Лубеница – сочна, слатка и крцкава

м-р Ана Танаскоска
креативен соработник

Лубеницата колку е позрела толку е поздрава.

Едно неодамнешно истражување спроведено во Инсбрук, Австрија укажува на тоа дека ова овошје колку е поблиску до расипување, толку е поголемо нивото на антиоксиданси што ги содржи.

Сочната лубеница е хранлива и богата со витамин А, витамин Ц, калиум, магнезиум, тиамин, фосфор, калциум, селен итн. Од наведените нутритиви, во најголеми количини содржи витамин А, кој е особено важен поради неговата концентрација на бета-каротен. Моќните антиоксиданси - каротеноидот и ликопенот од лубеницата патуваат низ телото и ги неутрализираат слободните радикали кои го оксидираат холестеролот кој се држи на ѕидот од крвните садови и може да доведат до срцев или мозочен удар. Ликопенот константно е истражуван последните години поради неговата заштитна функција од појавата на некои видови рак (рак на простата и бели дробови, рак на дојка и рак на дебело црево).

Слободните радикали ги оштетуваат човечките клетки, а со тоа ги претвораат во неправилни и малигни клетки на рак. Меѓутоа витаминот Ц и бета-каротенот докажано ги спречуваат оштетувањата на клетките и му помагаат на организмот во ослободувањето од штетните молекули. Една чаша лубеница задоволува 24,3% од дневните потреби за витамин Ц.

Антиоксидансот ликопен превенира и срцеви заболувања и ја заштитува човековата ДНК (нашиот генетскиот материјал).

Причина повеќе за да уживате во вкусот на лубеницата е што содржи висока вредност на една амино киселина (цитрулин), која нашиот организам ја користи за да направи друга амино киселина (аргинин) кој пак помага во исфрлување на амонијакот преку уреата, надвор од телото.

За брзо освежување и гасење на жедта, 92тe % вода што ги носи лубеницата во себе ќе не одржуваат хидрирани во летните горештини особено во оние што допрва ги очекуваме. Таа ќе ја чува нашата ‘’совршена’’ линија  и ова лето витка и спремна за покажување, пред се поради ниската калоричност(48 калории на 150 g) што ги содржи споредено со останатите овошја.

 

ЛУБЕНИЦА

Ах, таа лубеница, таа деница

среде поле ко негова реченица,

дали има нешто повеќе што блажи,

не може со полна уста да се каже,

само една пчела остана да бучи

верувајќи дека друго ќе се случи.

 

*За детето во секој од нас, извадок од ‘’Касни порасни’’ на неповторливиот Петре М. Андреевски.

 

А.Т.

09.06.2011

www.doktori.mk, 10.08.2012

Последна вест

Најчитани статии - исхрана