Афти - клинички знаци, причини, дијагноза и терапија

доктор по стоматологија

Рецидивирачките орални улцерации (рецидивирачки афтозен стоматитис) се една од најчестите болести на оралната слузница која се јавува кај голем дел од популацијата. Преваленцата на болеста во општата популација се движи од 10-30%. Само во Европа 17% од луѓето имаат афтозна улцерација. Болеста е почеста кај луѓето со повисок социо-економски статус и кај жените, како и кај особите под стрес.

Афтите најчесто се јавуваат кај млади особи, со најголема кулминација од 10-19 години и со тенденција за чести рецидиви во текот на целиот живот. Ретко се јавуваат кај особи над 45 години. Рекурентната природа афтите ги прави многу непријатни и тие тешко се поднесуваат поради непредвидливиот почеток и интензитет.

 

Клинички знаци

Афтите се појавуваат на оралната слузница во вид на округла, јасно ограничена болна улцерација со плитко некротично дно и благо издигнати зацрвенети рабови. Болката е најголема по 2-3 дена од нивното појавување. Во зависност од бројот и изгледот, афтите се делат на:

  • Мали или минорни афти, со големина од 1 см во дијаметар, можно е да ги има неколку во устата, а се повлекуваат спонтано за 7-10 дена, без лузни;

мала афта:

  • Големи или мајорни афти, поголеми од 1 см, помалобројни од малите. Најчесто се појавуваат на слузницата на усните, мекото непце и ждрелото, перзистираат и до 1 месец оставајќи лузни. Поголемите улцерации од типот на афти се јавуваат и кај болните од СИДА, а тоа се објаснува со нарушувањата на имунорегулаторниот капацитет;

голема афта:

  • Херпетиформни афти, се карактеризираат со голем број мали плитки улцерации со големина од неколку милиметри во дијаметар, а се јавуваат претежно во предниот дел на устата, најчесто на слузницата на усните, јазикот и на подлежечката слузница. Поради сличноста на клиничката слика со херпесните лезии, го добиле и тој назив.

Карактеристика на сите облици на афти, а воедно и еден од дијагностички важните критериуми за разликување на афтите од останатите орални лезии предизвикани од херпес вирусот е нивната локализација: афтите исклучиво се јавуваат на слабо кератинизирана и подвижна слузница, а никогаш на гингивата и тврдото непце.

 

Причини за појава на афти

Иако болеста е позната многу одамна, точните причини за нејзина појава денес не се целосно познати и постојат бројни дилеми околу тоа. Се смета дека афтите се клинички синдром со неколку можни причини од кои најзначајни се:

  • Наследност;
  • Алергија;
  • Хематолошка дефициенција и
  • Нарушувања во имунитетот.

Се поголем број докази укажуваат на имунопатогенетската основа на оваа болест, пред се на нарушувања во Т-имуниот систем.

Како можни додатни причини се наведуваат: психичка напнатост со засилено чувство на страв, анемија со недостаток на железо, недостаток на витамин Б12, нагло губење на телесна тежина, прекумерно консумирање на кисели продукти, недоволен сон, неутропенија, алергија на храна и имуносупресија кај болните од СИДА.

Важно место во етиологијата на афтите зазема и траумата (механичка повреда на слузницата), која може да биде причинета од многу фактори: форсирано четкање на забите, несакани вгризувања со сопствените заби, како и мали повреди од брикети при носење на фиксни ортодонтски апарати.

Дијагноза и терапија

Во дијагностицирањето на афтите потребно е да се направи разлика меѓу клинички сличните болести кои се јавуваат со рецидивирачки улцерации, како што се: херпес инфекција, мултиформен еритем, пемфигус и др. Потребен е внимателен клинички преглед и детална анамнеза. Обично не е потребен лекарски третман, бидејќи афтите најчесто спонтано се повлекуваат за 10-14 дена.

 

Кога да побарате лекарска помош?

Кај Вашиот стоматолог треба да се упатите кога симптомите на афтите значително се влошуваат, афтите се повторуваат 2-3 пати во една година или ако постојат други пропратни симптоми како: осип на кожата, треска, дијареа и главоболка.

Дијагностичкиот и терапевтскиот алгоритам се темели на строго индивидуален пристап кај секој болен:

  • откривање на потенцијалниот причинител;
  • упатување на пациентот кај лекар специјалист;
  • лечење на афтите;
  • спречување на рецидивите.

Лечењето на афтите вклучува локална или системска примена на кортикостероиди, локални анестетици и антимикробни препарати (раствори за промивање уста и грло кои најчесто имаат антиинфламаторен, антимикробен и аналгетички ефект), како и поголем внес на витамини (особено Б12 и фолна киселина). Треба да се избегнува премногу зачинета храна и секако да се врши правилна и редовна хигиена. Начинот и должината на терапијата зависи од интензитетот на афтите.

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Ви го претставуваме Филип Конески

истакнат автор и лидер во развојот на форумот на Доктори.мк >>>

објавено на 2011-06-14

www.doktori.mk, 12.04.2014

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија