Дебелината - модерна епидемија

д-р Валентина Ристеска
доктор на медицина

Дебелината (латински-obezitas) е хронична болест која се манифестира со претерано таложење на телесни масти и зголемување на телесната тежина. Секое зголемување на телесна тежина за 10% или повеќе од идеалната телесна тежина се дефинира како прекумерно.

Преваленцата на ова заболувањето во целиот свет е во пораст, со што дебелината станува една од водечките болести на модерната цивилизација.

Дебелината е ризик фактор за кардиоваскуларни заболувања, дијабетес мелитус, неоплазми и сл. Дебелината доведува до бројни и тешки компликации на многу органи и органски системи, што резултира со извесни системски нарушувања, најчесто познати како метаболен синдром. Дебелината покрај очигледните естетски, може да создаде и сериозни здравствени проблеми, коишто непосредно влијаат на квалитетот на животот на поединецот воопшто.

Дебелината се јавува кај сите возрасни групи. Во детството тој е подеднакво честа појава кај момчињата и девојчињата, а пубертетот е почеста кај жените отколку кај мажите.

Мултифакториелна болест

Денес се проценува дека дебелината се развива како последица на повеќе фактори (наследни особини, психолошки, културни, социјални, метаболни, физиолошки и патофизиолошки), што значи дека дебелината е мултифакториелна болест што обично се случува како резултат на интеракцијата на генотипот (генетските карактеристики на индивидуата) и надворешните фактори.

  • Наследни фактори

Според резултатите од некои финско-британски истражувања, се покажа дека на 16-хромозом е локализиран генот (наречен FTO) кој извесно влијае за наследувањето на дебелината. Истражувањето спроведено на повеќе од 40.000 луѓе, покажало дека луѓето кои носат два гени FTO изложени се на 70% поголем ризик од дебелеење од луѓето коишто го немаат истиот ген.

  • Фактори на животната средина

Од друга страна,како мошне влијателни фактори во развитокот на оваа болест, се јавуваат и надворешните фактори (несоодветна и неадекватна исхрана). Кога организмот е заситен со поголема количина на енергија (хранливи материи) повеќе отколку што му е потребно, истите се складираат како резервни материи во телото, што следствено резултира со зголемување на телесната тежина во случаи кога не постои баланс меѓу потрошувачката и искористливоста на хранливите материи во организмот.

  • Психогени фактори

Околу 30% од дебелите луѓе имаат психолошки нарушувања (engl. компулсивно нарушување во исхраната). Храната често служи како средство за надминување на лошите емоции (фрустрација, досада, несигурност, лутина, тага) или како утеха за различни социјални проблеми. Како резултат на тоа „обезните“ често се впуштаат во таканаречен "маѓепсан круг"(circulus vitiosus), обидувајќи се да ги надминат своите проблеми консумирајќи се поголеми количини на храна. Притоа чувствувото на подобрување е само на краток рок.

  • Физиолошки фактори

Со стареењето настанува постепено намалување на нивото на базалниот метаболизам, како и зголемување на катаболитичните процеси,за кои не е потребна дополнителна енергија. Со стареењето исто така се намалува и способноста и желбата за физичка активност, што уште повеќе ги комплицира работите (поголем внес на енергија, помала побарувачка, позитивен биланс).

Мускулната активност е најважниот начин таа енергија да се ослободи од телото. Околу 1/3 од дневната количина на енергија која се внесува во организмот ја трошат мускулите , а кај физички поактивни лица и 1/2 до 3/4 од истата . Поради тоа често се вели дека дебелината е предизвикана од премногу високиот дисбаланс меѓу внесот на храна и физичката активност(односно неактивност).

  • Патофизиолошки фактори

Болестите на лачење на некои ендокрини жлезди (хипофизата, тироидната жлезда и половите жлезди) може да бидат причина за настанок на дебелината. Исто така, лезијата на центрите за регулирање на внесот на храна во мозокот и нарушувањата (од типот на малигноми) во таа регија може да предизвикаат зголемување на телесната тежина, а сличен ефект имаат и различни генетски аномалии во метаболизмот на масните клетки, кога заради нефункционалните хемиски процеси на ниво на адипоцитите доаѓа до истиот феномен (акумулација на масни капки во клетките).

Патогенеза

Непотребното внесување на енергетски материјал, особено јагленохидрати и липиди, секогаш се одразува со таложење на маснотиите во телото. За секој 9,3 калории вишок на енергија се депонираат 1 грам маснотии во телото. Вишокот на внесени јагленихидрати се претвора во триглицериди, кои се транспортираат до ткивата и се депонираат во нив. Главниот орган во кој се случува оваа трансформација е црниот дроб. Мастите во депоата се таложат во форма на хиломикрони и липопротеини со многу ниска густина(VLDL). Триглицеридната молекула е премногу голема, за да навлезе во клетката. Триглицериди од крвта прво се хидролизираат под дејство на липазата во капиларите во слободни масни киселини. За да тие се депонираат во клетките потребен е глицерол во истите, кој потекнува од јаглените хидрати. Затоа се вели дека таложењето на мастите во масните клетки е регулирано непосредно од самиот јаглехидратен метаболизам. Прекумерниот внес на енергија се случува само за време на фазата на развој на дебелината(почетна фаза). Кога еднаш човек се здебели, единствениот услов за да остане гојазен е внесот на енергија да биде еквивалентен на потрошувачката(статични фаза). Другите патогенетски механизми кај дебелите пациенти се помалку изразени. Евентуално, може да има зголемена концентрација на слободни масни киселини и триглицериди во крвта, или благо зголемување на нивото на базалниот метаболизам.

Патофизиолошки пореметувања

Оваа болест се манифестира со промени во телесниот развој, биохемиски нарушувања и различни симптоми и знаци (зголемување на телесната тежина, промени во внатрешните органи, промени на локомоторниот апарати, појава на дијабетес, промени во кардиоваскуларниот и респираторниот систем и ментални нарушувања). Телесната градба на дебелите луѓе значајно и карактеристично се менува. Масното ткиво во телото на здрав човек се наоѓа во одредена количина и служи како резернен материјал(енергетски резерви). Тоа се наоѓа во меѓуклеточиот просторо меѓу влакната на напречно-пругастата мускулатура на скелетот. Кај дебелите луѓе масната дистрибуција е малку поинаква.

Кај мажите, мастите се акумулираат во градниот кош, горниот дел на стомакот, вратот и лицето. Кај жените, акумулацијата е главно во пределот на стомакот, глутеалната регија, и екстремитетите. Зголемувањето на количината на масти во телото на дебелите луѓе е докажано со зголемување на бројот и големината на масните клетки (адипоцити). Во крвната плазма на дебелите пациенти се зголемуваат и концентрациите на слободни масни киселини, холестерол и триглицериди во крвта, додека концентрацијата на протеини, глукоза и електролити не се менува.

Во текот на зголемувањето на телесната тежина се јавува и масна инфилтрација во некои внатрешни органи (црн дроб, панкреас и срцето) и може да се појави дури и вентрална дијафрагмална хернија.

Покачувањето на телесната тежина има последици и врз локомоторниот апарат. Дегенеративни промени се случуваат во зглобот на коленото, 'рбетот, карлицата и стапалата, што резултира со симптоми (болки) при движење. Исто така се случуваат често , и кожни промени.

Веројатно посериозни последици дебелината има на кардиоваскуларниот систем. Зголемениот обем на циркулирачката крв бара поголема работа на срцето. Ова главно се постигнува со зголемување на фреквенцијата на срцето или зголемување на минутниот волумен на срцето. Како резултат на тоа, настанува ремоделација на срцето, хипертензија (висок крвен притисок), и често хипертрофија на левата комора. Сите овие фактори можат да поттикнат развивање на срцева слабост кај дебелите пациенти.

Покрај тоа, има промени во крвните садови (атеросклероза) кои директно или индиректно можат да бидат причина за настанување на мозочен или срцев удар. Честа е и појавата на проширени вени на потколениците на нозете заради отежнатата циркулација соодветно.

