Епидемија на мали сипаници – МОРБИЛИ во Република Македонија

Инфекцијата на мали сипаници и натаму се шири низ земјава. Бројот на нови случаи секој ден се зголемува. Од септември минатата година до сега има над 700 новопријавени случаи, од кои најголем број се од Скопје, Струмица и Куманово. На 12.04.2011 Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили на територијата на целата држава.

Во подолниот текст доктори.мк ќе се обиде да ви објасни што се морбилите, како се пренесува инфекцијата, кои се симптомите и како се лекува заразата.

Што се тоа мали сипаници (морбили)?

Инфекцијата со мали сипаници (морбили) е високо контагиозна, респираторна болест со карактеристична клиничка слика – осип на кожата (егзантем) и патогномоничен (својствен) енантем: Копликови точки, кои се јавуваат на букалната слузница.

Вирусот на мали сипаници (латински назив: Morbillivirus) е RNA-вирус од фамилијата Paramyxoviridae.

Морбилите имаат широка дистрибуција низ светот, луѓето се единствените природни домаќини, иако и останатите примати експериментално можат да бидат заразени.

Вакцинацијата против морбили во светот започна во шеесетите години на 20 век. Инфекцијата во денешно време е доста невообичаена во развиените земји каде што вакцината широко се употребува.

Како и да е, епидемии на мали сипаници продолжуваат да се јавуваат од време на време во земјите во развој, со што оваа инфекција е перзистентен предизвикувач на заболувања и смртност кај децата. Во 2000 година, морбилите беа на петто место од причините за смрт кај децата ширум светот, со пресметани 777 000 смртни случаи.

Како се пренесува заразата?

Вирусот на мали сипаници се пренесува преку респираторните секрети, т.н. Флигеови капки, со контакт на кожата или вдишување на истите. Пациентите се заразни од 1-2 дена пред појавата на симптомите до 4 дена по појавата на осипот. Врвот на инфективноста е во почетната фаза. Првите симптоми се јавуваат по период на инкубација од 10 дена.

Патогенеза на инфекцијата

Вирусот на морбили го инвадира респираторниот епител од каде навлегува во крвотокот. Таму ги напаѓа белите крвни клетки, преку кои потоа ја шири инфекцијата кон кожата и останатите органи. Вирусот ги оштетува Т-лимфоцитите и моноцитите и предизвикува пад на имунитетот. Инфекцијата на целокупниот респираторен систем ги дава карактеристичните симптоми на кашлање и кориза (воспаление на назалната слузница – течење на носот), истовремено создавајќи подлога за секундарна бактериска инфекција.

Клиничка манифестација на морбилите

Малите сипаници започнуваат со продромални респираторни симптоми: кашлица, кориза, конјуктивитис и треска (со високи телесни температури до 40,6 Целзиусови степени). Во оваа почетна фаза на заразата, пред појавата на осипот, може погрешно да се заклучи дека во прашање е појава на грип. Пред развивањето на осипот по кожата, во усната шуплина (букалната мукоза) доаѓа до појава на карактеристични Копликови точки (беличести точки со големина од 1-2 mm на светло црвена основа). Копликовите точки се типични за морбилите и не се јавуваат при другите заразни болести. Тие полека се повлекуваат по појавата на кожниот осип, а наскоро и исчезнуваат.

Копликови точки:

Карактеристики на кожниот осип

Осипот е еритематозен (црвен), макулопапуларен и не е поврзан со свраб и чешање. Карактеристично започнува позади ушите па се шири кон трупот и екстремитетите. Често сипаниците конфлуираат (се спојуваат). За време на осипот пациентот е во најтешката фаза на заболувањето. По четвртиот ден осипот почнува да се повлекува и тоа по истиот редослед по кој се појавил. Треската исто така се повлекува по четвртиот или петтиот ден, а доколку перзистира може да биде знак за појава на компликација на болеста. Чести симптоми се и лимфаденопатијата, дијареата, повраќањето и појавата на зголемена слезена.

Инфекцијата кај возрасните има посериозен тек (често пропратен со компликации) отколку кај децата.

карактеристичен еритематозен, макулопапуларен осип:

Симптоми на морбили:

  • 4 К (Кашлица, Кориза, Конјуктивитис, Копликови точки) – знакот на 4 К е класичен за заразата и лесно се запаметува;
  • Треска – високи телесни температури до 40,6 Целзиусови степени;
  • Кожен осип – генерализиран, еритематозен, макулопапуларен и не е поврзан со свраб и чешање;
  • Лимфаденопатија, дијареа, повраќање и спленомегалија – неспецифични, но чести симптоми.

Лабораториски и серолошки наоди

Дијагнозата на малите сипаници се востановува според клиничката слика, лабораториските и серолошките испитувања. Лабораториските наоди се карактеризираат со појава на лимфопенија и неутропенија (намалување на бројот на белите крвни зрнца). Леукоцитозата (зголемениот број на бели крвни клетки) индицира настанување на бактериска суперинфекција.

Специфична дијагноза за морбили може да се постави брзо врз основа на серолошки испитувања (се докажува врзувањето на специфичните моноклонални антитела кон вирусните антигени).

Компликации на инфекцијата:

  • Отитис медиа – честа кај доенчињата;
  • Пнеумонија – честа кај возрасните;
  • Круп – во ретки случаи води кон интубација на доенчињата;
  • Гастроентеритис – дијареата може да биде животозагрозувачка кај доенчињата;
  • Вратна лимфаденопатија – честа поради лимфоидната хиперплазија;
  • Енцефалитис – може да варира од блага до фатална форма, се јавува на 1 во 1000 случаи на морбили.

Превенција на морбилите

Во Република Македонија малите сипаници се превенираат со помош на жива атенуирана вакцина. Вакцината се дава на 13 месечна возраст во комбинација со вакцините против рубеола и заушки (паротитис). Вакцината популарно го носи името Мо-Па-Ру (Морбили-Паротитис-Рубеола). На 7 годишна возраст децата се ревакцинираат со втора доза на Мо-Па-Ру вакцината.

Сепак, пропустите во календарот на имунизација и ослабувањето на ефектот на вакцината во подоцнежните години оставаат можност за појава на епидемија на морбили.

Лекување

Терапијата за морбили е претежно супортивна и симптоматска, како и кај сите други вирусни заболувања. Контролирани студии укажуваат на бенефит по терапија со високи дози на витамин А кај децата. Рибавиринот е ин-витро ефективен и може да се користи во лекувањето на имунодефициентните индивидуи.

Препораки за борба против епидемијата во РМ

Децата и натаму се најчувствителна категорија, но заразата се шири и помеѓу возрасните кои се невакцинирани. Затоа се препорачува невакцинираните да се вакцинираат со цел да се спречи ширење на епидемијата во државава.

Во меѓувреме сите кои ќе ги препознаат горенаведените симптоми кај себе, се препорачува да се јават во локалните центри за заразни болести.

Б.С.

www.doktori.mk, 15.04.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина