Смрт од скршено срце

Нова студија утврди зголемен кардиоваскуларен ризик по смртта на саканата личност

Се чини дека луѓето кои страдаат од загуба на некој близок, се всушност со зголемен ризик за потенцијално фатални кардиоваскуларни настани, утврдува новата студија од Универзитетот за медицинска нега од Сиднеј, Австралија. Според студијата, ризикот од срцева аритмија и, уште позагрижувачки, ненадејна срцева смрт, се зголемува во шесте месеци по смртта на сопружник или дете. Авторот на студијата, Томас Бакли, директор на постипломските студии на универзитетот, ги коментира наодите:

"Додека фокусот во времето на жалост е природно насочен кон покојниот, здравјето и благосостојбата на ужалените преживеани, исто така, треба да биде предмет на интерес на медицинските лица, како и роднините и пријателите".

"Некои ужалени, особено оние што веќе се изложени на зголемен кардиоваскуларен ризик, можат да имаат корист од медицински преглед. Истите треба да побараат медицинска помош за сите можни срцеви симптоми".

Авторите на студијата го испитале проблемот преку следење на 78 ужалени сопружници и родители на возраст меѓу 33 и 91 годинa (55 жени и 23 мажи) во период од шест месеци, со почеток во рамките на две недели по загубата на своето дете или брачен другар.

Луѓето кои изгубиле блиска личност патат од нарушувања на срцевиот ритам

Срцевата фреквенција и ритмичките нерегуларности биле следени со 24-часовно Холтер-мониторирање, додека истовремено биле документирани флуктуациите во појавата на депресија и анксиозност. Резултатите потоа биле споредени со медицинските состојби на една група мажи и жени кои не доживеале загуба на некој близок.

Бакли и неговите соработници открија дека, во споредба со групата што не тагува, ужалените пациенти доживеале за два пати поголем број епизоди на тахикардии и аритмии во периодот по загубата, додека просечната срцева фреквенција им била многу повисока. Шест месеци по загубата на блискиот, состојбата меѓу ужалените се вратила во нормала. Во меѓувреме, разбирливо е дека нивото на депресија било повеќе од четири пати повисоко кај ужалените. Оваа состојба попуштила по половина година, но депресијата се уште била три пати потешка од групата која не тагува.

Психолошка димензија на кардиоваскуларниот ризик

Иако претходните истражувања покажуваа дека срцевото здравје може да биде компромитирано кај ужалените, остана нејасно што точно го предизвикува зголемениот кардиоваскуларен ризик и зошто ризикот се намалува со текот на времето. Новата студија сугерира дека постои психолошка димензија на кардиоваскуларниот ризик, центрирана околу привременото зголемување на инциденцата на стресот и депресијата. Студијата укажува на потребата за понатамошни истражувања на врската помеѓу ожаленоста и кардиоваскуларниот ризик, вклучувајќи го и потенцијалот за превентивни мерки.

www.doktori.mk, 16.04.2011

Последна вест

Најчитани статии - занимливости