Глукозамин хидрохлорид во терапија на остеоартритoт

доктор на медицина

Што претставува глукозаминот?

Глукозаминот е амино шеќер што го има физиолошки во телото. Амино шеќерите се разликуваат од останатите шеќери во телото, бидејќи тие не претставуваат извор на енергија, туку се вклучени во структурната градба на телесните ткива. Поради тоа, глукозаминот игра улога во формирањето и одржувањето на телесните сврзни ткива, како, ’рскавицата, коските, лигаментите, тетивите, ноктите и кожата. Кога луѓето стареат или прекумерно ги оптеретуваат своите зглобови (при зголемена телесна тежина или спортски активности), нивните тела можат да го изгубат капацитетот за создавање глукозамин во доволни количини. Следствено 'рскавицата во зглобовите кои носат поголема тежина од телото, како тие на колковите, колената и рацете забрзано се троши, водејќи кон нејзино истенчување. Останатата 'рскавица потоа се стврднува и создава коскени израстоци (остеофити), кои предизвикуваат болка, деформирани зглобови и ограничени зглобни движења.

Глукозаминот не е лесно достапен од било кој примарен извор на храна. Комерцијалните препарати на глукозамин се добиени од хитин, супстанца која се наоѓа во надворешната обвивка на школките и раковите, од некои животински сврзни ткива, како и срцевината на пилешките коски. Комерцијално подготвениот глукозамин се наоѓа во три форми: глукозамин сулфат, глукозамин хидрохлорид и Н-ацетил-глукозамин (NAG).

Општа употреба

Глукозамин хидрохлорид ја стимулира функцијата на зглобовите и нивната репарација. Тој е ефикасен во лекувањето на остеоартритот, најраспространетиот тип на артрит. Голем број на студии помеѓу 1980 и почетокот на 2000 година покажаа дека глукозаминот е корисен во ослободување на симптомите на артритис, ја намалува болката и го задржува обемот на движење на засегнатиот зглоб.

На пример, една клиничка студија од 1982 година ја споредувала користа на НСАИЛ ибупрофен со глукозамин, во лекувањето на остеоартрит на коленото. Во текот на првите две недели, ибупрофенот ја намалил болката побрзо, но после четвртата недела во групата што користела глукозамин имало поголем процент на намалување на болките. Вкупните резултати покажале дека 44% од корисниците на глукозамин имале намалување на болката во споредба со 15% од корисниците на ибупрофенот. Британската студија, објавена во 2002 година објавила слични наоди во однос на ефикасноста на глукозаминот во ослободување од болките поврзани со артритис.

Тим на јапонски истражувачи сугерираат дека глукозаминот ги ублажува болките од артритис преку супресија на функциите на неутрофилите, бели крвни клетки кои придонесуваат за воспаление на зглобот, присутни при различни состојби на артритис. Неколку студии имаат заклучено дека препаратите на глукозамин се безбедни за долгорочен третман на остеоартрит без придружни токсични ефекти.

Медицинскиот факултет од Харвард спровел неконвенционална студија во која на пациентите закажани за операција на колкот им биле дадени суплементи на глукозамин. По две недели од користењето на овие суплементи, нивните болки биле значително намалени. Суплементите на глукозамин, исто така, може да помогнат во лекувањето на спортски повреди, бурзитис, остеопороза, тендинитис и сл.

Препарати

Иако комерцијално подготвен глукозаминот се наоѓа во три форми: глукозамин хидрохлорид, глукозамин сулфат и Н-ацетил-глукозамин (NAG), не сите три даваат ист бенефит. Постојат, исто така, различни мислења за тоа кој е најдобар. Едно тврдење наведува дека глукозамин хидрохлорид делува за 50% подобро од глукозамин сулфат, бидејќи хидрохлоридот е основата на желудочната киселина која му помага на дигестивниот систем да искористи повеќе глукозамин кој му е потребен на телото, а воедно хидрохлоридот како носач е многу помал од сулфатот и со тоа глукозамин хидрохлоридот полесно навлегува во ’рскавицата. Како што кажуваат и самите студии, 1500 мг. глукозамин хидрохлорид е еквивалентен на 2608 мг. глукозамин сулфат.

Како комбиниран препарат глукозаминот исто така може да се најде и во комбинација со хондроитин сулфатот. Студиите покажуваат дека иако хондроитин сулфатот е од корист при терапија на остеоартритот, тој тешко се апсорбира бидејќи содржи големи молекули.

Дозирање

Стандардна доза на глукозамин хидрохлорид е 500 mg три пати на ден. Луѓето со покачена телесна тежина можеби ќе треба да користат повисоки дози во зависност од истата.

Првите знаци на подобрување на состојбата можат да се очекуваат после еден месец на континуирана терапија со глукозамин хидрохлорид, а најдобро е да се продолжи најмалку три месеци со контунуирана терапија.

Мерки на претпазливост

Лица кои се на диета со намален калиум, со срцева болест, бубрежни заболувања или висок крвен притисок поврзан со внес на сол, треба да ги избегнуваат додатоците на глукозамин. Како и да е, истражувачите ги охрабрија дијабетичарите дека досега немало потреба да ги исфрлат од употреба додатоците од глукозамин, бидејќи сеуште нема доволно студии кои би го наложиле истото, со една напомена за редовна контрола на нивото на шеќерот во крвта.

Несакани ефекти

Високи дози на глукозамин може да предизвикаат гастрични проблеми, гадење, пролив, проблеми со варењето и пирозис. За да се избегнат овие проблеми глукозаминот треба да се зема со јадење.

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 08.06.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина