Доктори.мк | Сте го пробале ли магичниот елемент? | magnezium-magicen-element | Портал за медицина и здравје

Сте го пробале ли магичниот елемент?

доктор на медицина

Магнезиумот е важен минерал, чии позитивни ефекти врз човековото здравје и неопходноста за нормално функционирање на сите, апсолутно сите системи и органи во човековиот организам се проучувани и публикувани од голем број научници и еминентни доктори во светот.

Магнезиумот во клетките

За сите хемиски реакции кои се случуваат во нашето тело е потребен катализатор, т.е. придвижувачки систем кој ќе помогне тие да се одвиваат прецизно и со прописна брзина. Тие придвижувачки системи во нашиот организам се претставени со ензимите, кои се соединенија комплексни по состав.

Најчесто се состојат од една протеинска компонента, витамин ( А, Б-комплексот, Ц, Д, Е, К, фолна киселина, никотинска киселина, ниацин, биотин итн) и минерал (цинк, бакар, манган, магнезиум итн). Магнезиумот е есенцијален ко-фактор во повеќе од 300 реакции во организмот! Ако натриумот и калциумот се најважните минерали во телесните течности и ткивната материја, тогаш калиумот и магнезиумот се најбитните елементи содржани во клеточната внатрешност.

До скоро магнезиумот во терапевтски цели се користеше само од страна на гинеколозите и акушерите кои магнезиум-сулфатот го употребуваат кај бремените жени со висок крвен притисок и со пре-еклампсија. Сега во светот магнезиумот се вклучува во третирање на бројни кардиоваскуларни заболувања (хипертензија, аритмии, хронични срцеви заболувања, пролапс на митрална валвула), сите типови на мускуло-скелетни заболувања, диjабетес, астма, превенција од создавање на жолчни камчиња, синдром на хроничен замор, епилепсии, невротски растројства и многу други.

Кои се симптомите на дефицит од магнезиум?

Недостатокот нa Магнезиум може да влијае на секој орган и секој систем во организмот!

СКЕЛЕТНИТЕ МУСКУЛИ

најчесто се болни, напнати, се јавуваат грчеви, зголемениот тонус на `рбетните мусклули предизвикува болки во вратот, грбот и половината, се јавуваат тензиони главоболки и мигрени, болки во зглобот од вилицата. Она што најчесто ги заплашува пациентите е болката во градите која се манифестира како бодеж или пресекување, а всушност е грч на градниот мускул и раздразнетост на зглобчињата од ребрените `рскавици со градната коска. Кај лицето се јавува чувство на болка при длабоко вдишување и потреба за се почесто воздивнување. Кај жените во менопауза, како и при останатите состојби каде се зголемува ризикот од остеопороза (неподвижност, терапија со стероиди и антиепилептици, состојби после скршеници и останати ендокринолошки пореметувања), покрај неопходното внесување на калциум и витамин Д, потребно е да се внесува и магнезиум и цинк , затоа што тие дејствуваат синергистички при изградбата на коскеното ткиво.

МАЗНИТЕ МУСКУЛИ

се наоѓаат во органите и нивната работа не зависи од нашата волја. Кај нив недостатокот од магнезиум се манифестира со опстипација (запек), уринарни спазми (грчеви во мочните патишта), менструални болки, грч и гушење во грлото при јадење на благо (на пример чоколада), неподносливост на силна светлина (на пример блесокот од сонцето) и неподносливост на врева (заради напнатиот мускул стапедиус во увото).

ЦЕНТРАЛНИОТ НЕРВЕН СИСТЕМ

е значително засегнат со дефицитот од овој минерал. Симптомите вклучуваат несоница, анксиозност, панични напади, немир со постојано движење, хиперактивност, агорафобија (страв од отворен простор и толпа), синдромот на хроничен замор, депресија, халуцинации и пременструална раздразливост.

ПЕРИФЕРНИОТ НЕРВЕН СИСТЕМ

реагира со вкочанетост, отрпнатост, чувство на лазење на мрави, чувство на вибрирање, штипкање, боцкање и други досадни симптоми.

КАРДИОВАСКУЛАРНИОТ СИСТЕМ

појавува бројни знаци и симптоми како што се палпитациите (срцебиење), аритмии, градна болка (ангина пекторис која настанува заради спазам на коронарните артерии), покачен крвен притисок и пролапс на митралниот залисток. Увидено е дека даден при акутен миокарден инфаркт, магнезиумот значително ја намалува смртноста и компликациите, а го скратува времето на опоравување и го подобрува закрепнувањето. Интересно е што многу од луѓето за кои што може да се претпостави дека имаат недостаток од магнезиум имаат некоја комбинација од горенаведените симптоми.Така, честопати луѓето со пролапс на митралниот залисток имаат срцебиење, анксиозни се, добиваат панични напади, ако се жени имаат тежок перименструален синдром и тежина и болка во дојките! Овие луѓе се „здрвени“ по КАРАКТЕР и напнати во сите околности. Може да чувствиваат силна потреба од внесување на многу солена или слатка храна, а сепак да имаат интолеранција кон некои шеќери. Сите овие состојби и симптоми можат да потекнуваат од недостигот на магнезиум, но сепак да имаме предвид дека тие можат да бидат резултат на некоја сериозна причина која треба да се третира на поинаков начин. Сепак доколку со физикалниот преглед се утврди дека нема таква причина, е тогаш посегнете по малку магија...

