Совети од познатите тренери - Џек Лалејн

Џек Лалејн е фитнес експерт, нутриционист, мотивирачки говорник, познат и како „Таткото на фитнесот“.

Неговата мисија била да им претстави на луѓето начини како сами да си помогнат да се чувствуваат подобро, да изгледаат подобро и да живеат подолго. Во својата 70 годишна кариера, Џек со своите совети им помогнал на милиони луѓе да останат мотивирани и да си го подобрат начинот на живот, цело време воден од паролата „живеј подолго со секојдневни здрави животни навики“.

„Вежбањето е кралот, исхраната - кралицата, здружени заедно се кралство!“

Умира на 96 годишна возраст, а до крајот на својот живот е физички активен. И по 90тата година практикувал по еден час на ден тренинг и пливање. Сепак признава дека тоа е многу вежбање за тие години и дека го прави тоа eдинствено поради сопственото его.

„Најзадоволен сум од тоа што гледам дека сè што проповедав и застапував повеќе од 75 години успеа да стигне до зацртаната цел и да вроди со плод. Некогаш бев само обичен проповедник на туѓи идеи, денес сум авторитет... Верувајте ми јас не можам да умрам, тоа ќе го уништи мојот имиџ.“ велел Лалејн.

Неговата емисија со совети за здрав живот се емитувала редовно повеќе од 30 години, што всушност ја вбројува меѓу најдолго емитуваните емисии во историјата.

Во продолжение погледнете неколку избрани видеа од неговата емисија. Забележете дека иако видеата се доста стари и начинот на живот од тогаш до сега е драстично променет, сепак советите и состојбите за кои се зборува во нив целосно може да се пресликаат и во денешните прилики во кои живееме. Борбата за човекот за подобар и поздрав живот со здрави навики е континуиран процес кој и денес трае со уште позасилен интензитет.

План за самоподобрување во 10 точки

„Ако ги практикувате следниве 10 точки во наредните седум дена, ќе забележите голема промена не само во тоа како се чувствувате и изгледате, туку и во начинот на кој другите ќе забележат дека вие станувате подобра личност.“

  1. Вежбање - Ако не вежбате ќе изгледате и ќе се чувствувате постари.
  2. Исхрана - Бидете свесни за храната што ја внесувате. Направете план што ќе јадете и пробајте да вметнете здрави оброци, а да ги намалите или исфрлите оброците што знаете дека не треба да ги јадете.
  3. Позитивно размислување - Трудете се да имате големи и убави мисли. Ценете го она што го имате, не размислувајте за работите што ги немате.
  4. Добри навики - Анализирајте ги вашите навики и исфрлете некои од лошите навики.
  5. Чешлање - Потрудете се да бидете средени и да изгледате убаво, тоа ќе влијае на вашата самодоверба и ќе предизвика комплименти од околината.
  6. Смеење - Насмевката е неизбежен дел од убавиот изглед.
  7. Држење на телото - Внимавајте вашето тело да биде исправено кога седите или се движите.
  8. Помагање на другите - Бидете солидарни, тоа е благослов.
  9. Релаксирање - Посветете си 5, 10 минути дневно на себе опуштајќи се во темна и тивка соба. Тоа ќе ви помогне да се ослободите од стресот и напнатоста и ќе ви ги "наполни батериите"
  10. Верба - Имајте верба во природата, Бог им помага на тие што си помагаат себеси.

Престанете да бидете уморни

И денес голем број од луѓето штом ќе се разбудат велат дека чувствуваат замор, истото чувство ги прати во текот на денот се додека повторно уморни не си легнат вечерта. Ова чувство има големо влијание врз секојдневното функционирање и начинот на кој што се гледаат работите. Погледнете ја анализата што Џек ја направил за причините кои доведуваат до оваа состојба.

  • Нередовно вежбање - Подобро да вежбате пократок тренинг секој ден, отколку да правите еден долг тренинг периодично.
  • „Празни калории“ - 6 од 10 девојки не внесуваат доволна количина на протеини, калциум, железо, витамин Е, Б витамини, витамин Ц. Наместо здрава храна, тие внесуваат „празни калории“ (слатка храна, чипсови, газирани сокови), односно храна која е без многу од состојките неопходни за здрав организам.
  • Напнатост - Избегнувањето на претходните две точки ќе ви помогне да се ослободите од стресот. Внимавајте на исхраната, јадете зеленчук, овошје, чисто месо... Редовното вежбање ќе ви помогне да се чувствувате поопуштено, ќе ви ја зголеми физичата и психичката кондиција со што чувството на замор ќе биде се поретко.

За крај една од фразите која Лалејн често ја кориси во своите говори:
„Единствениот начин да му наштетите на вашето тело е да не го користите.“

www.doktori.mk, 01.06.2011

Последна вест

Најчитани статии - вежби