Доктори.мк | Орални контрацептиви - повеќе од само пилула против несакана бременост | oralni-kontraceptivi-poveke-od-pilula-za-nesakana-bremenost | Портал за медицина и здравје

Орални контрацептиви - повеќе од само пилула против несакана бременост

доктор на медицина

Сите ние помислуваме на оралните контрацептиви само како на еден од начините за превенција на несакана бременост. Оралните контрацептиви содржат прогестин (синтетски прогестерон), а комбинираните содржат и синтетски естрогени. Со конзистентна и правилна употреба, оралните контрацептиви се многу ефикасен метод на контрацепција.

Но, дали знаевте дека постојат други медицински состојби поврзани со репродуктивното здравје кои можат да се третираат со оралните контрацептиви?

Овој пат прочитајте и за другите бенефиции од употребата на оралните контрацептиви.

*Состојбите се наведени според Американската Академија на доктори по семејна медицина:

  • 1. Акни

Акните се асоцирани со зголемено количество на андрогени хормони, а оралните контрацептиви го намалуваат нивото на андрогени. Ова дејство зависи од специјалната комбинација на хормони во даденото орално контрацептивно средство. Во студија на Американската Академија на доктори по семејна медицина, 83% од испитаниците кои примиле norgestimate и ethinyl estradiol се изјасниле дека состојбата со акните се подобрила по 6-месечен третман.

  • 2. Болка во градите

Оралните контрацептиви можат да се употребат за третман на цикличната болка во градите, т.е. болката асоцирана со менструалниот циклус.

  • 3. Дисменореа

Иако FDA (U.S. Food and Drug Administration) не ја одобрува употребата на оралните контрацептиви кои примарно се препишуваат за олеснување на симптомите на менструалните болни грчеви, жените кои ја употребуваат “пилулата” ретко доживуваат менструални тегоби.

  • 4. Ектопична бременост

Според CDC (Centers for Disease Control) постои контроверзност околу тоа дали оралните контрацептиви ја превенираат ектопичната бременост. Колку за потсетување, ектопичната бременост се случува кога оплодената јајце клетка не се имплантира во матката, туку најчесто останува во Фалопиевите туби (јајцеводите).

  • 5. Ендометриоза

Комбинираните орални контрацептиви се ефикасен третман за ендометриозата. За жал, несаканите ефекти (ирегуларно крварење, задршка на течности во организмот, депресија), ја направија оваа опција неподнослива за многу жени.

  • 6. Функционални оваријални цисти

Овие цисти се најчестиот тип на оваријални цисти, кои вообичаено се повлекуваат во рок од 2-3 менструални циклуси. Оралните контрацептиви можат да го спречат создавањето на овие цисти преку попречување на овулацијата.

  • 7. Хирзутизам (зголемена влакнетост од машки тип кај жените)

Полицистичниот оваријален синдром (PCOS) е најчестата причина за зголемена влакнетост кај жените. Оралните контрацептиви стабилизираат 50% од случаите на хирзутизам предизвикани од PCOS.

  • 8. Метрорагија

Жените кои што имаат неправилно крварење од матката надвор од регуларните менструални периоди можат да ги регулираат своите менструални циклуси со помош на оралните контрацептиви, доколку после направените детални медицински прегледи не е воочено дека крварењето е симптом на некое друго посериозно органско нарушување.

  • 9. Mittelschmerz – болка во средина на менструалниот циклус (во периодот на овулација)

Оралните контрацептиви го блокираат напливот на хормони кој се случува пред овулацијата со што помагаат во олеснувањето на оваа болка.

  • 10. Рак на овариумите и рак на еднометриумот

Жените кои употребуваат орални контрацептиви имаат за 50% помала шанса да добијат некој од овие типови на малигна болест.

Но, важно е да се напомене дека постои зголемен ризик од развивање на рак на града и рак на грло на матка кај жените кои користат орални контрацептиви повеќе од 5 години.

  • 11. Предменструален синдром (ПМС)

Многу од жените кои користат орални контрацептиви доживуваат помалку ПМС симптоми. Како и да е, и други третмани и модификации на животниот стил исто така можат да придонесат кон олеснување на овие симптоми.

  • 12. Фиброидни тумори на матката

Според National Library of Medicine, оралните контрацептиви можат да бидат ефикасен третман за овој тип на тумори.

  • 13. Железо-дефицитна анемија

Овие лекови можат да ја подобрат анемијата, бидејќи ги редуцираат обилните менструални крварења.

***Оралните контрацептиви не се вистинскиот избор за секого. За некои жени, несаканите ефекти на оралните контрацептиви можат да бидат полоши и од првичните симптоми. Постои контроверзност помеѓу здравствените работници за употребата на овие синтетски хормони за оние цели за кои постојат поприродни опции на третман.

Ако мислите дека оралните контрацептиви можеби се вистинскиот избор во третманот на Вашите репродуктивни здравствени проблеми, дискутирајте ја Вашата медицинска историја со Вашиот лекар. Не ги употребувајте лековите на своја рака.

други теми од оваа рубрика:

www.doktori.mk, 25.05.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина