреба за лечење на забниот нерв.

Доколку забот стане чувствителен после поставувањето на длабоки пломби, проблемот може да настане за неколку недели. Понекогаш пломбата е предебела така што притисокот врз забот за време на џвакањето може да биде пресилен, меѓутоа овој проблем стоматологот може лесно да го реши. Доколку со текот на времето чувствителноста на забот не се намалува, тоа е знак дека е потребно да се лечи забниот нерв.

Превенција

Дентиналната чувствителност на забите може да се избегне доколку ги прифатиме следниве совети:

- Миење на забите два пати дневно и секојдневна употреба на забен конец.

- Употреба на меки или ултра меки четки за заби и нежно четкање на забите во правец горе-долу, наместо лево-десно.

- Употреба на пасти за заби и водички за испирање за уста со флуор.

- Употреба на пасти за заби кои овозможуваат заштита од чувствителни заби.

- Да се побара помош од стоматолог во случај на шкрипење со забите или стискање на вилиците (бруксизам).

За пулпалната чувствителност не постои превенција доколку е оштетен забниот нерв. Секое одложување на барањето помош од стоматолог и извршувањето на потребната интервенција за вадење на забниот нерв, само може да го влоши проблемот.

Третман

Дентиналната чувствителност на забите може лесно да се излечи без разлика на причинителот.

Стоматологот прво ќе ги исчисти забите со употреба на локален анестетик доколку чувствителноста на забите е преголема за овој третман. За време на чистењето на забите, стоматологот може да ги премачка забите со препарат на база на флуор кој привремено ќе ја намали чувствителноста на забите и истовремено ќе ги направи појаки. Во поново време чувствителноста на забите може да се намали со користење ласер за заби.

Употребата на паста за заби и течност за испирање на устата исто така може да ја намали чувствителноста на забите. При изборот на течност за испирање на устата на база на флуор, се препорачува да се изврши консултација со стоматолог затоа што може да се најдат и водички за испирање со поголем степен на киселост, а за чувствителните заби тоа треба да се избегне.

Пулпалната чувствителност се лекува со вадење на забниот нерв доколку нервот е оштетен или изумира. Нервот ќе биде отстранет, а просторот во кој се наоѓа исполнет со специјално полнење. Затоа што е оштетен заштитниот надворешен слој на забот, овој недостаток се пополнува или со пломбирање или со ставање коронка на забот.

Чувствителноста на забите која е предизвикана од шкрипење или стискање на вилиците се лекува со употреба на пластичен штитник за заби за време на спиење.

Кога треба да се побара помош од стоматолог?

Доколку чувствителноста на забите не престане ни после неколку недели, се препорачува да се побара помош од стоматолог затоа што во голем број случаи ваквиот проблем лесно се лекува.

Прогноза

Исходот од лекувањето зависи од причинителот на чувствителноста на забите.

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 23.06.2011

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија