Опседнатост со естетски операции

Развој на естетската хирургија

Потпомогната од јавните личности кои се појавуваат секојдневно во медиумите, последниве години естетската хирургија зазема се позначајно место во колективната свест на сите што чезнеат за вечна младост и убавина. Статистиките покажуваат дека во последниве 10 години во САД бројот на естетски операции се зголемил за повеќе од 700%. Британците годишно на естетски операции трошат неверојатни 400 милиони долари.

Секако, некогаш пластичните козметски операции се навистина потребни и имаат реален позитивен ефект врз животите на оние кои имале некои телесни недостатоци. Овде, сепак ќе стане збор за едно пореметување кога потребата од пластични операции е нереална. Пореметување при кое козметските операции не се неопходни туку стануваат еден вид опсесија.

Нереална перцепција на сопственото тело

Во едно неодамнешно испитување од еден познат магазин, 75% од жените на возраст од 18-35 години сметаат дека се дебели. Вистината е дека само 25% од нив имаат проблем со прекумерна телесна тежина. Ваквиот вид на претерана форма на самокритика се чини дека е основа на опсесијата со естетски операции. Сето тоа е само еден облик на едно посеопфатно растројство, наречено Дисморфично телесно пореметување - Body dysmorphic disorder (BDD). Студиите покажуваат дека дури 12% од пациентите кои подлегнуваат на пластични операции го имаат ова пореметување.

Дисморфично телесно пореметување

Личностите со ова растројство, познато и како дисморфофобија, се прекумерно загрижени и преокупирани со некаков умислен дефект на сопственото тело. Таа преокупираност ги оневозможува да водат нормален социјален живот и често ги доведува до состојби на голема депресија или анксиозност.

Конкретно, лицата со опсесија за естетски операции сметаат дека тие нивни “телесни недостатоци” им попречуваат во нормалните односи со другите. Единствен излез од таа ситуација тие гледаат во хируршката корекција. Но, проблемот е што и по операциите тие се незадоволни и бараат нова “мана” што треба да се корегира. И на крај се доаѓа до ситуација кога зголемувањето на градите не е доволно па се оди на хируршка корекција на носот, липосукција на стомакот и бутовите, лифтинг на веѓите итн...

Џослин Вилденштајн - позната жртва на опсесијата со естетски операции:

Лекување на состојбата

Во лекувањето на опседнатоста освен психијатрите, клучна улога имаат и пластичните хирурзи. Етичноста на пластичниот хирург е од пресудно значење. Истиот многу лесно може да го спознае пореметувањето кај својот пациент и во тој момент мора да го советува против козметска операција. Финансискиот аспект на операцијата мора да се занемари, а клучно е да се помогне на пациентот, да се упати на право место за лекување и на крај да се одбие хируршката интервенција.

Естетските операции не се играчка!

Инаку лекувањето го води психијатар, кој користејќи когнитивна психотерапија им помага на пациентите вистински да го перцепираат своето тело. Корисна може да биде и оралната терапија (со антидепресиви и анксиолитици).

Б.С.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

 

други теми од оваа рубрика:

www.doktori.mk, 25.04.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина