Постпородилна депресија

д-р Елена Сотироска
специјализант по психијатрија

Вовед

Секоја мајка по девет месеци исчекување и припрема е возбудена од првата средба со своето бебе. Меѓутоа оваа средба не е секогаш придружена со неизмерна радост. За жал, денешната медицинска статистика немилосрдно бележи податоци дека скоро секоја десетта родилка доживува психичко пореметување од различна етиопатогенеза кое доведува до овој сериозен медицински проблем.

Според времето кога може да се појави, постпородилната депресија (ППД) најчеста е непосредно по самото породување или во текот на пуерпериумот (леунство), период 6 - 8 недели по породувањето.

Кои се причините за оваа состојба?

Фактори кои можат да влијаат за настанување на ваквото акутно душевно растројство се:

А) Нагло пореметување на ендокрино-вегетативната хормонска рамнотежа која е воспоставена во текот на бременоста, а се изразува со нагло паѓање на нивото на естрoгените и прогестеронот;

Б) Постпарталните инфекции можат да предизвикат септичко заболување, кое во тие ситуации се манифестира, покрај другото (општа слабост, фебрилност), и со психичка реакција;

В) Многу емоционални ставови и состојби на родилката можат да предизвикаат нарушување на психичката рамнотежа од различен степен и се сметаат како сериозни ризик фактори. На пример, постоење на страв на родилката од самиот акт на пораѓање или аверзија кон таткото на детето, невротски став кон мајчинството врз основа на доживувањата во родителската куќа, незадоволство од брачниот живот, интензивна грижа за иднината, страв од евентуално отфрлање на детето од страна на родителите (ако детето е вонбрачно), закани во случај на непосакуван пол на бебето, депресивни епизоди кај родилката пред бременоста, страв како ќе се совлада улогата на мајка и многу други.

Покрај горенаведените состојби, за настанокот на ППД се вбројуваат и некои ризик фактори, кои корелираат со горенаведената состојба, како што се на пример:

  • Вештачка храна наместо доење;
  • Пушење цигари;
  • Лош социо-еконoмски статус на родилката.

Постпарталната депресија е најчест тип на постпородилно душевно пореметување

Зависно од интензитетот и траењето на симптомите, постпородилната депресија има три облици:

  • Постпородилна тага (baby blues) - благ облик на болеста, трае од неколку дена до две недели, кулминира во четвртиот–петтиот ден кога родилката е емоционално најлабилна, раздразлива, загрижена, плаче без причина, има несоница и не разбира како може да не е возбудена за детето како сите околу неа. Состојбата не бара посебен третман, освен посветување на дополнително внимание, нежност и разбирање кон родилката.

  • Постпартална депресија (во потесна смисла) - се јавува во првите 3 месеци по породувањето, како потешка форма на baby blues. Кај мајката доминира депресивно расположение, изразит замор, плачливост, несоница, изразена лутина и раздразливост, губење на апетит, губење на интересот за секс, чувство на вина, тешки промени во расположението, тешко се поврзува со бебето и се повлекува во себе. Сето тоа доведува до намалување на способноста на мајката да се грижи за себе и за бебето и со самото тоа до една сериозна душевна состојба. Овој случај го загрижува потесното семејство и покрај домашната поддршка за родилката, неизбежна е лекарска помош во облик на психотерапија, фармакотерапија, но во потешките случаи и до хоспитализација и грижа за мајката во болничка установа.
  • Постпарталана психоза - овој облик на постпартално растројство, кој е воедно и најтежок и ургентен облик за лекарска помош, се карактеризира со изразена агресивност од страна на мајката која може да биде насочена кон себе, кон новороденчето или кон некој од околината. Во оваа фаза мајката може да изврши чедоморство, било активно - детето да не се мачи, кога веќе мајката мора, или пасивно - кога мајката не води никава грижа за детето (не му дава храна и никаква нега). Кај ваквата форма неопходна е хоспитализација во соодветна установа, постојан лекарски надзор, фармакотерапија, психотерапија и социотерапја.

Лекување на ППД

Постпарталната депресија може успешно да се лекува како и другите депресии, секако со земање во предвид на посебните околности низ кои минува жената во овој деликатен период од животот. Потребно е да се води грижа за доброто и на мајката и на детето, како при планирањето на социјалните и превентивните активности, така и при изборот на методите за лекување. Многу е важно да се разбере оваа болест и од останатите членови на семјството, посебно од најблиските до родилката (сопруг, мајка, татко), да им се објасни деликатноста на самата состојба и изразувајќи ја поддршката кон пациентката да бидат активно вклучени во лекувањето на депресијата. На овој начин се постигнуваат подобри и посигурни резултати во конечно ослободување од оваа исклучително сериозна состојба.

Останати статии од авторот:

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 06.06.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина