Медицински феномени – Крал на реките

Мартин Стрел – крал на реките

Мартин Стрел, роден 1954 г. од Словенија, е пливач на екстремно долги патеки, кој се прославил со препливување на најдолгите реки во светот. Неколку пати со ред го совладувал Гинисовиот рекорд со препливување на реките Дунав, Мисисипи и Јангце. Во 2007 г. го постигнал и најголемиот успех, препливувајќи ја најдолгата река во светот – Амазон. 5268-те километри успеал да ги помине за 66 дена. Неговото мото е дека секогаш плива за “мир, пријателство и чиста вода”.

84 часа пливање без прекин

За одбележување е и дека Мартин Стрел го држи рекордот во најдолго пливање без прекин. Во 2001 г., во реката Дунав непрекинато пливал 504 км за време од 84 часа. По тој подвиг изјавил дека спиел на неколку наврати дневно, по 10-тина минути, додека пливал краул.

Поради сите свои достигнувања, Стрел заслужено го носи називот крал на реките.

Волјата е посилна од мускулите!

На прв поглед Мартин воопшто не личи на пливач. Да не се лажеме, ни на втор или трет поглед не личи на спортист. Неговата крупна става, малце поголемиот стомак и добродушната насмевка оддаваат впечаток на човек кој никогаш во животот не се занимавал со спорт.

Освојувачот на Амазон

Препливувањето на Амазон е неверојатен подвиг, не само заради должината на испливаните километри, туку и заради сите оние ѕверки и опасности (пирани, анаконди, крокодили...) кои демнат во Амазонската прашума. Мартин верува дека опасностите го избегнале поради неговиот обичај да бара дозвола од Амазонските племиња за препливување на нивните делови од реката. Племенските шамани го благословиле неговиот подвиг и според него затоа дивиот свет го прифатил како еден од нив.

Мартин, сеќавајќи се на пливањето во Амазон, уште додава дека секој ден пиел по две шишиња црвено вино. Последните денови синот буквално го ваѓал од реката, го хранел, му давал вода и потоа го враќал пак внатре.

Мартин Стрел - пример и инспирација

Инспиративниот Мартин Стрел е доказ дека човековата волја нема граница. Човечкиот дух, големото срце и решителноста се најмоќната сила во универзумот.

“Истражувањето на најдолгите реки во светот е дел од мојот живот. Никој не ги знае Вашите можности подобро од Вас самите. Никој не може да Ви укаже дека сонот што го имате е преголем за Вас и да каже колку далеку можете да одите во животот.” - Мартин Стрел

Б.С.

www.doktori.mk, 15.05.2011

Последна вест

Најчитани статии - занимливости