Како се дијагностицира недостатокот од магнезиум?

Одговорот е - тешко. Најголемиот дел од магнезиумот е сместен во клетките, така дури и при негов недостиг серумските нивоа можат да бидат нормални. Поточен е тестот со кој се определува нивото на магнезиум во еритроцитите (црвените крвни зрнца). Попрактичен е тестот со задршка на магнезиум. Тој се изведува така што на пациентот му се кажува да собере урина за 24 часа и се мери нивото на магнезиум во неа. Потоа му се дава инекција со магнезиум, па повторно се одредува магнезиумот во урината. Ако тој се излачил во помало количество (во однос на контролен пациент со нормални нивоа), значи дека организмот голем дел задржал и така пополнил дел од недостатокот. Сепак најпрактично е следењето на симптомите на пациентот откако ке му се дадат суплементи од магнезиум, бидејќи и доколку нема недостаток, нема апсолутно никаква штета од нивното земање.

Која храна изобилува со магнезиум?

Најсигурен начин да се внесе доволна количина на магнезиум е да се јаде разнообразна и здрава храна. Житарки во цело зрно, јаткасти овошја, семки, грав, леќа, соја, млеко и млечни производи, јајца, какао, чоколада и многу зеленчук. Зелен зеленчук, затоа што во зелената боја од растенијата се наоѓа хлорофилот, а тоа е пигмент во чиј состав главно место зазема магнезиумот. Го има и во многу овошја – банани, авокадо, грозје, кајсии...

Рибиното месо е најбогато со магнезиум, а уште еден огромен извор на кој што не смее да се заборави е водата. И тоа таа од чешма, а не флаширана, освен ако на амбалажата пишува дека е од извор природно богат со магнезиум или е збогатена. На вас сега останува да ги нападнете марулите, зелките, спанаќот, блитвата, краставиците, целерот, брокулите, оревите, семките и... бидете креативни па комбинирајте...

Превенција од дефицит преку земање на суплементи на магнезиум

Еден од најлесните начини да се внесе овај драгоцен минерал е преку оралните препарати. Постојат таблети, раствори, а нам најпознати ни се ефервесцентните (познати како шумливи) таблети што се раствораат во вода. Во нив магнезиумот е сврзан во различен облик, како оксид, хидроксид, хлорид, или таурин (комбинација која покажала многу позитивни карактеристики). Но слабоста на овие препарати е што елементарниот магнезиум што го добиваме од нив е во многу ниска доза. На нив ќе прочитате дека го има во значајно количество, но поголемиот дел од него останува врзан и неискористен, а покрај тоа и нашиот дигестивен тракт не апсорбира значаен дел. Ист е случајот и со растворите и спрејовите од магнезиум, кои пак се корисни бидејќи ги штитат непцата од воспаление и спречуваат таложење на забен камен. Ако земете премногу шумливи таблети, нема да искористите многу, затоа што магнезиумовото млеко (талогот што ви останува во чашата) има лаксативно дејство, па малку ќе заглавите во бањата. Сигурен начин е инјекционата терапија, но бидејќи е пострашна (барем за мене), задржете се на храната богата со магнезиум. Најпривлечна е трансдермалната терапија со магнезиум, каде тој се прима преку кожата. Само 30 минути бањање во море или океан ќе ви ја обезбеди комплетната дневна доза, иако важно е и колку е богата водата со овој елемент. Најбогато со магнезиум е Мртвото Море.

Дозирање и претпазливост

Препорачана дневна доза на магнезиум е 350 mg, но дози и до 1000 mg се потполно безопасни. Тоа не важи за луѓето со намалена бубрежна функција. Кај нив елиминацијата на магнезиум е намалена, така што со преголемо внесување може да дојде до пораст на нивото до токсични дози кои можат да предизвикаат депресија на централниот нервен систем дури и кома, иако е тоа е екстремно ретко и само во случаите каде бубрежната функција е значително намалена.

И сега ни останува да тргнеме во потрага по овој моќен елемент, да го најдеме магичниот извор и да црпиме малку хармонија за нашето тело. А сите Вие кои најдовте по некој симптом од тие погоре, зарем уште сте тука? :-)

Останати статии од авторот:

www.doktori.mk, 09.05.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина