Медицински феномени – 17 минути без воздух

Сите сте ја слушнале флоскулата: „Човекот без храна може да издржи 30 дена, без вода 3 дена, а без воздух 3 минути“. Многу од Вас пробале да го задржат здивот под вода за да видат колку можат да издржат. Нека кренат рака оние кои всушност издржале 3 минути под вода. Што? Нема никој?

Како дете и Дејвид Блејн го задржувал здивот под вода и иако тоа го правел подолго од своите другари, не ни замислувал дека еден ден ќе остане цели 17 минути без здив. Неговата љубов кон екстремните медицински подвизи растела постепено. Направил многу храбри (читај: глупави) подвизи од видот на лежење во мртовечки сандак 7 дена (каде што живеел само од вода) и стоење на 30 метарски тесен столб во период од 36 часа.


Неговиот фокус на крајот се насочил кон што подолгото задржување на воздухот. По консултација со еминентен неурохирург дознал дека прекинот во дишењето кој е подолг од 6 минути доведува до иреверзибилни сериозни мозочни оштетувања. Но, секако дека тоа не го поколебало. Напротив, Дејвид, чија главна преокупација е да ги прекршува медицинските правила, продолжил во својата намера да постави светски рекорд во задржување на здивот. Мора да се напомене дека тоа го направил со претходно инхалирање на чист кислород, кој брзо го прочистува јаглеродниот диоксид од организмот и дозволува подолго да се издржи без воздух. Но, тоа не ја намалува фасцинантноста на достигнувањето.

Што да се каже за човекот кој може да го задржи здивот под вода подолго од делфин или нилски коњ и чиј главен конкурент во таа област е дабарот? Гледајте го подолу објаснувањето за овој подвиг и слушнете ја приказната за едно неверојатно животно патешествие. Најдете време да го изгледате целосно видеото. Ви ветуваме дека нема да зажалите и гарантираме дека на крај ќе бидете инспирирани од Дејвид Блејн.

Б.С.

www.doktori.mk, 08.05.2011

Последна вест

Најчитани статии - занимливости