Микрохирургија - модерен предизвик

доктор на медицина

Микрохирургија е хирургија во која се употребуваат оперативни микроскопи и минијатуризирани, прецизни инструменти за изведување на сложени oперации.

Структурите кои подлежат на третман - се многу мали, најчесто тешко видливи или воопшто невидливи за голото око.

Инструментите - тие се многу прецизни, а конците за шиење потенки од влакно коса.

Најочигледните придобивки од микрохируршките техники се развивањето процедури кои овозможуваат анастомозирање на мали крвни садови и нерви (најчесто 1мм во дијаметар) со кои се овозможува трансфер на ткива и органи од еден дел на телото на друг.

Некогаш

Првиот микрохируршки зафат е изведен во 1960 г. од страна на д-р Жил Џејкобсон, васкуларен хирург од Универзитетеот Вермонт. Се состоела од реконструкција, односно спојување на крвни садови со дијаметар помал од 1.5мм потпомогната од микроскоп. Д-р Џејкобсон како пионер е "одговорен" и за настанувањето на кованицата микрохирургија.

Понатаму развојот на оваа дисциплина го забрзале д-р Харолд Клајнерт и д-р Мосад Хадан, изведувајќи ја првата реваскуларизација на парцијална ампутација на прст во 1963г, како и Накајама - јапонски кардиоторакален хирург кој го извел првиот слободен трансфер на ткива и органи - употребувајќи васкуларизирани делови од тенкото црево за да реконструира хранопровод на кој била извршена ресекција поради канцер.

Денес

Најчесто се употребува кога е потребна реконструкција на ткива. Инструментите кои се користат му овозможуваат на хирургот прецизно да ги прикачи или поврзе органите (меѓу нив и кожата) или меките ткива. Микроскопот кој хирургот го употребува за времe на реконструктивната микрохирургија заедно со минијатурните инструменти кои понекогаш наместо со гола рака се движат со помош на комјутери, дозволуваат ситни нерви и крвни садови да бидат повторно споени. Со тоа се овозможува враќање на функционалните и морфолошките карактеристики на цели делови или регии на телото.

Во кои специјалности се употребува?

Иако денес најмногу се употребува во пластичната хирургија, наоѓа примена и во други хируршки гранки, особено во оние во кои има потреба од изведување на процедури на реконструктивна хирургија, како на пример: 

  • Општа хирургија
  • Офталмологија
  • Неврохирургија
  • Ортопедска хирургија
  • Гинекологија
  • Урологија
  • Оториноларингологија
  • Орална и максилофацијална хирургија
  • Детска хирургија
 
 
 
 
 
 
 
 
Еве некои примери за употреба на микрохируршки процедури:
  • Оториноларинголозите (хирурзи за уво, нос и грло) изведуваат микрохирургија на внатрешното уво и гласните жици.
  • Максилофацијалните хирурзи употребуваат микрохируршки техники за реконструкција на главата и вратот кај пациенти со канцер.
  • Очните хирурзи изведуваат операции на катаракта, трансплантација на корнеа и третман на состојби како на пример глаукома.
  • Уролозите и гинеколозите ја враќаат фертилноста(плодноста) преку реверзија на вазектомиите кај мажите или лигатурите на Фалопиевите туби кај жените.
  • Микрохируршките техники се многу важни кога се изведуваат неврохируршки операции на мозокот, понатаму при трансплантацијата на органи како на пр. срце или црн дроб.
  • Лумбалната хирургија (како дел од хирургијата на 'рбет) е уште едно поле кое има огромни продобивки од употребата на мали инструменти и микроскопи. Класичната лумбална хирругија употребува големи резови за кои потоа е потребно долго време за зараснувaње. Со микрохируршките техники пак, хирургот е во состојба преку мошне мали резови да изведува деликатни операции како отстранување на оштетени делови од коските или 'рбетните дискуси.

Реконструктивна микрохирургија

Микрохирургијата е најупотребувана и една од клучните алки во реконструктивната хирургија. Накратко ќе објасниме неколку нејзини примени во оваа специјалност.

