7 Април - Светски ден на здравјетo

Светскиот ден на здравјето се прославува на 7 Април за да го означи основањето на Светската здравствена организација(СЗО). Секоја година организацијата по повод овој ден избира важно прашање поврзано со здравјето и ги охрабрува луѓето од сите возрасти и средини да го одбележат денот истакнувајќи го значењето на избраната годишна тема. Светскиот ден на здравјето претставува единствена можност да се соединат барем на еден ден луѓето и задениците ширум светот и да преземат заедничка акција во насока на подобрување на здравјето и благосостојбата на сите нас .

Оваа година темата е "антимикробната резистенција" или "отпорност кон антимикробните лекови" а мотото :

"Без акција денес, нема лек за утре"

Антимикробната резистенција (отпорноста на бактериите кон лекови) не е нов проблем, но сигурно е проблем кој станува се поопасен.

Поради ширењето и замавот кој го зема антимикробната резистенција можно е следното сценарио: секое или сите откритија на антимикробни лекови од минатиот век да бидат на некој начин "изгубени", односно неупотребливи. Како резултат на тоа можно е да стане неможно контролирањето на многу инфективни болести и истите рапидно да се рашират низ целиот свет.

Заради тоа СЗО оваа година го насочува вниманието кон неопходноста од борба со ширењето на отпорноста на лекови, преку зајакнување на мерките кои се превземаат против оваа закана. Потребни се итни и обединети напори за да се избегне враќање во предантибиотската ера.

Што се тоа антимикроби лекови?

Антимикробни лекови се лекови кои се користат за третман на инфекции предизвикани од микроорганизми(бактерии, габи, паразити и вируси). Откривањето на антимикробните лекови е еден од наголемите напредоци во историјата на човештвото. Како резултат на овие откритија значајно е намалено страдањето од болестите и се спасени билиони животи во изминатите 70 години.

Антимикробни лекови се антибиотиците, антифунгиците, антипаразитните лекови и антивиротиците.

Што е тоа антимикробна резистенција?

Антимикробната резистенција, уште позната и како отпорност кон лекови настанува кога бактериите, вирусите, габите и паразитите се менуваат станувајќи отпорни кон лековите кои претходно се употребувале за нивно уништување. Штом микроорганизмите станат отпорни кон повеќето антимикробни лекови жаргонски се нарекуваат и "супер-бубачки". Ова е огромен проблем и причина за аларм затоа што резистентната инфекција предизвикана од вакви супер отпорни организми може да доведе до смрт кај индивидуата и да се рашири на други индивидуи. Таа воедно претставува и огромен трошок како за индивидуите така и за општеството.

Развојот и настанувањето на антимикробната резистенција е во голема мера потпомогнат од несоодветната употреба на лекови. Еден пример за тоа е кога се земаат супстандардни дози на лекови или кога предвреме се прекинува терапијата препишана од лекар. Понатаму за неа придонесуваат лекови со слаб квалитет, погрешно избрана терапија и лоша конртрола врз инфекциите. Недостатокот од посветеност на властите ширум светот кон ова прашање, лошиот надзор над спроведувањето на политиките во здравствените системи и намалувањето на алатките кои се користат за дијагностицирање, лекување и превенција ja отежнува контролата над отпорноста кон лековите.

Како да му пристапиме на проблемот?

СЗО го предлага следниот пакет на стратегии за борба со антимикробната резистенција:

  • финансирање на национални планови и стратегии со вклучување на граѓанското општество
  • зајакнување на надзорот и капацитетот на лабораториите
  • обезбедување на постојан пристап до есенцијалните лекови со потврден квалитет
  • регулација и промовирање на рационална употреба на лековите(вклучително и на употребата при одгледувањето на животни), како и осигурување на правилна нега на пациентите
  • поттикнување на превенирањето на инфекциите и засилување на контролата врз истите
  • помагање на иновациите, истражувањата и развојот на нови алатки

обработка: Б.Ш.

извор: World Health Organization

www.doktori.mk, 07.04.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина