Доктори.мк | Mетамизол натриум - лек кој сигурно сте го употребиле | metamizol-natrium | Портал за медицина и здравје

Mетамизол натриум - лек кој сигурно сте го употребиле

доктор на медицина

Метамизол натриум* спаѓа во групата на нестероидни антиинфламаторни лекови од групата пиразолони, кои имаат аналгетски и антипиретски својства и умерена антиинфламаторна активност.

Фармаколошки механизам

Метамизолот ја блокира синтезата на простагландините Д и Е во ЦНС, преку инхибиција на циклооксигеназата. За разлика од другите неопиоидни аналгетици, го стимулира ослободувањето на β-ендорфините, што го објаснува неговото дејство врз болката.

Метамизолот исто така, има и антимигренозно дејство, кое се должи на вазоконстрикцијата на крвните садови во големиот мозок. Метамизолот го ексцитира вазомоторниот центар и манифестира умерен психоаналептичен ефект.

Метамизолот и ибупрофенот се значајно поефикасни од парацетамолот во намалување на температурата. Метамизолот предизвикува поголемо и подолготрајно намалување на температурата отколку ибупрофенот и парацетамолот.

Метамизолот има и спазмолитичко дејство врз клетките на мазната мускулатура на билијарниот и уринарниот тракт како и на утерусот.

Индикации

Третман на болка од различно потекло и со различен интензитет: забоболка, главоболка, мигрена, артралгија, миалгија, миозитис, невралгија, неврит, полинеурит, радикулит, лумбалгија, лесна до средна висцерална болка, висока температура која не реагира на други лекови, постхируршка и посттрауматска болка, болка поврзана со неоплазми, коликообразна болка итн.

Контраиндикации

Хиперсензитивност на метамизол и други пиразолонски деривати, акутна хепатична порфирија, вроден дефицит на глукоза-6-фосфат дехидрогеназа, тешка болест на хепар или бубрези, болести на крвта (како апластична анемија, леукопенија, агранулоцитоза, тромбоцитопенија), тешка артериска хипертензија, глауком, бременост.

Мерки на претпазливост

Метамизолот треба да се употребува со посебна претпазливост кај пациенти со историја за хиперсензитивност на храна и лекови (посебно аналгетици и нестероидни антиинфламаторни агенси), како и кај пациенти со астма, Квинкеов едем и хронични пулмонални инфекции.

Во случаите на подолг третман со метамизол, неопходно е регуларна проверка на крвната слика.

Интеракции

Метамизолот го потенцира аналгетското и антипиретското дејство на нестероидните антиинфламаторни лекови. Ефектите не метамизолот ги потенцираат и трицикличните антидепресиви, оралните контрацептиви, алопуринолот и алкохолот. Метамизолот ја намалува активноста на кумаринските антикоагуланси и плазма концентрациите на циклоспоринот. Ензимските индуктори (барбитурати, глутетимид, фенилбутазол) го менуваат дејството на метамизолот. Метамизолот го потенцира дејството на лековите кои влијаат депресивно на ЦНС.

Администрацијата на метамизол заедно со хлорпромазин е поврзана со висок ризик за тешка хипотермија.

Несакани реакции

После подолготрајна употреба на метамизол, многу ретко, може да се забележи агранулоцитоза, леукопенија, тромбоцитопенија, протеинурија, интерстицијален нефритис. Кај алергични пациенти можен е осип, уртикарија, Квинков едем, астматичен напад и анафилактичен шок.

  • Ризик од агранулоцитоза

Според изјавите за СЗО на д-р Антони Вонг од универзитетот од Сао Паоло-Бразил, последните испитувања покажуваат дека инциденцата за агранулоцитоза предизвикана од метамизол е помегу 0.2 и 2 случаи на милион пациенти годишно. Ова не е многу висока стапка во однос на други лекарства, на пример клозапинот може да предизвика агранулоцитоза за 50 пати повеќе отколку метамизолот.

Во едно испитување од 1998 е правена споредба на епидемиолошки испитувања од 1975 и 1995 година и најдено е дека морталитетот од агранулоцитоза, апластична анемија, анафилакса и сериозни компликации на ГИТ бил 592 за диклофенак, 185 за аспирин, 25 за метамизол и 20 за парацетамол. Овии студии покажуваат дека ризиците од несаканите дејства на метамизолот се слични на оние од парацетамолот, лек кој има широка репутација дека е безбеден.

*овој лек е регистриран и во нашата земја - повеќе информации во официјалниот регистар на лекови - линк бр 1 и линк бр2 

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 15.06.2011

Последна вест

Најчитани статии - фармација