Таложењето на мастите во стомакот ја намалува мобилноста на дијафрагмата и градниот кош и моше да предизвика тешкотии во дишењето кај подебелите пациенти. Затоа тие се повеќе склони кон инфекции на респираторниот систем(намалена вентилација).

Една од посериозните компликации на дебелината е појавата на дијабетес. Долгогодишниот зголемен внес на јаглени хидрати ги исцрпува бета-клетките на панкреасот кој излачуваат инсулин и тие почнуваат да произведуваат недоволни количини на истиот. Ова се манифестира со зголемени концентрации на глукоза во крвта и развојот на дијабетес.

Поврзаноста помеѓу дебелината и малигноми е предмет на бројни истражувања и денес постои веродостоен доказ за зголемена инциденца на одредени видови на рак кај дебелите пациенти. Студијата на Американското Канцеролошко друштво која се однесувала на 750.000 луѓе следени 12-години утвдила дека релативниот ризик за развој на неоплазми кај мажите е 1,33 а кај жените 1,55 кај кои постои вишок над идеална телесна тежина поголема од 40%.

Дебелите луѓе се често предмет на потсмев на животната средина. Како резултат на тоа, често кај нив се јавува ментална напнатост, губење на волјата за работа, социјална изолација , депресија и сл.

Компликации од болеста

  • Метаболно-хормонални пореметувања (дијабетес мелитус тип 2, инсулинската резистенција, дислипидемија, хипертензија),
  • Нарушувања на нивото на циркулирачките хормони и други фактори (цитокини, хормони за растење, и др),
  • Болести на органските системи (цереброваскуларна болест, срцева слабост, тромбоемболични компликации, хиповентилационен синдром, холелитијаза, масната инфилтрација на црниот дроб, дисфункција на имунолошкиот систем, заболувања на кожата),
  • Малигни заболувања,
  • Механички компликации (артритис, зголемен интраабдоминален притисок , лумбален синдром),
  • Хируршки компликации,
  • Психосоцијални нарушувања (стрес, депресија, зголемен ризик за инвалидност, компликации на работното место).

Видови на дебелина

Поделба на дебелината може да се направат врз основа на неколку критериуми.

Според дистрибуцијата на масното ткиво, два главни вида на дебелината се:

  • гиноидна или женска (круша облик) и
  • андроидна или машка (јаболко облик).

Во гиноидната дебелина вишокот на масти се акумулира под кожата на долните делови на телото, околу карлицата и бутовите. Кај овие луѓе има поголема веројатност да се појават компликации во вид на механички проблеми во движењето, слабост, периферна венска циркулација и респираторна инсуфициенција. Овој тип на дебелина може да биде присутна и кај двата пола.

Во андроиден тип (централен или висцерален тип) на дебелина мастите се акумулира во рамената област, градите и стомакот. Овој тип на дебелината е асоциран со зголемен ризик од кардиоваскуларни и метаболни компликации, како и некои облици на рак.

Во однос на хистолошките карактеристики на масното ткиво, постои поделба на:

  • хиперпластичнен и
  • хипертрофичен тип на дебелина.

Во првиот случај, се работи за зголемување на бројот на адипоцитите (кој е типичен за помлада возраст), а во другиот случај за зголемување на нивниот обем. Дебелината може да се подели според возраста на појавување и потеклото, етиопатогенетскиот механизам и така натаму.

Проценка на тежината и мерка за дебелината

Постојат неколку начини за да се пресмета оптималната телесна тежина и оценување на обемот на дебелина. Препораките на Светската здравствена организација се проценките на степенот на ухранетоста да се пресметува со користење индексот на телесна маса (engl. Body mass index). Тоа е математичка формула која е во корелација со телесните масти кај возрасните и претставува однос на телесна тежина во килограми со висината на телото изразена во метри квадратни.