Што е тоа слободен трансфер на ткива?

Поедноставено од еден дел на телото - регија донор, се зема ткивна резенка која обично се состои од неколку ткива (на пр. коска, мускул, масно ткиво, кожа), кои имаат заедничка прокрвеност. Понатаму ова ткиво како слободна резенка се префрла на друг дел од телото, дел за кој е неопходна реконструкција (на пр. на дојката по ресекција поради канцер). Крвните садови кои ја хранат ткивната резенка со микрохируршки техники се поврзуваат со постоечките крвни садови во регијата која се реконструира. На овој начин се осигурува виталноста на трансферираното ткиво.

Реплантација

Подразбира повторно поврзување на целосно одделени делови од телото. Најчесто се работи за прсти од рацете или нозете, но науката познава реплантации и на многу други органи и ткива, како: уши, скалп, нос, лице рака па дури и пенис. Најчесто се состои од повраток на прокрвеноста, поврзување на коскениот скелет, тетивите и нервите. Тoа овозможува враќање на изгледот и функционалноста на претходно одделениот дел.

Трансплантација

Микрохируршките техники овозможуваат реконструкција на малите артерии во трансплантираните органи.

Развојот на техниките на трансплантација е тесно поврзан со овие техники. Која е нивната важност при истражувањата? Пред една постапка да влезе во клиничко тестирање, испитувањата најчесто се извршуваат врз глодари (поради нивната големина се користи микрохирургија). (Етичките аспекти за испитувања врз животни ќе ги дискутираме на друго место).

Неколку специфични микрохируршки техники

Ласерска микрохирургија

Посебен вид на хирургија во која се употребува микроскоп заедно со ласер. Ласерот му овозможува на хирургот далеку понеинвазивен пристап. Понекогаш со ласерите хирургот може да поправи органи или да отстрани канцерозни маси без притоа да прави физички резови во ткивата и органите. Често се користи во офталмологијата - еден познат пример се "ЛАСИК" операциите.

Ендоскопска микрохирургија

Кај овој вид на микрохирургијa микроскопот се поставува на инструмент наречен ендоскоп. Ендоскопот е флексибилнa или ригидна цевкa која се внесува во телото преку некој природен отвор или пак рез. Ендоскопот дозволува хирургот да има поглед во внатрешноста на телото. Eндоскопијата наоѓа примена во многу различни медицински гранки, а ендоскопите најчесто се именуваат според нивната намена(гастроскоп, колоноскоп, артроскоп, колпоскоп, бронхоскоп и сл.) 

Сликата се пренесува најчесто на видео екран. Докторот може да изведува различни хируршки процедури преку внесување на скалпели, ласери или други инструменти низ канал кој поминува во внатрешноста на ендоскопот. Овие техники често се користат за третман на заболувања на дигестивниот тракт, матката, белите дробови и др.

ТЕМ - Трансаналната ендоскопска микрохирургија е пример за хируршки третман кој се користи со посебен успех при лекување на промени во дебелото црево.

Интересен факт

Првиот човек кај кој била извршена трансплантација на рака бил од Нов Зеланд. По операцијата изведена од страна на прфесор Eрл Овен од Австралија во 1998г. пациентот добил скоро целосна моторна и сензорна контрола врз неговата нова рака.

Што носи иднината - роботизирана микроскопска хирургија

- модерниот хируршки гениј "Да Винчи" -

Хируршкиот систем "Да Винчи" е роботизирана машина, специјално дизајнирана да го олеснува изведувањето на комплексни хируршки зафати преку минимално инвазивен пристап. Системот го раководи хирург, сместен во одделена конзола. Овој систем денес се употребува во некои од најголемите центри во светот. Често се користи за простатектомии (хируршко отстранување на простатата), а зема  замав и неговата употреба при кардиохируршки операции на срцевите залистоци, како и при некои гинеколошки операции. Погледнете и сами како функционира овој модерен гениј: 

 

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 25.05.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина