Тиамин (Витамин Б1)

доктор на медицина

Опис

Тиаминот, познат уште како витамин Б1, е првиот откриен витамин од групата на Б витамините. Витаминот Б1 е есенцијална компонента на ензимот тиамин пирофосфат, кој е вклучен во метаболизамот на јагленохидратите. Тиаминот, заедно со другите витамини од Б групата, е вклучен во искористувањето на мастите и протеините, а исто така го одржува срцето и мукозните мембрани здрави. Тиаминот има улога во претворањето на глукозата во биолошка енергија, потребна за правилно функционирање на мозокот. Исто така, тиаминот е вклучен во одредени метаболни реакции кои се одвиваат во нервното ткиво, срцето, формирањето на еритроцитите и одржувањето на мазната и скелетната мускулатура.

Употреба

RDA (Recommended Daily Allowance) за тиамин е:

  • 0.3 мг за бебиња под 6 месеци;
  • 0.4 мг за оние од 6 месеци до една година;
  • 0.7 мг за деца од 1 до 3 години;
  • 0.9 мг за деца од 4 до 6 години;
  • 1.0 мг за деца од 7 до 10 години.

Потребите малку варираат во однос на полот, кај постари од 10 години:

  • на машки лица од 11 до 14 години им е потребно 1.3 мг тиамин, 1.5 мг од 15 до 50 години и 1.2 мг за лица постари од 50 години;
  • за женски лица потребите се: 1.1 мг за лица од 11 до 50 години и 1.0 мг за постари од 50 години.

RDA е малку повисока за жени кои се бремени или дојат и изнесува 1.5 мг и 1.6 мг соодветно.

Потребите, исто така, се зголемуваат за 0.5 мг за секои 1000 калории внесени додатно од основните 2000 калории на препорачан дневен внес.

Високи дози на тиамин се користат за третман на одредени метаболни заболувања, вклучително и ензимски дефициенции, болеста “урина како јаворов сируп” (MSUD) и болеста на Leigh. Тиаминот може да биде корисен кај лицата кои имаат дијабетична невропатија.

Исто така, се смета дека тиаминот може да биде корисен при третманот на Алцхајмерова болест, епилепсија, депресија, замор, фибромиалгија, кинетози и афтозни улцери во устата. Иако дефицитот на тиамин предизвикува афти во устата, земањето на поголеми количини тиамин, откако афтите ќе се појават не делува на нивното побрзо заздравување.

Препарати

  • Природни извори

Tиаминот го има скоро во сите видови храна од растително и животинско потекло, но најголеми концентрации има во јаткастото овошје, кафеавиот ориз, морската храна и житариците. Легуминози, млеко, телешко и свинско месо исто така се богати со витамин Б1. Тиаминот се уништува при долго изложување на високи температури, но не и со замрзнување. Храната треба да се готви со мало количество на вода, за да не “истечат” витамините кои се растворливи во вода, заедно со тиаминот. Пиењето на чај или алкохол со јадењето го намалува количеството на тиамин кое се апсорбира од страна на организмот.

  • Суплементи

Tиаминот го има во форма за орална, интрамускулна и интравенска употреба. Инјекциите со тиамин обично се користат за пациенти кои имаат тежок дефицит на тиамин. Суплементите секогаш треба да се чуваат на ладно и суво место подалеку од дофатот на деца.

Дефицит на тиамин

Дефицитот на тиамин доведува до состојба позната како бери-бери, која порано била честа кај морнарите, додека во денешниот модерен свет е ретка, освен кај алкохоличари и некои заболувања. Бери-бери ја има најмногу во камповите и засолништата за бегалци, а во Азија е една од главните причини за смрт кај доенчињата. Синдромот обично вклучува намален апетит, болки во стомакот, опстипација, слабост, отоци на екстремитетите, мускулни спазми, несоница и губиток на меморија.

Со третман состојбата веднаш се подобрува, а доколку се остави нетретирана доведува до Wernicke-Korsakoff синдромот. Ваквите пациенти се конфузни, дезориентирани, имаат проблеми со одот и со говорот, едеми на екстремитетите, парастезии, наузеа, повраќање и проблеми со видот, а доколку состојбата продолжи се јавува психоза, кома и смрт. Оваа состојба, дури и во понапреднатите фази може да се подобри доколку се даде тиамин, се подобри исхраната и се престане со употребата на алкохол.

Главниот ризик фактор за развивање на дефицит на тиамин е алкохолизмот. Генерално, алкохоличарите јадат малку, па имаат низок внес на тиамин, а и на другите витамини. Алкохолот директно делува на тиаминот и го уништува, а исто така ја зголемува и неговата екскреција.

Луѓе со црнодробна цироза, малапсорптивни синдроми, дијабетес, болести на бубрезите, хронични инфекции или хиперметаболни состојби исто така имаат зголемен ризик за дефицит на тиамин. Постарите лица кои имаат слаб нутрициски статус, како и проблеми со апсорпцијата имаат потреба од суплементи. Други лица со неадекватни диети, зголемен стрес, болест или хируршки зафат исто така можат да имаат корист од суплементи на тиамин. Употребата на цигари, карбонати и цитрати, како адитиви во храната, можат да ја намалат абсорпцијата на тиамин.

Недостатокот на витамин Б1 често моше да биде пратен и со недостаток на другите Б витамини, како и други нутритиенти. Затоа најдобро е да се земаат суплементи кои содржат Б комплекс.

Мерки на претпазливост и несакани ефекти

Тиаминот не треба да се дава при алергија на Б витамините, која ретко се јавува.

Во многу невообичаени услови, високи дози на тиамин можат да предизвикаат осип, пруритус или оток. Овие реакции се почести кај интравенозно примање на тиамин. Повеќето луѓе немаат никакви несакани ефекти при орална употреба на тиамин.

Интеракции

Орални контрацептиви, антибиотици и одредени групи на диуретици можат да ги намалат концентрациите на тиамин во организмот. Земањето на овој витамин може да ги интензивира ефектите на невромускуларните блокирачки агенси кои се користат за време на некои хируршки процедури.

Б витамините најдобро се апсорбираат како комплекс, а магнезиумот ја подобрува апсорпцијата на тиаминот.

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 09.05.2014

Последна вест

Најчитани статии - фармација