B M I

индекс на телесна тежина

кг(тежина)/м(висина)2

Степен на исхранетост

Ризик од заболувања

Ризик од заболувања на основа на BMI

и коморбидитет

<18.5 потхранетост минимален Низок
18.5-25 Нормална телесна тежина низок умерен
25-30 прекумерна телесна тежина умерен висок
30-35 дебелина од I степен висок многу висок
35-40 дебелина од II степен многу висок екстремно висок
>40 дебелиа од III степен екстремно висок екстремно висок

Коморбидитет е состојба поврзана со дебелината, која се влошува со зголемување на БМИ, и често се подобрува ако дебелината се третира успешно. Коморбидитети поврзани со дебелината се: хипертензија, кардиоваскуларни болести, дислипидемија, дијабетес тип 2, ноќна апнеја, остеоартритис, неплодност, и други. Со зголемување на индексот на телесна маса се зголемува и преваленцата на компликации од дебелината, а кога вредностите се над 30 kg / m 2 на повидок е и ризикот од морталитет или смрт.

Дистрибуцијата на масното ткиво може да се процени со мерење на WHR (engl. Waste to hip ratio), што претставува односот на половината и колковите. Ова е добар индикатор за оценка на здравствениот ризик. Вредности до 1 за мажите и до 0,85 за жените се сметаат за нормални. Вредностите над овие носат ризик за заболувања, независно или поврзано со дебелината. Обемот на половината е добар показател за дистрибуцијата на телесните масти во телото. Обемот на половината е уште еден начин да се процени дистрибуција на телесните масти, особено на интраабдоминалните масти. Волумен поголем од 80 см кај жени и 94 сантиметри кај мажите е зголемен ризик, а над 88 сантиметри кај жените и кај мажите 102 см е висок ризик за појава на заболувања.

Високата стапка на стомачни масти се поврзува со хипертензија, нарушена толеранција на глукоза, хиперинсулинемија и дислипидемија. Овие симптоми се нарекуваат "синдром X". Постои взаемна врска меѓу специфичната тежина на телото и дебелината на кожиот набор, така што врз основа на специфичната тежина на телото може да се пресмета процентот на телесните масти во телото. Затоа, со мерење на дебелината на кожниот набор и поткожното масно ткиво, може да се обезбеди увид во процентот на застапеност на телесните масти во организмот. За рутинско мерење се препорачува мерење на следните четири места: над бицепс, трицепс, под скапула и над карлицата на десната страна. Вредноста на збирот се запишува во табела и се чита процентот на телесните масти. Некогаш се користела формулата на Demoleu, но денес се смета за застарена и неточна.

Епидемиологија

Бројот на дебели деца и младинци во текот на последните две децении е двојно поголема во САД. Најновите истражувања покажуваат преваленција на дебелината од 15,3% (на возраст од 6-11 години) и 15,5% (на возраст од 12-19 години).

Лекување

Лекувањето на дебелината подразбира внес на енергија под нивото на потрошувачката. Со други зборови, тоа значи делумна глад. За таа цел, создадени се голем број на диети, кои се покажаа како повеќе или помалку успешни. Исто така, постојат многу различни лекови и препарати, кои се во насока на забрзување на метаболизмот, намалување на степенот на глад, топење на маснотиите и слично. Употребата на лекови со себе носи ризик, бидејќи на неговите штетни ефекти се манифестираат на различни органи, а постојат и случаи кога луѓето се приспособуваат на лековите.

Редовната физичка активност е суштински дел на успешно лекување на дебелината и сега се препорачува како дел од здравиот начин на живот.

Превенција

Со цел да се спречи прекумерната телесна тежина треба да се урамнотежи енергетскиот баланс во организмот, односот помеѓу внесот и потрошувачка на енергија. Зголемен внес на житарици, овошје и зеленчук; намален внес на високо калорична храна, редовна физичка активност или комбинација на овие два фактора се начини за спречување на дебелината. Превенцијата вклучува препознавање на генетскитe и надворешните фактори или комбинациите од факторите на ризик за дебелина, семејство, образование препознавање на улогата на физичката активност и правилната исхрана, редовна контрола итн.

www.doktori.mk, 11.04.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина