12 Мај – Интернационален ден на медицинските сестри

Интернационалниот ден на медицинските сестри се слави на 12 Мај во чест на денот на раѓањето на веројатно најпознатата медицинска сестра во историјата – Флоренс Најтингејл.

Светски празник на медицинските сестри

На овој ден, секоја година во Вестминстерската опатија во Лондон се одржува служба во која симболично лампата од Капелата на медицинските сестри се пренесува од сестра на сестра и се поставува на Високиот олтар. Овој чин го симболизира пренесувањето на знаењето од една медицинска сестра на друга.

Истовремено во црквата Св.Маргарет, во Хемпшир, каде што е закопано телото на Флоренс Најтингејл, се одржува служба во првата недела по нејзиниот роденден.

Флоренс Најтингејл – основач на професијата

Флоренс Најтингејл (1820-1910) е најпознатата медицинска сестра во историјата. Англичанката Најтингејл била многу религиозна и верувала дека Бог побарал од нејзе да биде медицинска сестра. Дошла до израз со нејзината пионерска работа како сестра за време на Кримската војна (1853-1856), кога се грижела за ранетите војници. Била позната како “дамата со лампата” по нејзиниот обичај да прави обиколки помеѓу ранетите војници со лампа во ноќта. Најтингејл во 1860 г. ги поставила темелите на професионалната работа како медицинска сестра со основањето на Школата за медицински сестри во болницата Св.Томас во Лондон, првата секуларна школа за сестри во светот. За време на нејзината работа како медицинска сестра, напишала многу книги и прирачници кои ја претставуваат основата на модерната сестринска едукација.

“Таа е ангел чувар во овие болници, речено без никакво претерување. И додека нејзината витка става тивко и грациозно минува низ коридорите, лицата на кутрите војници блескаат од благодарност кога ќе ја видат" - фраза од извештај во Лондонскиот весник The Times, во текот на Кримската војна

Постои и медицински синдром, именуван по најпознатата медицинска сестра

Синдромот на Флоренс Најтингејл претставува состојба кога медицинското лице (доктор или сестра) развива длабока емоционална приврзаност кон ранлив пациент кој е во негова нега. Оваа приврзаност може да се развие и до сексуална привлечност. Според ова се чини дека именувањето на синдромот не е реално поврзано со делото на Најтингејл.

Модерни сфаќања за медицинската сестра

Денес, на медицинската сестра се гледа како на благородна професија. Медицинската сестра има задача да се грижи за лицата кои имаат потреба од здравствена нега. Нејзина цел е зачувување на здравјето и животот, работејќи чесно, пожртвувано и во границите на одредени етаблирани етички норми.

Сестрите, како и докторите, не смеат да ги дискриминираат болните поради полови, социјални, национални, верски или интелектуални разлики.

Медицинската сестра има одговорна професија и се залага за постојана професионална надградба и континуирана медицинска едукација.

“Медицинска сестра е професија која опфаќа индивидуална и колаборативна медицинска грижа за индивидуите од различна возраст, фамилиите, групите и заедниците, болни или здрави и во сите услови. Медицинската сестра е должна да го промовира здравјето, да ја превенира болеста и да ги негува болните, неспособните и луѓето кои се на умирање. Промоцијата на здрава животна средина, истражувањето, учеството во креирањето на здравствената политика и менаџирањето на пациентите, како и континуираната едукација се исто така клучни улоги на медицинската сестра” - дефиниција за медицинската сестра од Интернационалниот совет на медицински сестри

Односот доктор – медицинска сестра

Правилниот однос доктор – медицинска сестра е клучен за модерното здравство. Тој однос еволуирал многу во текот на годините, и во денешно време, поради се поголемиот број женски доктори и машки медицински сестри (или поточно - браќа), ги надрасна старите сфаќања како однос исклучиво помеѓу машко и женско.

Односот во денешно време се повеќе се базира на меѓусебна соработка и доверба. Овој модел се покажал како најуспешен во лекувањето на пациентите и предуслов за професионално задоволство кај докторите и медицинските сестри. Истовремено секогаш мора да се нагласи дека односот треба да се гради во границите на етичките и професионалните норми.

Честитка од тимот на Доктори.мк до сите медицински сестри во Р.Македонија

Ние, лекарите од тимот на доктори.мк, водени од своето лично искуство имаме огромна почит кон работата на медицинските сестри. Во секојдневните односи и контакти со нив, стануваме свесни за нивната одговорност, пожртвуваност и професионалност. Поради професијата која не поврзува, се чини дека имаме најголемо разбирање за благородноста и тежината на нивната работа. Затоа, од се срце сакаме да им го честитаме празникот – Интернационалниот ден на медицинските сестри и искрено да им порачаме: “Ние не можеме без Ваша помош!” :-)

Б.С.

www.doktori.mk, 12.05.2015

Последна вест

Најчитани статии - занимливости