Женскиот мозок - машина која не се менува

м-р Ана Танаскоска
креативен соработник

Женскиот мозок и неговото толкување отсекогаш бил и ќе биде научна фантастика за посилниот пол. Таа проклето добро спакувана кутија изолирана од сите страни, недостапна и тврда како орев е константна непозната во целата равенка. Женскиот мозок е како пандорината кутија.

Ако еднаш го отворите, ќе налетате на изненадувачко голем број работи за кои ни малку не сте се надевале, ниту пак случајно помислиле. Кога ќе почнете постапно да го запознавате и да навлегувате во неговата суштина и значење, единствено ќе ве збуни и ќе ве натера да сакате да се вратите на самиот почеток. Замислете, се работело за залудно потрошено време кое не вродило со никаков плод. Но, сите тие потајно затскриени работи, кога тогаш ќе ве стигнат. Е тогаш, среќно :-)

Весела математика на светско ниво

Нервни клетки

Жената има за 11% повеќе неврони во нејзиниот мозок распоредени во центарот за јазик и слушање. Во просек Таа користи 20.000 зборови на ден, додека Тој користи 7.000.

Еволуција

Жените докажано добиваат подобар изглед преку еволуцијата, додека машкиот пол си останува ист.

Емоционална интелигенција

Емоционалната интелигенција е карактеристика почесто застапена кај жените. Тоа е така бидејќи центарот за емоции е поголем отколку кај мажите. Во едно истражување стои – кога се работи за обработка на емоциите жените имаат автопат со осум ленти, а мажите неасфалтиран селски пат.

Жената инстинктивно знае што другите чувствуваат.

Секс

Но, и кај мажите е забележана особена активност на еден дел од нивниот мозок. Секако, без двоумење се работи за центарот за секс. Просторот во мозокот ‘’одговорен’’ за секс кај жените е за два и пол пати помал од просторот за истата намена кај мажите. Ете зошто Тој размислува за секс на секои 58 секунди, а Таа еднаш во текот на денот.

Зборови не се потребни

Понекогаш молкот на жената кажува многу повеќе што мисли, отколку нејзините зборови.

Машина која не се менува

Во едно истажување спроведено на Универзитет во Калифорнија-Сан Франциско стои: Се започнува од женскиот мозок. Да се биде жена е како да имате огромни, невидливи антени кои постојано го скенираат светот, и ‘’собираат информации’’ за потребите на другите. Женскиот мозок е совршено осмислена машина за конекција на работите.

Контакт со околината

Три месеци после раѓање, девојчињата се многу подобри во остварување контакт со очи со околината и читање емоции од лицето на најблиските.

Влијание на хормоните

Женскиот мозок е изложен на менување за време на животниот век, структурално, функционално и на многу начини неповратно. Женскиот мозок старее под дејство на намалување на производството на хормонот естроген.

Праг на болка

Жените толерираат болка многу повеќе отколку мажите, во различни телесни региони и со поголема фрекфенција. Тука еден стар афоризам и тоа како би нашол примена; "она што не не убива, не прави посилни".

Жените повеќе уживаат во пивото(?!)

Докажано е дека жените имаат поразвиени рецептори за мирис и вкус. Ем што можат подобро да го мириснат пивото, туку по автоматизам повеќе и уживаат во него.

Краснопис

Краснописот е забележлив кај жените уште од раната школска возраст поради зголемените нервни врски помеѓу двете мозочни хемисфери. Вештина која произлегува од нервните влакна кои ја контролираат нервната моторика.

Имунитет

Поседуваат посилен имунолошки систем и се пооотпорни на болести. Причината е една, жените наместо црвено месо, пица и пиво бираат овошје и салата кои имаат повисока хранлива вредност, а помалку калории. Се трудат да негуваат добри навики за својата исхрана. Просечниот животен век на жените е за пет години повеќе од мажите. А можеби ќе истера и накај бесмртност ?! :-)

Решавање на проблеми

Жените се подобри менаџери бидејќи се подобри слушачи и полесно прибираат информации, токму затоа и побрзо даваат идеи за решавање на проблемите. Жените обично се повнимателни со своите инвестициски одлуки, а тоа на долгорочен план повеќе им се исплатува.

Екстровертност

Повеќе од 50% од жените отворено разговараат со своите пријатели доколку имаат некој проблем, додека мажите се отворени само спрема себе (а може и ни тогаш) и се однесуваат како темпирана бомба бидејќи се интроверти и не споделуваат многу од тоа што им се случува.

Мултитаскинг

Повеќефункционалноста, односно вршење на неколку работи паралелно го може само жена. Мажите се концентрираат само на една работа, додека жената може да се посвети на неколку истовремено и да ги заврши за онолку време за колку мажот ќе ја заврши таа едната.

П.С. Жените молчат само додека се бакнуваат :-D

За крај:

Еден човек се шетал на плажа во Калифорнија и бил задлабочен во својата молитва. Посакал Господ да му исполни една желба. Одеднаш небото над неговата глава се расчистило и се слушнал гласот на Господ кој му рекол дека ќе му исполни една желба бидејќи толку верно верувал во него.

Човекот му рекол: "Сакам да ми изградиш мост до Хаваи за да можам да се возам натаму во секое време".

Господ на тоа му oдговорил дека за тоа ќе треба време, мостот ќе треба да се гради преку дното на Пацификот, да се носи бетон, челик... И му рекол да размисли повторно и да замисли друга желба. Човекот се помислил некое време и рекол: "Господе би сакал да можам да ги разберам жените. Сакам да знам како се чувствуваат, на што мислат кога молчат, зошто плачат и како можам да ги направам среќни".

На тоа Господ одговорил: "Сакаш мостот да е со две или со четири ленти?" :-)

 

А.Т.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 11.04.2014

Последна вест

Најчитани статии - занимливости