Што претставува Опструктивна Ноќна Апнеа (ОНА)?

доктор на медицина

Од опструктивна ноќна апнеа се погодени 20 милиони мажи и жени во САД. Луѓето со опструктивна ноќна апнеа престануваат да дишат повторувачки во текот на спиењето поради колабирање на горните дишни патишта. Ова може да е поради фактори како: голем јазик, вишок ткиво во дишните патишта или поради намален тонус на мускулите кои ги држат горните дишните патишта (фаринкс) отворени. Како резултат на ова воздухот е спречен да стигне до белите дробови.

Овие паузи во дишењето може да се јавуваат до 30 и повеќе пати во текот на еден час спиење. Кога здравиот сон е нарушен на овој начин, тоа се рефлектира и на работата на срцето и може да води до бројни сериозни нарушувања на здравјето.

Како да знам дека имам опструктивна ноќна апнеа?

Опструктивната ноќна апнеа може да се јави кај мажи, жени и деца од сите возрасти. Повеќето луѓе со опструктивна ноќна апнеа не се свесни за својата состојба. Најчесто, некој друг е сведок на првите знаци на опструктивна ноќна апнеа.

Доколку Вие или некој кој го знаете има еден или повеќе од подолните симптоми, можеби се работи за опструктивна ноќна апнеа.

Меѓу основните знаци и симптоми се следниве:

  • Изразена дневна поспаност;
  • Гласно или вознемирувачко ’рчење;
  • Бревтање или гушење за време на спиење.

Останатите вообичаени симптоми вклучуваат:

  • Изнемоштеност и утрински главоболки;
  • Зачестено мокрење во текот на ноќта;
  • Депресија и иритабилност;
  • Прекумерна тежина;
  • Голем врат или натрупување на секрет во горните дишни патишта;
  • Жени во менопауза.

Што се случува ако знам дека имам опструктивна ноќна апнеа и не ја третирам правилно?

Луѓе кои не ја бараат дијагнозата и ефективна терапија за опструктивна ноќна апнеа се изложени на зголемен ризик од:

  • Покачен крвен притисок;
  • Аритмии или срцево заболување;
  • Срцев удар;
  • Мозочен удар;
  • Зголемена веројатност од сообраќајни незгоди или несреќа на работното место.

Како се дијагностицира опструктивната ноќна апнеа?

  • Разговарајте за симптомите и проблемите со спиењето со Вашиот лекар;
  • Ако постои сомнеж за нарушување на спиењето, Вашиот лекар ќе Ве упати на специјалист од оваа област;
  • Целовечерно дијагностичко тестирање, познато како полисомнографија или ПСГ се користи да се одреди типот и сериозноста на нарушувањето на спиењето, како и за одредување на терапијата.

Која е терапијата за опструктивна ноќна апнеа?

  • Позитивен Воздушен Притисок (PAP) е терапија на избор зa опструктивна ноќна апнеа;
  • PAP терапијата претставува нежен проток на воздушен притисок преку Вашиот нос со користење на маска;
  • Воздушниот притисок го превенира колабирањето на горните дишни патишта со што овозможува нормално дишење во текот на ноќта;
  • PAP терапијата е неинвазивна и може комплетно да ги отстрани симптомите на опструктивна ноќна апнеа кога се користи како што е препишана.

CPAP - терапија на избор

  • CPAP или континуиран позитивен воздушен притисок претставува најчесто користената PAP терапија;
  • CPAP обезбедува континуирана струја на компримиран воздух кој ги држи дишните патишта отворени;
  • Некои CPAP системи на компанијата Respironics имаат C-Flex™ алгоритам кој го намалува притисокот при експирација за да се овозможи поголем комфорт.

Други терапии

  • Bi-level PAP може да биде препишан за потешките случаи;
  • Auto PAP (Auto CPAP или BiPAP) го прилагодува притисокот додека спиете според Вашите потреби – автоматски;
  • Оперативен зафат;
  • Прилагодување на положбата на телото при спиење;
  • Орални протези.

Кои се придобивките на правилната терапија?

  • Зголемена енергија и присутност во текот на денот;
  • Намалување на крвниот притисок;
  • Намален ризик од срцев и мозочен удар;
  • Зголемена ефикасност дома или на работа;
  • Зголемен квалитет на живот.

Решенија за ефективна терапија на опструктивна ноќна апнеа

Во периодот на првите недели од терапијата можеби ќе наидете на проблеми со прилагодување на терапијата. Проблемите се лесни за решавање доколку побарате помош од застапникот на апаратурата или Вашиот лекар.

Непријатности поврзани со маската

  • Црвени дамки - пристегнете ја маската;
  • Истекување на воздух од маската - прилагодете ги затегнувачите додека истекувањето не престане;
  • Потешкотии со соодветно фитување - прилагодете ги затегнувачите или побарајте друга големина на маска.

Непријатности поврзани со носот и устата

Непријатното чувство во носот и устата ќе се повлече со тек на време. Доколку не се повлече, обидете се следново:

  • Пијте обилни количини вода;
  • Користете физиолошки назален спреј;
  • Обидете се со назални деконгестиви;
  • Додатете навлажнувач на воздух на Вашиот PAP апарат.

Непријатности поврзани со воздушниот притисок

Различни сетинзи на Вашиот апарат како ramp или flex може да Ви помогнат да го адаптирате притисокот. Прашајте го Вашиот дистрибутер дали овие сетинзи постојат и на Вашиот апарат.

Живеење со ОНА

Важно е да бидете активен учесник во терапијата и да се фокусирате на нејзините придобивки.

  • Користете го Вашиот апарат секоја ноќ, дури и кога сте на пат. Ноќната апнеа повторно ќе се јави оние ноќи кога нема да го користите;
  • Бидете стрпливи и истрајни додека се прилагодувате на терапијата;
  • Раговарајте со Вашиот лекар или со дистрибутерот од каде е набавен апаратот за било какви проблеми или несакани ефекти на кои ќе наидете;
  • Барајте поддршка од домашните, локалните групи на пациенти со слична симптоматологија или на интернет;
  • Размислете за промени на животните навики, како губење во тежина (ако е потребно), подобрување на навиките на спиење, како и избегнување на употреба на алкохол, седативи и хипнотици.

Важно:

Ако симптомите на опструктивна ноќна апнеа се вратат по започнување на PAP терапијата, контактирајте го Вашиот лекар за да разговарате за терапијата.

Што велат пациентите?

“Кога почнав да се привикнувам и да ми станува подобро со терапијата, придобивките беа значителни. Навистина претставуваше значително подобрување во мојот живот.” - Matthew A., Lafayette, LA

“Таа (CPAP терапија) помага да го контролирате Вашето здравје. Едноставно Ве прави да се чувствувате подобро во врска со себе си. Кој не сака да биде среќен фамилијарен човек? Кој не сака да биде добар работник?” - Dee S., Lafayette, LA

“Ќе бидам под лекарства за хипертензија цел живот. Но, откако започнав со користење на CPAP апаратот мојот крвен притисок се спушти. Сеуште сум на лекарства, но на помали дози.” - Peggy J., Pittsburgh, PA

“Ако ја користите терапијата секоја ноќ и не се чувствувате подобро, тогаш нешто не е во ред. Откријте што не е во ред и средете го.” - Raul G., Chicago, IL

Oстанати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 02.06.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина